Опасност од измама на интернет
Опасност од измама на интернет
Вилијам, пензиониран наставник од Флорида (САД), добил имејл за кој мислел дека е од неговиот интернет провајдер. Во мејлот пишувало дека се изгубени информациите за неговите сметки. Вилијам го пополнил прикачениот формулар и го испратил во повратна порака. Без да знае, неговите лични податоци завршиле кај Шива, криминалец од Квинс (Њујорк). Следниот ден, Шива го искористил бројот на кредитната картичка на Вилијам за да купи преку интернет принтер за печатење лични документи. Мејлот што го добил Вилијам бил еден од 100-те илјади што Шива ги испратил на разни корисници. Полицијата извести дека околу 100 луѓе одговориле на неговата порака и биле измамени.
Една 56-годишна жена од Квинсленд (Австралија) почнала љубовна врска со еден човек за кого мислела дека е инженер од Британија. Таа веќе му имала испратено 47.000 американски долари пред да се открие дека, всушност, се работи за 27-годишен измамник од Нигерија. a
ЗА ЖАЛ, измамата на интернет е честа појава. Во статијата „Состојбата на интернет во 2010“ што излезе во списанието Consumer Reports, стоеше: „Заканата од опасност на интернет вртоглаво расте, а тоа ги чини корисниците милијарди долари. Бројот на напади со вируси драстично се зголеми во однос на минатата година, а беа погодени 40 отсто од домаќинствата во САД што користат интернет. Некои од нив се пожалија дека повеќепати имале ваков проблем“. Пред да разгледаме како можеш да се заштитиш од такви напади, прво да видиме некои од многуте начини на кои дејствуваат криминалците.
Како го прават тоа?
Голем број од измамите на интернет се прават преку имејл. Пораката што ја добил Вилијам се нарекува
„фишинг“. Како што мамката ја намамува рибата да загризе, таквиот мејл го наведува примачот да ги даде својата лозинка, бројот на кредитната картичка или информации за банковната сметка на веб-страница што изгледа автентично но, всушност, е фалсификувана. Измамниците може да дојдат до твојата имејл адреса со помош на компјутерска програма наречена имејл екстрактор.Некои такви „фишинг“ пораки можат да ја постигнат својата цел дури и ако не внесеш никакви податоци. Само со отворање на пораката може да ти се вовлече шпионска програма. Таквите програми може да бележат сѐ што се прави на твојот компјутер. Некои од нив бележат кои копчиња ги притискаш на тастатурата за да ти ја пробијат лозинката и за да дојдат до твоите лични информации. Други те упатуваат на некој измамнички сајт. Би можел ли некако да се заштитиш?
Што можеш да сториш
Биди внимателен кога добиваш мејлови со сомнителни линкови. Понекогаш, еден Тројански коњ може да им овозможи на измамниците да навлезат во твојот компјутер без твое знаење, а со тоа да добијат пристап и до твоите лични информации. Друг начин на кој измамниците успеваат да дојдат до вредни податоци и да вметнат шпионски програми е преку форумите, порнографските страници, социјалните мрежи и веб-страниците што нудат програми од непознат извор. Освен тоа, никогаш немој да одговараш на мејлови што ветуваат неверојатна заработка.
Можеби некогаш си добил порака дека компјутерот ти е во опасност или дека со кликнување на пораката можеш да добиеш бесплатни скрин сејвери. Ако кликнеш, може да активираш шпионска програма.
Внимавај и ако бараш работа на интернет. Измамниците користат лажни сајтови за да земаат „претплата за регистрација“, па дури и за да дојдат до лични финансиски податоци.
Крадците денес се доволно паметни за да ги пробијат базите на податоци на разни компании или финансиски институции и да украдат информации. Во јануари 2007 год., група криминалци влегле во компјутерскиот систем на синџир продавници во САД и дошле до податоците на милиони потрошувачи, вклучувајќи и информации за нивните кредитни картички. Во Нигерија, криминалци успеале да влезат во базите на податоци на неколку банки и украле 1,5 милиони ПИН-кодови за да можат да вадат пари од банкоматите. Сега на интернет цвета црн пазар каде што нечесни работници и хакери продаваат информации од украдени кредитни картички, а може да се купи и потполно нов идентитет.
[Фуснота]
a Разбудете се! во неколку наврати предупреди колку се опасни љубовните врски преку интернет. Повеќе информации има во Разбудете се! од 8 август 2005, страници 12-14 и во српското издание на Разбудете се! од 22 мај 2005, страници 12-14.
[Рамка на страница 11]
„Фишинг“ порака: Имејл што го наведува примачот да ги даде својата лозинка, бројот на кредитната картичка или информации за банковната сметка на веб-страница што изгледа автентично но, всушност, е фалсификувана
Шпионска програма: Програма која бележи сѐ што се прави на твојот компјутер
Тројански коњ: Програма која го пробива безбедносниот систем на компјутерот додека врши навидум безопасна функција
[Рамка/слики на страници 12 и 13]
Не станувај жртва
ЗА ДА НЕ СТАНЕШ ЖРТВА НА ИЗМАМА, ПРЕЗЕМИ ГИ СЛЕДНИВЕ ЧЕКОРИ:
1. Секогаш нека ти е вклучена антивирусната програма и редовно прави апдејт на твојот оперативен систем, на апликациите и на антивирусната програма.
2. Редовно прави резервни копии од твоите фајлови, а копиите чувај ги на безбедно место.
3. Биди разумен. Не верувај веднаш на сѐ што ќе видиш на интернет. Во Изреки 14:15 пишува: „Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори“.
4. Немој да си алчен (Лука 12:15). Чувај се од „бесплатни“ понуди или веб-страници на кои се продаваат производи по претерано ниска цена. Тоа може да биде „фишинг“ напад.
5. Внимавај кога добиваш мејлови од непознат извор или инстант пораки, особено ако во нив има линкови или ако се бараат лични информации, како што е потврда на лозинката (Изреки 11:15).
6. Избирај лозинки што другите тешко би ги погодиле. Одвреме-навреме менувај ги лозинките и не користи иста лозинка за различни профили.
7. Информации за твојата кредитна картичка или за твојата банковна сметка давај само на угледни и безбедни веб-страници.
8. Внимавај точно да ја исчукаш веб-адресата, особено на финансиските институции. Една мала грешка може да те пренасочи на некоја измамничка веб-страница.
9. Користи шифрирани конекции кога пренесуваш осетливи податоци, на пример, податоци за кредитната картичка, и одјави се од сајтот веднаш штом ќе завршиш.
10. Внимателно и често прегледувај ги трансакциите на твојата кредитна картичка и извештаите на твојата банковна сметка. Штом ќе забележиш некоја непозната трансакција, веднаш стапи во контакт со компанијата.
11. Биди внимателен кога користиш безжични (Wi-Fi) конекции, зашто крадците може да украдат информации и да те пренасочат на измамнички веб-страници.
12. Секогаш кога на екранот ќе ти се појави прашање дали сакаш да ти биде запамтена лозинката, кликни ‚не‘. Тројанските програми може да дојдат до твоите зачувани лозинки.