Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Во Германија, 7 од 10 бебиња веќе ги има на интернет. Родителите им отвораат профили, имејл адреси или ставаат фотографии или слики од ултразвук. Меѓутоа, експертите предупредуваат на претпазливост, бидејќи фотографиите ставени на интернет може да останат таму засекогаш (BABY UND FAMILIE, ГЕРМАНИЈА).

Според владините статистички податоци, во Русија секоја година умираат 14.000 жени како последица од семејно насилство (RIA NOVOSTI, РУСИЈА).

Снегот што паѓа на Монт Еверест на надморска височина од 6.858 до 7.752 метри содржи ниво на арсен и кадмиум кое во водата за пиење се смета за опасно. Според некои, вината за тоа е загадувањето предизвикано од човечки фактор (SOIL SURVEY HORIZONS, САД).

Единствената компанија во Кина што има дозвола да печати Библии неодамна го отпечати својот 80-милионити примерок. Оваа компанија печати 1 милион Библии месечно — четвртина од вкупниот број што моментално се печатат во светот (XINHUA, КИНА).

„Малку повеќе од 10 отсто од возрасните Американци (10,1 отсто), кои биле воспитани како католици, ја напуштиле Католичката црква“ (NATIONAL CATHOLIC REPORTER, САД).

Природни катастрофи во 2010

Една голема осигурителна компанија регистрирала 950 природни катастрофи во светот во 2010, што е над просекот од минатата деценија од 785 катастрофи годишно. Петте најразорни катастрофи беа земјотресите во Кина, Хаити и Чиле, поплавите во Пакистан и топлотниот бран во Русија во кој десетици илјади луѓе загинаа од жештината и загадениот воздух. Пепелта од исландскиот вулкан што ја прекри северна Европа не нанесе многу директни штети, но речиси го парализираше авиосообраќајот. Во Австралија, две бури со силен град предизвикаа штета од околу 1,5 милијарди евра. Според лондонскиот весник The Telegraph, „вкупната материјална штета, како и штетите што не ги покрива осигурувањето, од 35 милијарди евра лани, сега стигна до 92 милијарди“.

Дали неандерталците биле како нас?

Во весникот New Scientist пишуваше: „Со години се мислеше дека неандерталците биле на пониско ниво од Homo sapiens, но овој став сега се менува, затоа што способностите за кои научниците сметаа дека ги имаме само ние, очигледно ги имале и тие“. Новите откритија посочуваат дека неандерталците граделе засолништа и огништа, го контролирале огнот, ја готвеле храната, правеле алатки и измислиле лепак со кој го лепеле врвот на копјето за рачката. Се грижеле и за болните, носеле украси со симболично значење и ги погребувале мртвите. Според Ерик Тринкаус, професор по антропологија на Универзитетот во Сент Луис (САД), „неандерталците биле луѓе, веројатно со исти ментални способности како нас“.