Вистинска правда под Божјата влада
Вистинска правда под Божјата влада
БИБЛИСКИТЕ пророштва откриваат дека наскоро Бог ќе го замени сегашниов свет со нов. Освен тоа, тој нов свет ќе има само една влада — Божјето Царство чиј Цар е Исус Христос (Откровение 11:15). Како Божјето Царство ќе ја затре неправдата? Тоа ќе го постигне на два начина.
1. Божјето Царство ќе ги уништи неправедните, неуспешни човечки влади. Во Даниел 2:44 пишува: „Во деновите на тие цареви [влади], небесниот Бог ќе подигне царство... Тоа ќе ги сотре и ќе ги уништи сите други [човечки] царства, а самото ќе стои довека“.
2. Божјето Царство ќе ги уништи злобните луѓе и ќе ги зачува праведните. Во Псалм 37:10 читаме: „Уште малку, и злиот ќе го снема“. А во 28. стих пишува: „Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек“.
Тие „лојални“ ќе го доживеат исполнувањето на она што Исус го кажал во молитвата Оченаш. Тој рекол: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Која е Божјата волја за Земјата?
Кога Божјето Царство ќе владее на Земјата...
Нема повеќе да има корупција и угнетување. Во врска со Исус Христос во Евреите 1:9 стои: „Ја сакаше праведноста и го мразеше беззаконието“. Како владетел кој е навистина праведен, Исус „ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник... Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа, нивната крв ќе биде скапоцена во негови очи“ (Псалм 72:12-14).
За секого ќе има изобилство храна. „Земјата ќе го даде својот род, ќе нѐ благослови Бог, нашиот Бог“ (Псалм 67:6). „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“ (Псалм 72:16). Во една прилика, Исус со чудо нахранил илјадници луѓе — со што дал само мала претстава за она што ќе го направи преку Божјето Царство (Матеј 14:15-21; 15:32-38).
Правдата нема да биде задушена поради човечките слабости. „Нема создание кое е скриено пред неговиот поглед, туку сѐ е голо и откриено пред очите на оној кому ние мораме да му поднесеме сметка“ (Евреите 4:13). Во врска со Христос, читаме: „Нема да суди според она што го гледа, ниту ќе укорува според она што го слуша. По правда ќе им суди на сиромасите, праведно ќе укорува, бранејќи ги кротките на земјата“ (Исаија 11:3, 4).
Царството е близу!
Сѐ полошата состојба во светот е потврда дека крајот е на прагот. „Кога злите никнуваат како трева и цветаат сите што прават зло, тоа е за да бидат истребени засекогаш“, стои во Псалм 92:7. Што можеш да направиш за да не бидеш меѓу оние што Бог ќе ги уништи, туку меѓу оние што тој ќе ги зачува? Исус Христос рекол: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).
Сакаш ли и ти добро да ги запознаеш Бог и Христос? Ако да, како Хајди, Дороти и Фајрудин, спомнати претходно, и ти би можел да зборуваш за тоа со Јеховините сведоци. Ќе им биде мило да ти одговорат на прашањата бесплатно и без никакви обврски.
[Рамка/слика на страница 9]
КОГА СЕ ЧИНИ ДЕКА ЖИВОТОТ Е НЕПРАВЕДЕН
Кога имала седум години, лекарите утврдиле дека Емили, која живее во САД, има леукемија. Единственото нешто со што нејзините врсници се бореле одвреме-навреме биле настинка или грип, но Емили поминала долги години во лекување, вклучувајќи и хемотерапија. „Леукемијата е страшна!“ вели таа.
Иако животот ѝ нанел тежок удар, Емили не се предала на очајот. Напротив, таа го чека времето кога, под Божјето Царство, „никој од жителите нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24). Емили вели: „Мојот омилен стих е Марко 12:30: ‚Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила‘. Кога му се молам на Јехова, тој ми дава сила. Му благодарам за моето семејство, за моето собрание и за надежта засекогаш да живееме во Рајот на Земјата. Оваа надеж многу ми помага“.
[Слики на страници 8 и 9]
Под Божјето Царство, сите луѓе ќе имаат изобилство храна, како и вистинска правда и живот без никакви предрасуди