Тингатинга — уметност што мами насмевка
Тингатинга — уметност што мами насмевка
„ТИНГАТИНГА уметноста е одраз на детето во нас — смешна, весела и разиграна“, пишува Даниел Аугуста, директор на Здружението на Тингатинга сликари. Главна тема на оваа уметност е Африка — нејзиниот животински свет и култура, посебно животинскиот свет и културата во Танзанија, од каде што и потекнува овој уметнички стил.
Стилот Тингатинга го добил името по неговиот зачетник Едвард Саид Тингатинга, роден во 1932 год. Природата и животните што ги гледал додека растел во своето село во јужна Танзанија очигледно оставиле длабок впечаток врз Едвард. Кога имал околу 25 години, си заминал од дома за да бара работа и подобар живот. Подоцна, отишол во Дар ес Салам, главниот град на Танзанија, и нашол работа како градинар. Навечер, својата уметничка дарба ја преточувал во музика и танц, па дури и станал познат изведувач.
Пресвртница во животот на Едвард била 1968 год. Тогаш се вработил како болничар во Државната болница „Мухимбили“ во Дар ес Салам. Додека работел таму, наоѓал време за да ги оживее своите спомени и впечатоци од детството, развивајќи сопствен стил на сликање. Така се родила уметноста Тингатинга. Бидејќи не можел да купи сликарски четки, бои, пигменти и други работи што му биле потребни за неговите слики, Едвард користел материјали што ги имало во секоја железарија. На пример, сликал со емајл боја за велосипеди, а како „платно“ му служеле плочи лесонит кои од едната страна биле мазни и полирани, поради што биле идеални за сјајни слики.
Сликарскиот стил на Едвард бил едноставен. За позадината користел една или две бои, а на сликата бил прикажан само еден предмет — африканско животно со јаки бои, и обично со пренагласени црти. Не додавал никакви други детали.
Едвард дозволувал да го гледаат само неколку блиски пријатели и роднини додека сликал. За кратко време, некои од нив му
станале „ученици“, а неговиот стил стекнувал сѐ поголема популарност.Уште од првата слика, карактеристични за уметноста Тингатинга се јаките бои и поедноставените ликови со нагласени контури. Но, низ годините овој стил се развивал и на сликите почнале да се додаваат сѐ повеќе детали и фигури. Всушност, некои уметници на своите слики прикажуваат луѓе, животни и разни предмети.
Извор на инспирација
Уметноста Тингатинга има непресушен извор на инспирација — богатиот растителен и животински свет на Африка: антилопи, биволи, жирафи, зебри, лавови, мајмуни, нилски коњи, слонови и други животни, како и разни цвеќиња, дрвја, птици и риби — посебно оние со впечатливи бои. Како позадина најчесто се користи највисоката планина во Африка, Килиманџаро, која се наоѓа во североисточна Танзанија.
Целта на современата уметност Тингатинга е да ги долови луѓето во Африка и нивната култура. На ваквите уметнички дела може да се види раздвижен пазарен ден, посета во болница или секојдневниот селски живот.
Уште од своите почетоци, уметноста Тингатинга им овозможува на талентираните Африканци да се изразат, а во исто време и да заработат. Приврзаниците на овој стил сега имаат здружение на сликари со седиште во Дар ес Салам. Некои сѐ уште се држат за традиционалното сликање со емајл боја за велосипеди. Да беше Едвард Тингатинга жив денес (почина во 1972 год.), популарноста на неговиот уметнички стил несомнено ќе му измамеше широка насмевка на лицето.