Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Службата за заштита од штетници беше изненадена кога доби повик да фати лисица на 72. кат од еден облакодер во изградба во центарот на Лондон. Животното, кое „се хранело со остатоците од храна што ги оставале работниците“, било пуштено во близина (THE TELEGRAPH, ЛОНДОН).

За 76,3 отсто од возрасните вклучени во една анкета спроведена во Германија, флертувањето е „сосема безопасно“ и „не обврзува на одговорност“. Речиси половина од испитаниците рекле дека е сосема во ред некој што е во брак да флертува со непознато лице (APOTHEKEN UMSCHAU, ГЕРМАНИЈА).

Една анкета спроведена на државно ниво покажа дека 48 отсто од Русите сметаат дека терористичките напади станаа „потполно очекувана појава“ и „составен дел од животот“ (KOMMERSANT, РУСИЈА).

„Во еден неразумно смел обид што потсетува на средновековна опсада“, мексиканските шверцери неодамна испробаа нова метода за да ја избегнат пограничната контрола — на приколка поставија „гломазен катапулт“ со силен ластик „за да префрлаат дрога кон север“, преку границата со САД (НОВИНСКА АГЕНЦИЈА „РОЈТЕРС“, САД).

Во градот Њујорк, „два од секои пет случаи на бременост“ завршуваат со абортус. Соодносот „речиси и не е сменет повеќе од десет години“ (THE NEW YORK TIMES, САД).

Свештениците влегуваат во политиката „со Господ напред“

„Синодот на Руската православна црква одобри, во исклучителни случаи, нејзини свештеници да се кандидираат за политичка функција за да ја заштитат црквата од раскол и други директни закани“, известува новинската агенција RIA Novosti. Според една изјава на владиците, такви околности настануваат кога мора „да се дејствува против некои сили, како што се разединувачките влијанија и влијанијата на другите вери кои, со помош на политиката, сакаат да ѝ се спротивстават на Православната црква“.

Нови правни проблеми

Методите во репродуктивната медицина, кои некогаш се сметаа за научна фантастика, предизвикуваат проблеми во правосудството. „Секоја година се раѓаат сѐ повеќе деца од сперма или ембрион што биле чувани со месеци или години“, стои во списанието The Wall Street Journal. „Во некои случаи, едниот од родителите е веќе починат, обично таткото.“ Во САД, некои сирачиња добиваат месечен надомест со решение од центрите за социјална работа. Но, државите во САД имаат различни закони во врска со тоа дали таков надомест треба да добиваат и децата зачнати по смртта на еден од родителите. „Технологијата отиде многу подалеку отколку што законот можеше да предвиди“, вели Сони Милер, адвокат од Минесота.