Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Никогаш не е предоцна да станеш Божји пријател

Никогаш не е предоцна да станеш Божји пријател

Никогаш не е предоцна да станеш Божји пријател

Раскажал Олави Ј. Матила

„Сте помислиле ли некогаш дека можете добро да го запознаете Творецот?“ Еден Јеховин сведок ми го постави ова прашање и добро ме замисли. Тогаш бев над 80 години и имав запознато многу влијателни луѓе, па дури и политички лидери. Но, си мислев, може ли човек на мои години да го запознае Бог и да му стане пријател?

РОДЕН сум во октомври 1918 год. во Хивинка (Финска). Уште од мал почнав да помагам околу фармата. Моето семејство чуваше добиток, коњи, кокошки и гуски. Научив напорно да работам и да се гордеам со она што ќе го сработев.

Додека растев, моите родители ме учеа дека е важно да се стекне образование. Затоа, кога завршив средно, се запишав на факултет и заминав од дома. Почнав да се занимавам и со атлетика и се запознав со претседателот на Атлетската федерација на Финска, Урхо Кеконен. Не ни помислував дека г. Кеконен ќе стане премиер на Финска, а подоцна и претседател на државата, функции на кои помина околу 30 години. Освен тоа, ни на ум не ми паѓаше колкаво влијание ќе има тој во мојот живот.

Углед и моќ

Во 1939 год., дојде до заострување на односите помеѓу Финска и Советскиот Сојуз. Во ноември истата година, бев регрутиран. Отпрвин имав задача да ги обучувам резервистите, а подоцна бев командант на еден митралески вод. Борбите се водеа во Карелија, погранична област меѓу Финска и Советскиот Сојуз. Летото 1941 год., додека се боревме во близина на градот Виборг, бев тешко ранет од шрапнел, па ме одведоа во една воена болница. Поради повредите, не можев повеќе да учествувам во борбите.

Во септември 1944 год., бев отпуштен од војската и повторно се вратив на факултет. Продолжив да се занимавам и со атлетика. Бев трикратен државен првак, двапати во штафета и еднаш во трка со пречки. Освен тоа, дипломирав на два факултета — технолошки и економски.

Во меѓувреме, Урхо Кеконен стана влијателна личност во светот на политиката. Во 1952 год., за време на неговиот мандат како премиер, ме замоли да служам како дипломат во Кина. Таму запознав неколку владини функционери, меѓу кои и Мао Ѕедунг, тогашниот водач на Кина. Сепак, најважната личност што ја сретнав во Кина беше една прекрасна млада жена по име Аники, која работеше за Министерството за надворешни работи на Финска. Таа ми стана сопруга во ноември 1956 год.

Следната година бев префрлен во финската амбасада во Аргентина. Таму ни се родија првите деца, нашите два сина. Во јануари 1960 год. се вративме во Финска. По кратко време, добивме уште едно дете — ќерка.

На највисоки државни положби

Иако никогаш не бев член на некоја политичка партија, во ноември 1963 год., претседателот Кеконен ми понуди да бидам министер за надворешна трговија. Следните 12 години служев во шест различни влади, двапати како министер за надворешни работи. Во тоа време бев цврсто убеден дека проблемите во светот може да се решат со човечки напори. Но, за кратко време станав потполно свесен за незаситната жед за власт на човекот. Од прва рака можев да ги видам лошите последици од недовербата и зависта (Проповедник 8:9).

Се разбира, видов дека има и многу луѓе кои искрено сакаат да го подобрат светот. Но, на крајот, дури и најдобронамерните политичари не успеваат да ги остварат своите цели.

Летото 1975 год., државници од 35 земји дојдоа во Хелсинки за да присуствуваат на Конференцијата за европска безбедност и соработка. Во тоа време, бев министер за надворешни работи и близок советник на претседателот Кеконен. Бев задолжен за организацијата на овој настан и имав можност да се запознаам со сите државни лидери присутни на конференцијата.

Во текот на тие неколку дена, моите дипломатски вештини беа испитани до крајни граници. Предизвик беше дури и да се направи распоред за седење што ќе им одговара на сите! Меѓутоа, мислев дека конференцијата, како и неколкуте состаноци потоа, помогнаа да се направат подобрувања во поглед на човековите права и да се постигне потолерантен однос меѓу суперсилите.

