Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Најславниот Мексиканец

Најславниот Мексиканец

Најславниот Мексиканец

● На почетокот од 16 век, кога стигнале во Мексико, шпанските конквистадори пробале еден локален пијалак наречен пулке, направен од ферментиран сок од растението агава. Слично на пивото, и пулке има низок процент на алкохол. Содржи и растителни протеини, јаглехидрати, витамини и минерали, па затоа во многу делови од Мексико се користи и како додаток во исхраната.

Навикнати со јадењето да пијат алкохолни пијалаци, Шпанците по кратко време почнале да го дестилираат сокот од агава за да добијат појак пијалак, наречен мескал. А овој пијалак е претходник на денешната текила. Денес, во Мексико има десетици дестилерии кои произведуваат над 189 милиони литри текила, од кои 40 отсто се наменети за извоз.

Во сушните планински предели во западниот дел на централно Мексико, претежно во државата Халиско близу градот Текила, по кој пијалакот го добил своето име, се засадени овоштарници со сина агава, сочно растение сродно со семејството кринови. * За да порасне, на растението агава му се потребни 12 години, а во текот на тој процес впива многу минерали. При бербата се сечат шилестите листови, а се остава срцевината во форма на ананас, која се нарекува пиња. Таа е полна со сок, а нејзината просечна тежина е 50 килограми. За да се добие 1 литар текила, потребни се околу 7 килограми пиња.

Многу Мексиканци сакаат да пијат чиста текила, со малку сол и парче лимета. Меѓу странците попопуларна е маргаритата — коктел од текила, сок од лимета и ликер од портокал, кој се служи со кршен мраз во чаша на чиј раб има налепено сол. * Текилата, која се продава во околу 90 земји, со право се смета за најславниот Мексиканец.

[Фусноти]

^ пас. 4 Во Мексико има 136 видови агава, а неколку од нив се користат за пулке и други алкохолни пијалаци. Но, текила се прави само од сината агава.

^ пас. 5 Библијата не го осудува умереното пиење алкохол (Псалм 104:15; 1. Тимотеј 5:23). Но, ги осудува прекумерното пиење и опивањето (1. Коринќаните 6:9, 10; Тит 2:3).