Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поглед во светот

Поглед во светот

Поглед во светот

Градот Њујорк донесе закон со кој се забранува пушење на плажите, во парковите и на пешачките зони. За секој престап, на прекршителите им следува казна од 50 долари. Властите се надеваат дека граѓаните „совесно“ ќе ја почитуваат забраната (THE WALL STREET JOURNAL, САД).

„Во Индија значително се зголеми бројот на случаи на селективен абортус на женски бебиња, особено кога мајката по вторпат е бремена со женско дете.“ Во семејствата во кои првото дете е женско, бројот на девојчиња опадна од 906 на секои 1.000 момчиња во 1993 год. на 836 на секои 1.000 момчиња во 2005 год. (THE LANCET, БРИТАНИЈА).

Светската здравствена организација ги класифицираше радиофреквентните електромагнетни полиња, „на пример оние што ги емитуваат апаратите за безжична комуникација“, како „потенцијално канцерогени за луѓето“ (МЕЃУНАРОДНА АГЕНЦИЈА ЗА ИСТРАЖУВАЊЕ НА РАКОТ, ФРАНЦИЈА).

Обединетите нации ја прославија победата над говедската чума. Ова е „првата болест од која заболуваат животните искоренета благодарение на човечките напори... и само втора по ред искоренета болест од кој и да било вид кај луѓето по сипаниците“ (ОРГАНИЗАЦИЈА ЗА ХРАНА И ЗЕМЈОДЕЛСТВО ПРИ ОН, ИТАЛИЈА).

Спремни за апокалипсата?

Во весникот New York Times излезе статија со наслов „Законик за Њујорк во случај на апокалипса“. Во неа се известува за излегувањето на официјален прирачник што треба да им помогне на судиите и адвокатите да се справат со тешки правни прашања што би можеле да се појават во случај на „друг терористички напад, големо радиолошко или хемиско загадување или епидемија од големи размери“. Во прирачникот, издаден од судскиот систем на државата Њујорк и од државната адвокатска комора, концизно е наведено како постоечкиот закон регулира разни проблеми, како што се карантин, масовна евакуација, претрес без налог, убивање на заразени животни и суспендирање на законот.

Што се крие во старите перници

Под чистите навлаки за перници може „да се крие нешто навистина гадно“, вели Арт Такер, кој ги предводи клиничките истражувања во болницата „Св. Бартс“ во Лондон. За неговите истражувања известуваше лондонскиот весник The Times и пишуваше дека, по две години користење, повеќе од една третина од тежината на перницата „ја сочинуваат живи или мртви микроскопски инсекти, нивните фекалии, како и мртва кожа и бактерии“. Перниците се одличен инкубатор за алергени, микроби и паразитски инсекти. Има ли решение? „Инсектите... се сушат и умираат ако се изложени на сончева светлина“, пишува во The Times, „што значи дека стариот добар начин на проветрување на постелнината помага во сузбивањето на тие инсекти.“ Детергентите не ги убиваат инсектите, но ќе изумрат и ќе бидат отстранети ако перниците се перат на температура над 60°С.