Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Компјутерски напад!

Компјутерски напад!

Компјутерски напад!

ЗАМИСЛИ СИ еден вод од професионални компјутерски криминалци кои со помош на интернет управуваат со цели мрежи од хакирани компјутери. Ваквата војска од компјутери, позната како ботнет (од robot и network), испраќа порој од штетни компјутерски шифри насочени кон конкретна земја. За само неколку минути, паѓаат воените, финансиските и комерцијалните веб-страници на таа земја. Се блокираат банкоматите и телефонските мрежи. Стопиран е авиосообраќајот, а компјутерскиот и безбедносниот систем на нуклеарната централа е пробиен. Како ќе реагираат луѓето? Што ќе направат? Што ќе направиш ти?

Можеби оваа замислена ситуација се чини нереална. Но, според Ричард А. Кларк, поранешен шеф на Државната агенција за безбедност, заштита на инфраструктурата и антитероризам, нешто слично може да се случи и во реалноста. Всушност, компјутерските напади не се ништо ново. * Можеби дури и ти си бил жртва на таков напад.

Зошто некој би се обидел да изврши компјутерски напад? Како изгледа еден таков напад? А со оглед на тоа дека компјутерските напади врз поединци се вообичаени, како можеш да се заштитиш?

Дигитална војна

Компјутерски напади се вршат од разни причини. На пример, терористите или владите можеби ќе пробаат незабележливо да се вовлечат во компјутерските мрежи на непријателот за да крадат тајни или да ја саботираат опремата управувана од тие компјутерски мрежи. Во 2010 год., заменик-секретарот за одбрана на САД Вилијам Џ. Лин III признал дека странските „непријатели“ постојано ги напаѓале и ги пробивале строго доверливите компјутерски мрежи на САД и украле „илјадници фајлови... во кои спаѓаат нацрти за оружје, планови за воени операции и разузнавачки податоци“. (Види ја рамката  „Некои понови компјутерски напади“.)

Компјутерските криминалци користат слични методи за да крадат интелектуална сопственост или финансиски податоци од мрежите на фирмите или од персоналните компјутери. Се вели дека криминалците заработуваат милијарди долари годишно преку измамнички електронски трансакции.

Овие измамници имаат пристап до огромен број хакирани компјутери преку кои можат да нападнат други компјутери. Во 2009 год., една фирма за безбедност на интернет разоткри една криминална банда што имала под контрола речиси два милиони компјутери низ целиот свет, а многу од нив биле персонални компјутери. Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) неодамна процени дека секој трет компјутер со интернет пристап е управуван од натрапник. Како е со твојот компјутер? Би можел ли некој да го управува без да знаеш?

Притаени натрапници

Замисли си ја следнава ситуација. Еден криминалец пушта злонамерен софтвер преку интернет. Кога ваквиот софтвер ќе влезе во твојот компјутер, ја испитува неговата антивирусна програма. Штом ќе открие слабост, навлегува длабоко во твојот компјутер и проверува сѐ што имаш. * Потоа, злонамерниот софтвер може да менува или да брише податоци од твојот компјутер, да се препрати себеси преку мејл до други компјутери, да му испрати на криминалецот лозинки, финансиски податоци или други доверливи информации.

Компјутерските криминалци можат дури да те намамат сам да си го заразиш компјутерот! Како? Тоа може да се случи ако отвориш навидум безопасен документ прикачен на имејл, ако кликнеш на линк за некоја веб-страница, ако симнеш или инсталираш бесплатна компјутерска програма, ако приклучиш заразен мемориски уред или ако отидеш на извесна веб-страница. Со секоја од овие операции може да инсталираш злонамерен софтвер на твојот компјутер и да му дадеш слободен пристап на некој натрапник.

Како да знаеш дали твојот компјутер е заразен? Тоа не е секогаш лесно да се открие. Твојот компјутер или интернет врска може да работи многу бавно, програмите да не се активираат, да ти се појавуваат поп-ап прозорчиња за да инсталираш некои програми или да се случуваат чудни работи на компјутерот. Ако забележиш вакви симптоми, однеси го компјутерот на добар сервисер.

