Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата

Дали во некои случаи хомосексуалноста е оправдана?

Дали во некои случаи хомосексуалноста е оправдана?

ВО МНОГУ земји хомосексуалноста станува сѐ поприфатена. Група верници од една црква во САД вели дека, поради „современите сфаќања“, треба да се даде ново толкување на она што Библијата го кажува за хомосексуалноста. И еден пастор во Бразил, кој неодамна стапил во брак со лице од ист пол, се залага за „нов пристап кон Библијата“, во обид да најде основа за современото гледиште што го има неговата црква.

Од друга страна, оние што не ги одобруваат хомосексуалните активности често се етикетирани како хомофоби или како луѓе со предрасуди. Но, што всушност вели Библијата за хомосексуалноста?

Што вели Библијата?

Библијата не поттикнува на предрасуди кон луѓето. Сепак, јасно кажува кое е нејзиното гледиште за хомосексуалните активности.

„Не легнувај со машко како што легнуваш со жена. Тоа би било одвратно“ (3. Мојсеева 18:22).

Како дел од Мојсеевиот закон, оваа забрана била еден од многуте морални закони кои му биле дадени конкретно на израелскиот народ. Сепак, заповедта јасно покажува како гледал Бог на хомосексуалните активности, сеедно дали ги вршеле Евреи или не-Евреи. Ова го потврдуваат зборовите: „Тоа би било одвратно“. Кај соседните народи на Израел биле вообичаени хомосексуалноста, инцестот, прељубата и други работи кои Законот ги забранувал. Од таа причина, Бог ги сметал тие народи за нечисти (3. Мојсеева 18:24, 25). Дали со основањето на христијанството се сменило гледиштето на Библијата? Размисли за следниов стих:

„Бог ги препушти на срамни сексуални страсти: нивните жени ги заменија природните односи со противприродни, а така и мажите ги оставија природните односи со жената и во својата страст се распалија едни по други, па мажи со мажи го прават она што е срамотно“ (Римјаните 1:26, 27).

Зошто Библијата вели дека хомосексуалните активности се противприродни и срамотни? Затоа што во нив спаѓаат сексуални односи што не биле дел од намерата на нашиот Творец. Од нив не може да произлезе потомство. Библијата ги споредува хомосексуалните активности со сексуалните односи што бунтовните ангели, кои станале демони, ги имале со жените пред Потопот во времето на Ное (1. Мојсеева 6:4; 19:4, 5; Јуда 6, 7). Бог го смета за противприродно и едното и другото.

Има ли фактори што ја оправдуваат хомосексуалноста?

Некои можеби се прашуваат: ‚Дали генетиката, средината или траумите, како што е траумата од сексуална злоупотреба, се оправдание некој да им се препушти на хомосексуалните желби?‘ Не, не се. Размисли за следниов пример: Некој можеби има склоност кон алкохолизам, која според некои научници е наследна, или, пак, можеби пораснал во семејство во кое било вообичаено многу да се пие. Се разбира, повеќето би сожалувале некој што е во таква ситуација. Сепак, никој нема да го поттикне таквиот да продолжи да пие или да се откаже од борбата со алкохолот само затоа што е роден со таква склоност или пораснал во такви услови.

Слично на тоа, Библијата не ги осудува оние што се борат со хомосексуални склоности, но во никој случај не ги оправдува оние што им се препуштаат, без разлика дали причината за нив е генетиката или нешто друго (Римјаните 7:21-25; 1. Коринќаните 9:27). Наместо тоа, Библијата дава практична помош и охрабрување за оние што водат борба да не попуштат пред хомосексуалните желби.

Како гледа Бог на оние што имаат хомосексуални желби?

Библијата нѐ уверува дека Бог сака „најразлични луѓе да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Иако Божјата Реч не ги одобрува хомосексуалните активности, таа не ги поттикнува луѓето да ги мразат хомосексуалците.

Божјето гледиште за хомосексуалноста не може да се разводнува. Во 1. Коринќаните 6:9, 10, Библијата јасно кажува дека ‚мажите што легнуваат со мажи‘ се меѓу оние што „нема да го наследат Божјето царство“. Но, во 11. стих ја наоѓаме следнава утешна мисла: „А такви беа некои од вас, но испрани сте, посветени, прогласени сте за праведни во името на нашиот Господар Исус Христос и со духот на нашиот Бог“.

Очигледно, оние кои имале искрена желба да му служат на Бог онака како што сака тој биле добредојдени во раното христијанско собрание. Истото важи и денес за сите искрени лица што сакаат да му угодат на Бог, но не така што ќе бараат ново толкување на Библијата, туку така што ќе живеат во склад со она што таа го кажува.

ШТО МИСЛИШ?

● Што вели Библијата за хомосексуалните активности? (Римјаните 1:26, 27)

● Дали Библијата нѐ поттикнува да имаме предрасуди кон луѓето со хомосексуални желби? (1. Тимотеј 2:4)

● Дали е возможно да се контролираат хомосексуалните желби? (1. Коринќаните 6:9-11)

[Слика на страница 29]

Дали треба да се даде ново толкување за Божјето гледиште во врска со хомосексуалноста?