Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Грижи се за здравјето

Грижи се за здравјето

Ако се грижиш за своето здравје, ќе имаш подобри резултати на училиште — и општо ќе се чувствуваш подобро.

МНОГУ е логично да се грижиш за телото што Бог ти го дал (Псалм 139:14). Да го објасниме ова со пример: Замисли си дека имаш кола, но никогаш не наоѓаш време да ја одржуваш. Нема да помине многу пред да се расипе. Истото важи и за твоето тело. Какво „одржување“ ти треба?

Одморај се

Ако не спиеш доволно, ќе изгледаш пропаднато, не ќе можеш да се концентрираш, ќе бидеш збунет, а може дури и да паднеш во депресија. И обратно — ако се одмораш доволно, ќе имаш повеќе сила. Одморот може да го забрза твојот физички раст, да ти ја подобри работата на мозокот, да ти го зајакне имунитетот и да ти ја подобри емоционалната состојба. Ова од тебе бара малку, а за возврат добиваш многу!

Предлог: Ако е можно, труди се да си легнуваш секоја вечер во исто време.

Исхрана

Тинејџерите брзо растат. На пример, помеѓу 10-тата и 17-тата година, кај повеќето момчиња телесната тежина двојно се зголемува. И девојчињата доживуваат брз раст. На едно тело во раст му се потребни доволно хранливи материи и енергија. Затоа погрижи се твоето тело да ги добива.

Предлог: Не прескокнувај го појадокот. Ако јадеш пред да одиш на училиште, можеш да си ги подобриш концентрацијата и краткотрајното памтење.

Вежбај

Библијата потврдува дека „од телесните вежби има одредена полза“ (1. Тимотеј 4:8, Радосна Вест). Со вежбањето можеш да си ги зајакнеш мускулите и коските, да станеш поиздржлив, да си ја одржуваш тежината, да си ги подобриш умствените способности, да си го зајакнеш имунитетот, да го намалиш стресот и да си го подобриш расположението. Се разбира, вежбањето може да биде и забавно, зашто можеш да правиш нешто во што уживаш!

Заклучок: Редовниот и квалитетен сон, урамнотежената исхрана и умереното вежбање можат да му помогнат на твоето тело. А тоа, пак, ќе ти помогне да имаш подобар успех на училиште. a

Спремен ли си да почнеш? Стекни си навика умерено да вежбаш. Еден месец запишувај колку спиеш и како се храниш и види каде би требало да се подобриш.

„Кога ќе прошетам, добивам повеќе сила — дури и ако сум бил уморен кога сум излегол“ (Џејсон, Нов Зеланд).

„Поаѓам од тоа дека Бог ја создал храната како гориво за нашето тело. Затоа сакам да го ставам најдоброто гориво во себе!“ (Џил, САД).

„Трчам трипати седмично, а возам велосипед или пешачам двапати седмично. Вежбањето ми дава сила и ми го намалува стресот“ (Грејс, Австралија).

a Нешто повеќе во врска со здравјето можеш да прочиташ во 10. поглавје од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, том 1, издадена од Јеховините сведоци.