Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Ама нос!“

„Ама нос!“

„Ама нос!“

ОВА често се слуша кога луѓето првпат ќе видат носест мајмун со обесен, месест нос. * Кај мажјакот, носот може да порасне речиси 18 сантиметри, што е отприлика четвртина од должината на неговото тело. Бидејќи носот на мажјакот му виси преку устата и брадата, мора да го трга кога јаде! Кога човек би имал толкав нос, би му достигал речиси до половината на градите.

Дали ваквиот нос има некаква функција? * Постојат разни претпоставки. Можеби носот го испушта вишокот телесна топлина или, пак, го засилува гласот на мајмунот. Друга можност е дека служи како предупредување за другите мажјаци. И навистина, кога е лут или кога е возбуден, носот на доминантниот мажјак отекува и се вцрвува. Можно е носот да има улога и во привлекувањето партнер — кога женката ќе го здогледа, просто ѝ затреперува срцето! Но, најверојатно носот има повеќе функции, можеби дури и некои за кои знаеме малку или воопшто не знаеме.

Полнички мешиња

Носестите мајмуни — и мажјаците и женките — имаат и испакнато стомаче. Всушност, нивниот желудник може да собере речиси четвртина од нивната телесна тежина. Како резултат на тоа, и мажјаците и женките изгледаат како нон-стоп да се трудни! Зошто имаат такво полничко меше?

Желудникот на носестиот мајмун, исто како желудникот на кравата, е полн со течна мешавина од билки и бактерии. Бактериите ја ферментираат храната и ги разложуваат целулозата и извесни растителни отрови што би биле смртоносни за другите животни. Благодарение на нивниот неверојатен дигестивен систем, носестите мајмуни можат да се хранат со лисја и плодови без шеќер, како и со семе од мешунки, палми и други растенија — храна која би ги убила приматите кои имаат поинаков желудник.

Меѓутоа, издржливиот дигестивен систем на носестиот мајмун има и лоша страна. Овој мајмун не смее да јаде плодови со шеќер кои брзо ферментираат. Таквите плодови би му го подуле стомакот, дури до тој степен што би предизвикале болна смрт.

Поради исхраната богата со целулоза и сложениот желудник, на носестите мајмуни им треба многу време за да ја сварат храната. Затоа, по обилен појадок, си отпочинуваат — понекогаш и со часови — пред да јадат повторно.

Дружељубиво животно

Сеедно дали јадат или се одмораат, носестите мајмуни ретко се сами. Доминантните мажјаци имаат цели хареми, понекогаш и од осум женки сосе нивните младенчиња. Кога ќе пораснат доволно за да се грижат самите за себе, мажјаците што се родени во групата мораат да си заминат. Тие млади мајмуни се здружуваат со други млади мажјаци и формираат групи во кои, исто така, има еден или двајца поголеми мажјаци. Лаик може да помисли дека се работи за харем.

Носестите мајмуни имаат необична навика — харемите често се мешаат, особено навечер кога се собираат покрај реките. Во тие прилики, некој мажјак може да почне фалбаџиски да ја покажува својата сила ако смета дека друг мажјак се интересира за неговите девојки. Обично заштитничкиот мажјак — кој може да има и 20 килограми — застанува на сите четири со широко отворена уста и втренчено гледа во својот соперник. „Ако со тоа не го постигне саканиот резултат“, пишува во книгата Носестите мајмуни од Борнео (Proboscis Monkeys of Borneo), „тогаш мажјакот неочекувано почнува да скока по дрвјата, обично гласно рикајќи и дорипнувајќи на суви гранки кои се кршат со гласен ’рскот, што уште повеќе ја зголемува вревата.“ Доаѓа и до тепачки, но ретко.

