Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Чесноста — пат до вистинскиот успех

Чесноста — пат до вистинскиот успех

Чесноста — пат до вистинскиот успех

„Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15).

ЗАРАБОТУВАЊЕТО пари е неопходен дел од животот. Имаме одговорност пред Бог да се грижиме за себе и за своето семејство (1. Тимотеј 5:8).

Меѓутоа, што ако на парите и на она што може да се купи со нив почнеш да гледаш како на нешто повеќе отколку само средство за егзистенција? Што ако ти станат најважното нешто во животот? Оние чија главна цел им е да се збогатат, полесно се решаваат на нечесност за да го остварат тоа. Тие обично предоцна сфаќаат дека нечесноста, всушност, само ги оддалечува од вистинскиот успех. Освен тоа, како што вели Библијата, љубовта кон парите носи многу маки (1. Тимотеј 6:9, 10).

Размисли за следниве четири лица за кои богатството не е мерило за успех.

Самопочит

„Пред неколку години интервјуирав еден потенцијален клиент кој сакаше да купи полиса за осигурување на живот во вредност од милион долари. Мене ми следуваше провизија од илјадници долари. Тој ми рече дека, ако сакам да склучиме договор, треба да му дадам половина од провизијата. Тоа не само што беше неетички туку и незаконски, и директно му го кажав тоа.

Се обидов да го вразумам со тоа што го прашав дали навистина би сакал да му ги даде своите доверливи лични и финансиски податоци на некој што е нечесен. Повторно му го кажав мојот став и му реков да ми се јави ако сака да купи полиса за осигурување. Никогаш повеќе не го видов.

Да ја прифатев неговата понуда, ќе се погазев себеси како христијанин и ќе ја изгубев самопочитта. Ќе му станев роб на човек кој сакаше да ме вовлече во една нечесна зделка“ (Дон, САД).

Внатрешен мир

Како што видовме во првата статија, на Дени му била понудена голема сума пари за да излаже дека фабриката на потенцијалниот набавувач ги задоволува стандардите. Што направил тој?

„Му се заблагодарив на менаџерот за вечерата и потоа му го вратив пликот со пари. Тој продолжи да навалува и ми рече дека, ако ја изберам неговата фабрика, наградата ќе биде уште поголема. Сепак, го одбив.

Да ги земев парите, ќе живеев во страв да не ме откријат. Подоцна, мојот шеф некако дознал што се случи. Ми олесни и бев многу среќен што не направив ништо нечесно. Се сетив на Изреки 15:27, каде што пишува: ‚Кој стекнува неправедна добивка, го доведува својот дом на лош глас, а кој мрази поткуп, ќе живее‘“ (Дени, Хонг Конг).

Среќен семеен живот

„Работам како самостоен градежник. Има многу можности да се измамат муштериите или да се прикријат даноци. Но, јас и моето семејство гледаме колкава е користа од тоа што сум решен да останам чесен.

Да се биде чесен значи да се биде чесен во сѐ, а не само во работата. Тоа што знаеш дека маж ти или жена ти нема да ги погазат Божјите мерила за чесност придонесува за поголема доверба во семејството. Твојот брачен другар се чувствува сигурен затоа што знае дека си чесен, не само кога ти одговара туку секогаш.

Можеш да ја имаш и најголемата компанија во светот, ама со пари не се купува мир во семејството. Како Јеховин сведок, сфаќам дека следењето на библиските начела помага да се биде урамнотежен. Имам време да бидам со семејството, наместо да го следам темпото што го диктира овој свет кој е под контрола на парите и алчноста“ (Дарвин, САД).

Добар однос со Бог

„Работам како набавувач во фирмата. Понекогаш добивам разни предлози од агентите за продажба. На пример, наместо на фирмата да ѝ го дадат целиот попуст што ѝ следува, ми нудат јас да земам процент од прометот. Но, така, всушност, би крадела од мојата фирма.

Не заработувам многу и добро би ми дошол дополнителен приход. Но, нема ништо повредно од тоа да имаш чиста совест и добар однос со Јехова Бог. Затоа, во секоја зделка се држам за библиското начело од Евреите 13:18, каде што стои: ‚Сакаме во сѐ да постапуваме чесно‘“ (Ракел, Филипини).

[Рамка/слики на страница 9]

Начела за чесност во работата

Прифатените етички норми во бизнисот се разликуваат од место до место. Меѓутоа, библиските начела може и треба да бидат нормите по кои ќе се водиме за да донесуваме етички исправни одлуки. Оној што е чесен во работата се одликува со следниве шест карактеристики:

Ја кажува вистината

Начело: „Не лажете се еден со друг“ (Колошаните 3:9).

Човек од збор е

Начело: „Кога ќе речете: ‚Да‘ тоа нека значи ‚да‘ а кога ќе речете: ‚Не‘ тоа нека значи ‚не‘“ (Матеј 5:37).

Доверлив е

Начело: „Не откривај ги туѓите тајни“ (Изреки 25:9).

Чесен е

Начело: „Не примај мито зашто митото ги заслепува и оние што јасно гледаат“ (2. Мојсеева 23:8).

Праведен е

Начело: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12).

Го почитува законот

Начело: „Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара данок — данок“ (Римјаните 13:7).

[Рамка/слики на страница 9]

Како да останеш чесен во работата

Одреди што ти е важно. На пример, колку ти е важно да стекнеш богатство, а колку да имаш добар однос со Бог?

Одлучи однапред. Размисли во кои ситуации би можела твојата чесност да биде ставена на испит и испланирај како ќе реагираш.

Јасно кажи си го ставот. Кога почнуваш на ново работно место, тактично кажи им на другите кои се твоите мерила.

Барај помош од други. Кога си на искушение или кога си соочен со морална дилема, побарај совет од некој што има исти вредности како тебе.

[Слика на страница 8]

Ако си чесен, ќе имаш внатрешен мир