‚Внимавај на своите чекори‘

Бидејќи и државите и поединците сѐ повеќе ја користат компјутерската технологија, најверојатно компјутерските напади ќе зачестат. Затоа, многу земји забрзано работат на подобра заштита, а некои вршат опсежни тестирања за да утврдат колку нивните компјутерски мрежи се отпорни на напади. Сепак, Стивен Чабински, експерт за компјутерска безбедност во ФБИ, признава дека „со доволно време, мотивација и средства, оној што наумил да влезе во некој систем секогаш — секогаш — ќе успее во тоа“.

Што можеш да сториш за да го заштитиш твојот компјутер од напад? Иако не е можна апсолутна заштита, можеш да преземеш некои практични чекори. (Види ја рамката „Заштити се!“) Библијата вели: „Паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15). Ова е навистина добар совет кога станува збор за интернет!

[Фусноти]

^ Компјутерски напад е намерен обид да се изменат, нарушат или уништат компјутерски системи или мрежи и информациите или програмите што тие ги складираат или ги пренесуваат (Државен истражувачки центар на САД).

^ Според некои извештаи, во 2011 год., хакерите можеа да детектираат најмалку 45.000 слабости во компјутерските мрежи. Искористувајќи ги овие слабости, тие најчесто се обидуваат да инсталираат злонамерен софтвер (малвер) на нечиј компјутер без знаење на сопственикот.

[Истакната мисла на страница 26]

Измамниците имаат пристап до огромен број хакирани компјутери

[Истакната мисла на страница 27]

Според ОЕЦД, секој трет компјутер со интернет пристап е управуван од натрапник

[Рамка на страница 27]

 НЕКОИ ПОНОВИ КОМПЈУТЕРСКИ НАПАДИ

2003: Компјутерскиот вирусен црв Slammer брзо се рашири преку интернет, при што за само десет минути зарази околу 75.000 компјутери. * Брзината на интернет сообраќајот драстично се намали, паднаа некои веб-страници, беа блокирани некои банкомати, беа откажани авиолетови и беа пробиени компјутерските и безбедносните системи на една нуклеарна централа.

2007: Естонија беше мета на серија компјутерски напади насочени главно кон владата, медиумите и банките. Повеќето напади беа извршени од хакирани компјутерски мрежи (ботнети), по што повеќе од еден милион компјутери од 75 земји испратија порој од лажни барања за информации до компјутерите кои им беа цел.

2010: Софистицираниот црв Stuxnet го зарази компјутерскиот систем што ја контролира работата на една нуклеарна централа во Иран.

[Фуснота]

^ Компјутерските црви се злонамерни програми кои автоматски се копираат себеси од компјутер на компјутер преку интернет. Како и секоја друга злонамерна програма, компјутерските вируси обично имаат свое име, како што е Slammer.

[Рамка на страница 28]

ЗАШТИТИ СЕ!

1. Инсталирај на компјутерот антивирусна програма, програма за откривање на „спајвер“ (spyware) и „огнен ѕид“ (firewall). Редовно прави апдејт на твојот оперативен систем и на антивирусните програми.

2. Размисли пред да кликнеш на некој линк или пред да отвориш прикачен документ во мејлови или инстант пораки — дури и од пријатели. Биди особено претпазлив ако мејлот е од непознат извор и ти бара лични податоци или лозинки.

3. Никогаш не копирај ниту активирај програми од непознат извор.

4. Користи лозинки со најмалку осум симболи, вклучувајќи и броеви и знаци, и менувај ги редовно. За различни кориснички налози користи различни лозинки.

5. Врши трансакции само со угледни фирми што користат заштитени конекции. *

6. Не давај доверливи информации за себе или за твоите кориснички налози (име и лозинка) кога користиш безжични (Wi-Fi) конекции, на пример, на јавни места.

7. Исклучи го компјутерот ако не го користиш.

8. Редовно прави резервни копии од твоите фајлови, а копиите чувај ги на безбедно место.

[Фуснота]

^ Заштитените веб-страници на пребарувачот се означени со некаков симбол, како што е катанец, а нивната адреса почнува со „https:\\“. Буквата „s“ значи „заштитена“.

[Слика на страница 28]

Направи сѐ што можеш за да се заштитиш на интернет