„Носестите мајмуни не само што имаат необичен изглед туку испуштаат и најразлични чудни звуци“, пишува во книгата цитирана погоре. Овие животни гровтаат, трубат, рикаат и квичат, особено навечер кога се собираат покрај некоја река. Среде целата таа врева, мајките може мирно да си ги ранат или да си ги поштат своите бебиња со синкасти лиценца. Конечно, кога во шумата ќе зазори, животните веќе си имаат најдено удобно место на дрвјата — обично високи дрвја покрај река — каде што мирно си заспиваат.

Мајмуни со мембрана на стапалата!

Освен носот, овие мајмуни имаат уште една необична карактеристика — на стапалата имаат мембрана. Тоа им овозможува не само добро да пливаат туку и вешто да одат низ калливата шума од мангрови дрвја. Се разбира, кога ќе се спомне тропска мангрова шума, веројатно помислуваме и на крокодили. Во местата каде што живеат носестите мајмуни врие од крокодили. Како овие мајмуни што живеат покрај реки успеваат да не им станат оброк на крокодилите?

Еден начин е со тоа што бесшумно влегуваат во реката и пливаат во кучешки стил еден зад друг без да направат макар и едно бранче. Но, кога реката е тесна, користат друга тактика. Се качуваат високо на некое дрво, скокаат во реката од гранка што е можеби 9 метри над водата и почнуваат да пливаат колку што можат побрзо. Ова го прават дури и мајки со своите бебиња на нив. Понекогаш цела група ќе се пушти во реката и трескавично плива до другата страна! Меѓутоа, најголемиот непријател на овие мајмуни не е крокодилот.

Загрозен вид

Носестите мајмуни, кои се на листата на загрозени видови, сега ги има само неколку илјади во нивното природно живеалиште, а тој број и понатаму опаѓа, главно поради човечки фактор. Меѓу причините предизвикани од човек се пожарите, уништувањето на шумите, неконтролираниот туризам и сечењето на дрвјата за да се направат плантажи со маслодајни палми. Друг фактор е ловот. Некои луѓе ги убиваат носестите мајмуни за забава. Други ги убиваат за храна или за да ги користат во традиционалните лекови. Овие животни се особено лесен плен затоа што не е тешко да се забележат додека спијат на дрвјата покрај реките. Во една област во која често има ловци со моторни чамци, бројот на мајмуните опадна за 50 отсто во рок од пет години!

Поборниците за заштита на природата се обидуваат да ја подигнат свеста на јавноста за лошата ситуација во која се наоѓа овој мајмун, кој во Борнео е заштитен со закон. Но, дали овие мерки ќе бидат успешни? Времето ќе покаже. Ако носестиот мајмун биде истребен, тоа ќе биде страшна трагедија зашто, со сите свои чудни карактеристики, тој е навистина интересен за проучување! Освен тоа, ова животно не се снаоѓа добро во заробеништво.

Се разбира, носестиот мајмун е само едно од многуте суштества со мрачна иднина. Безброј други видови веќе се истребени. Но, да гледаме позитивно — Бог има намера да преземе целосна контрола над Земјата, да ги отстрани злобните и да го поучи својот народ како исправно да се грижи за нашата планета (Изреки 2:21, 22). „Повеќе нема да се прави зло и нема да се пустоши на целата моја света гора“, ветува Јехова Бог, „зашто земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Исаија 11:9).

[Фусноти]

^ Носестиот мајмун живее на островот Борнео. Мештаните го нарекуваат ова животно оранг беланда, или „Холанѓанец“.

^ И женките имаат голем нос, но не толку голем како мажјаците.

[Слика на страница 12]

Носестите мајмуни имаат впечатлив нос и испакнато стомаче

[Извор на слика]

© Peter Lilja/age fotostock

[Слика на страница 13]

Носот на мажјакот му виси преку устата и мора да го трга кога јаде

[Извор на слика]

© Juniors Bildarchiv/Alamy

[Слика на страница 14]

Сеедно дали јадат или се одмораат, носестите мајмуни ретко се сами

[Извор на слика]

© Peter Lilja/age fotostock