Најважното прашање
Најважното прашање
„ДАЛИ постои Бог? Зарем имало некогаш поважно прашање од ова?“ прашал генетичарот Френсис С. Колинс. Со ова истакнал една многу силна поента. Ако нема Бог, нема друг живот освен сегашниов и, кога станува збор за прашања поврзани со моралот, нема авторитет над нас, не одговараме пред никого.
Некои луѓе се сомневаат дека Бог постои затоа што многу научници не веруваат во него. Меѓутоа, понекогаш популарните гледишта можат да бидат многу погрешни, како што ќе видиме во следната статија.
За жал, многу од религиите во светот уште повеќе ги збунуваат луѓето затоа што изнесуваат учења кои се во судир со веќе утврдените научни сознанија. Типичен пример за тоа е идејата дека Бог го создал светот во период од шест дена од по 24 часа пред неколку илјади години — идеја што нема никаква поткрепа во Библијата.
Поради ваквиот наплив од противречни теории и филозофии, многумина престануваат да ја бараат вистината за постоењето на Бог. Но, има ли нешто повредно — и од поголемо значење за нас — од тоа да најдеме точен одговор на едно толку суштинско прашање? Се разбира, никој од нас не го видел Бог, ниту бил очевидец на создавањето на вселената и животот. Значи, и да веруваш и да не веруваш во Бог, потребен е извесен степен на вера. Но, каква вера?
Вистинската вера се темели на цврсти докази
Верата — барем во извесна мера — игра важна улога во нашиот живот. На пример, се вработуваме и очекуваме да бидеме платени за работата. Садиме нешто, уверени дека семето ќе никне. Имаме доверба во пријателите. Сигурни сме во непроменливоста на законите што владеат во универзумот. Ваквата вера се темели на информации, односно на докази. Така и верата дека Бог постои се темели на докази.
Во Евреите 11:1, Библијата вели: „Верата е... доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“. Еден друг превод гласи: „Вера е увереност во нешто што не си го видел“ (Радосна Вест). Да го објасниме тоа со еден пример: Се шеташ по плажа и одеднаш чувствуваш како тлото почнува да се тресе. Потоа забележуваш дека водата невообичаено се повлекува од брегот. Јасно ти е на што укажува ова — следи цунами! Земјотресот и повлекувањето на водата се „доказ“ за она што уште не се гледа, за брановите што се приближуваат. Бидејќи, на темел на информациите што ги знаеш веруваш дека ќе има цунами, бегаш на повисоко, безбедно место.
Верата во Бог исто така треба да се темели на информации, односно на уверливи докази. Само тогаш Бог може да ти стане реален, вистинска личност, иако не се гледа. Мораш ли да бидеш научник за да ги испиташ и да ги процениш доказите? Нобеловецот Владимир Прелог признал дека дури и „добитниците на Нобелова награда не се покомпетентни од другите да зборуваат за Бог, за религија и за живот после смртта“.
Ако искрено ја бараш вистината, тоа ќе те поттикне објективно да ги испиташ доказите и да дозволиш тие да те водат до исправниот заклучок. Какви докази ни стојат на располагање?
[Слика на страница 3]
Земјоделецот има вера дека семето ќе никне и ќе даде род