Корените на неправдата
Корените на неправдата
ПРЕД речиси две илјади години, Библијата дала неверојатно точен опис на луѓето во нашево време. Во неа пишува: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор... без љубов кон добротата, предавници, своеглави, горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4).
Речиси сите ќе се сложат дека овие негативни карактеристики денес се многу раширени. Некои од нив се алчноста, предрасудите, деструктивното однесување, корупцијата, острата разлика меѓу богатите и сиромашните и слично. Да ги разгледаме овие работи секоја посебно.
АЛЧНОСТ. Понекогаш може да се чујат фрази како „алчноста е корисна“ и „алчноста е добра“. Но, тоа е лага. Алчноста е штетна! На пример, алчноста често е мотив за финансиски измами, пирамидални шеми и за непромислени кредити. Последиците од неа, како што е финансискиот крах, повредиле многу луѓе. Точно, некои од жртвите и самите се водат од алчност. Но, меѓу засегнатите има и трудољубиви луѓе, а некои од нив ги изгубиле својот дом и пензијата.
ПРЕДРАСУДИ. Луѓето што имаат предрасуди неправедно ги проценуваат другите, па дури и ги дискриминираат на темел на нивната етничка припадност, боја на кожата, пол, социјален статус или религија. На пример, еден одбор на Обединетите нации откри дека во една јужноамериканска земја, трудница починала во болница затоа што не ѝ била пружена помош во друга здравствена установа поради нејзината етничка припадност и социо-економска положба. Во екстремни случаи, предрасудите биле повод за големи неправди како што се етничкото чистење и геноцидот.
ДЕСТРУКТИВНО ОДНЕСУВАЊЕ. Во резимето на книгата Прирачник за деструктивно однесување (Handbook of Antisocial Behavior) пишува: „Секоја година, десетици илјади семејства се распаѓаат, стотици илјади животи се упропастени и уништен е посед вреден милиони долари како резултат на деструктивното однесување. Насилството и агресивноста се толку вообичаени во нашето општество што не е тешко да се замисли како историчарите во иднина би го опишале крајот на дваесеттиот век — не како ‚ера на откривање на вселената‘ или како ‚ера на информации‘, туку како ‚ера на деструктивно однесување‘, време кога општеството поведе војна против себеси“. Таа книга беше објавена во 1997 год., но оттогаш нема никакво подобрување во поглед на ставовите и однесувањето.
КОРУПЦИЈА. Во еден извештај за корупцијата во Јужноафриканската Република се спомнува дека во период од седум години, над 81 отсто од 25,2 милијарди ранди (во тоа време 4 милијарди американски долари) одвоени за одделот за здравствена грижа во една од провинциите биле потрошени несоодветно. Парите што „требаше да послужат за одржување на болниците, клиниките и здравствените центри во провинцијата“ не биле искористени за таа намена, пишуваше во весникот The Public Manager.
ОСТРА РАЗЛИКА МЕЃУ БОГАТИТЕ И СИРОМАШНИТЕ. Во 2005 год., скоро 30 отсто од годишниот приход во Британија „отиде во рацете на најбогатите 5% остварувачи на профит“, стоеше во списанието Time. Во исто време, од другата страна на Атлантикот, „над 33% од приходот во Америка оди во рацете на најбогатите 5% остварувачи на профит“, наведе истото списание. Во светски рамки, околу 1,4 милијарди луѓе живеат со 1,25 или помалку американски долари на ден, а 25.000 деца умираат секој ден како последица од сиромаштија.
Има ли решение за неправдите?
Во 1987 год., тогашниот премиер на Австралија изјави дека има за цел до 1990 год. во неговата земја ниедно дете да не живее во сиромаштија. Тоа никогаш не се случи. Всушност, премиерот подоцна се каеше што си поставил таква цел.
Да, колку и да е моќен, богат или влијателен некој, сепак е само човек и не може да им стави крај на неправдите. Впрочем, и моќните луѓе трпат неправди, стареат и умираат. Оваа реалност нѐ потсетува на две мисли од Библијата:
„Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).
„Немајте доверба во достоинствениците, ниту во некој друг земен човек, од кого нема спасение“ (Псалм 146:3).
Ако ги имаме на ум овие зборови, нема да се разочараме кога ќе видиме дека напорите на луѓето не даваат плод. Дали тоа значи дека нема никаква надеж? Не! Како што ќе видиме во последната статија на оваа тема, наскоро ќе можеме да живееме во свет во кој ќе владее вистинска правда. Но, и дотогаш можеме да правиме нешто. Можеме да работиме на себе. Да се запрашаме: ‚Можам ли да бидам поправеден спрема другите? Има ли некои аспекти во кои можам да се подобрам?‘ Овие прашања ќе бидат разработени во следната статија.
[Слики на страници 4 и 5]
А. Полицијата во Кина апси еден човек вмешан во етничко насилство
Б. Пљачкање и уништување на имот во Лондон (Англија)
В. Крајна беда во камп за бегалци во Руанда
[Извори на слики]
Горе лево: © Adam Dean/Panos Pictures; горе во средината: © Matthew Aslett/Demotix/CORBIS; горе десно: © David Turnley/CORBIS