Свесен за моите духовни потреби

По пензионирањето во 1983 год., се преселивме во Франција, каде што живееше нашата ќерка. Но, тогаш се случи една трагедија. Во ноември 1994 год., на Аники ѝ беше дијагностициран рак на дојката. Истата година, се заплеткав во инвестициски план што на крај се покажа како измама. Цел живот напорно се трудев да задржам добро име. Но, само една погрешна одлука ми ја извалка репутацијата.

Повеќепати во животот имав разговарано со Јеховините сведоци. Иако ми се допаѓаше кога ќе дојдеа кај мене и земав списанија од нив, бев многу зафатен и немав време за духовни работи. Во 2000 год., Аники сѐ уште се бореше со ракот, а јас се грижев за неа. Еден септемвриски ден во 2002 год., ме посети еден Јеховин сведок. Тој ми го постави прашањето што го спомнав на почетокот од статијата. Се прашував: ‚Дали е навистина можно да се дознае вистината за Бог? Можам ли да станам негов пријател?‘ Ја пронајдов мојата Библија, која со години ја немав отворено, и почнав редовно да дискутирам со Сведоците на разни библиски теми.

Во јуни 2004 год., мојата драга сопруга почина и јас останав сам. Се разбира, моите деца ми даваа емотивна поддршка. Но, сѐ уште не ми беше сосема јасно што се случува по смртта. Кога прашав двајца лутерански свештеници за тоа, тие само ми рекоа: „Тешки се тие прашања“. Не бев задоволен од нивниот одговор. Станав уште посвесен за моите духовни потреби.

Проучувајќи ја Библијата со Сведоците, стекнував сѐ поточно знаење, знаење по кое копнеев отсекогаш. На пример, Библијата објаснува дека смртта е несвесна состојба слична на сон и дека мртвите имаат можност повторно да живеат како луѓе на Земјата (Јован 11:25). Ова ми влеа надеж и многу ме утеши.

Кратко потоа, ја прочитав целата Библија. Ме одушеви стихот од Михеј 6:8, каде што стои: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ Ми се допаднаа мудроста и едноставноста на оваа мисла. Тој стих ми откри и колку праведен е Јехова Бог и колку нѐ сака.

Надеж за иднината

Како што ја дознавав вистината за Бог, така растеа и мојата вера и доверба во него. Развивав вистинско пријателство со мојот Творец! Бев одушевен од зборовите во Исаија 55:11: „Така ќе се исполни мојата реч што излегува од мојата уста. Нема да се врати кај мене без плод, туку ќе го направи она што го сакам и ќе го изврши она поради кое сум ја испратил“. Бог ги исполнил сите свои ветувања досега, а ќе продолжи да ги исполнува и во иднина. Тој ќе ја оствари целта што не успеале да ја постигнат многу човечки влади и многуте нивни политички конференции. На пример, во Псалм 46:9 стои: „[Бог] ги прекинува војните до крајот на земјата“.

Од голема помош ми е тоа што одам на состаноците на Јеховините сведоци. Таму со свои очи можам да ја видам љубовта по која се распознаваат вистинските следбеници на Исус (Јован 13:35). Оваа љубов се издигнува над национализмот и е непоимлива за светот на политиката и трговијата.

Најголемата чест

Сега имам преку 90 години и сметам дека тоа што сум Јеховин сведок е најголемата чест што некогаш сум ја имал. Не чувствувам повеќе духовна празнина. Имав чест да ја пронајдам смислата на животот и вистината за Бог.

Мило ми е што дури и на оваа возраст можам да бидам доста вклучен во христијанските активности. Иако во животот сум запознал многу луѓе со голема моќ и големи одговорности, ништо не може да се спореди со честа да го познаваш Творецот, Јехова Бог, и да бидеш негов пријател. Многу сум му благодарен и сакам да го фалам за оваа можност да станам еден од неговите „соработници“ (1. Коринќаните 3:9). Никогаш не е предоцна да станеш пријател на Творецот, Јехова Бог!

[Слика на страница 25]

Со претседателот Кеконен и американскиот претседател Форд на конференцијата во Хелсинки (1975)

[Слика на страница 25]

Со претседателот Кеконен и советскиот лидер Брежњев

[Слика на страница 26]

Учествувам во христијанските активности

[Извори на слики на страница 25]

Долу лево: Ensio Ilmonen/Lehtikuva; долу десно: Esa Pyysalo/Lehtikuva