Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што вели Библијата

„Вистината ќе ве ослободи“ — како?

„Вистината ќе ве ослободи“ — како?

МИЛИОНИ луѓе се сметаат себеси за слободни, но всушност не се. На пример, многумина се под ропство на разни суеверија. Други се плашат од мртвите и се обидуваат да ги успокојат со скапи дарови. Трети живеат во претеран страв од смртта бидејќи не знаат што се случува кога човек ќе умре. Дали овие луѓе можат да бидат ослободени од таквите психички, емоционални, па дури и финансиски товари? Да! Како што ни покажуваат зборовите на Исус цитирани во насловот, вистината е единствената работа која може да ги ослободи луѓето. Но, која е таа вистина? Вистината општо земено или некоја друга вистина?

Исус бил многу јасен во врска со тоа. „Ако останете во моите зборови“, рекол тој, „ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Исусовите „зборови“, односно учења се запишани во Библијата.

Кога Исус рекол „вистината ќе ве ослободи“, тој првенствено мислел на ослободување од гревот и од смртта. Сепак, тоа што ја знаеме вистината од Божјата Реч нѐ ослободува и од работи како што се суеверија, страв од мртвите и претеран страв од смртта. Како?

1. Нѐ ослободува од суеверија. Многумина веруваат дека одредени предмети или броеви носат несреќа. Други, пред да донесат некоја важна одлука, бараат некаков предзнак, читаат хороскоп или одат кај јасновидци.

Како нѐ ослободува вистината од Библијата: Во библиски времиња, дури и некои слуги на Бог станале суеверни до тој степен што почнале да ги обожаваат „богот на Среќата“ и „богот на Судбината“! Како гледал Јехова Бог на тоа? Тој рекол: „Го правевте она што е зло во мои очи“ (Исаија 65:11, 12). Бог рекол нешто слично и за оние што сакаат да стапат во контакт со духовите: ‚Секој што повикува духови му е одвратен на Јехова‘ (5. Мојсеева 18:11, 12).

Суеверијата и јасновидците можат да ни наштетат затоа што тие се ‚сплетки на Ѓаволот‘, кого Исус го нарекол „татко на лагата“ (Ефешаните 6:11; Јован 8:44). Ако ти треба помош за некоја важна работа, дали би му се обратил на некој лажливец? Секако дека не! Затоа, мудро е да избегнуваме сѐ што е поврзано со ‚таткото на лагата‘.

Клучот кој ќе ни помогне да носиме добри одлуки во животот е мудроста што ја добиваме од тоа што темелно ги знаеме библиските начела и Божјата намера со човештвото. Во Изреки 2:6 стои: „Јехова дава мудрост, од неговата уста доаѓаат знаењето и проникливоста“.

2. Нѐ ослободува од стравот од мртвите. Многумина веруваат дека „духовите“ на починатите предци можат да влијаат врз живите. Тие мислат дека овие „духови“ треба да бидат успокоени со разни дарови за да не се разлутат. За да купат такви дарови и за да направат скапи обичаи, некои запаѓаат во големи долгови.

Како нѐ ослободува вистината од Библијата: Библијата ни ја кажува вистината за состојбата во која се наоѓаат мртвите. На пример, Исус рекол дека мртвите спијат (Јован 11:11, 14). Што мислел со тоа? Одговорот го наоѓаме во Проповедник 9:5, каде што стои: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“. Да, мртвите се како во длабок сон, потполно несвесни. Всушност, тие престанале да постојат и затоа не можат да ни направат ниту добри ниту лоши работи.

Но, некои луѓе тврдат дека разговарале со човек кој починал. Како е можно тоа? Повторно, одговорот ни го дава Библијата. Во неа читаме дека на почетокот од човечката историја, голем број ангели се побуниле против Бог (2. Петрово 2:4). Овие злобни суштества, кои се наречени демони, се обидуваат да ги заведат луѓето (1. Тимотеј 4:1). Еден начин на кој го прават тоа е така што се преправаат дека се некое починато лице и со тоа ги лажат луѓето дека мртвите живеат во некој друг облик или во некој друг свет.

3. Нѐ ослободува од претеран страв од смртта. Како што вели Библијата, смртта навистина е непријател на човечкиот род (1. Коринќаните 15:26). Затоа, не е чудно што се плашиме од неа и што не сакаме да умреме. Но, не треба да имаме претеран страв од смртта.

Како нѐ ослободува вистината од Библијата: Освен што ни ја кажува вистината за состојбата на мртвите, Библијата ни открива и дека Бог има намера да ги врати мртвите во живот преку воскресение. Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот [Христовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).

Во каков облик ќе „излезат“? Исус воскреснал повеќе луѓе што умреле и со тоа ни го дал одговорот. Сите што ги воскреснал се вратиле во живот како луѓе, во истиот облик како пред да умрат (Марко 5:35-42; Лука 7:11-17; Јован 11:43, 44). Ова е во склад со зборот „воскресение“ кој на изворниот грчки јазик значи „станување“. На својот остарен слуга Даниел, Бог му рекол: „Ќе почиваш [или ќе починеш], но на крајот од деновите ќе станеш за да го добиеш своето наследство“ (Даниел 12:13). Овие зборови сигурно многу го утешиле Даниел и му помогнале храбро и достоинствено да се соочи со смртта!

Една од причините зошто Исус дошол на Земјата била ‚да проповеда ослободување на заробените‘ — оние кои биле во ропство на лажните учења (Лука 4:18). Бидејќи неговите учења можат да се најдат во Библијата, секој ден многу луѓе добиваат ослободување. Од сѐ срце се надеваме дека вистината од Библијата и тебе ќе ти донесе вечно ослободување.

ШТО МИСЛИШ?

Како вистината од Библијата нѐ ослободува од

● суеверија? (Исаија 8:19, 20; 65:11, 12)

● стравот од мртвите? (Проповедник 9:5; Јован 11:11, 14)

● стравот од смртта? (Јован 5:28, 29; Дела 24:15)

[Истакната мисла на страница 11]

Вистината од Библијата ги ослободува луѓето од суеверија, од стравот од мртвите и од претераниот страв од смртта