Како да бидеш добар родител?
Се сеќаваш ли на моментот кога за првпат го зеде в раце своето бебенце?
Но, веднаш потоа можеби те фати паника кога сфати дека пред тебе се години и години труд за да му помогнеш на твоето дете да израсне во зрела личност. Многу брзо ти стана јасно колку сериозна одговорност те чека.
ОТСЕКОГАШ било тешко да си родител, но денес е уште потешко. Зошто? Бидејќи светот во кој живееме е многу покомплициран отколку кога ти беше дете. Некои од моралните предизвици со кои се соочуваат децата — како, на пример, кога се на Интернет — не ни постоеле до пред само неколку децении.
Како да му помогнеш на твоето дете да не падне во моралните замки на современиот свет? Да разгледаме три предлози.
1. Јасно кажи му кои се твоите морални вредности
Како што растат, децата се преплавени со лавина од искривени информации за моралот — некои ги добиваат од врсниците, но голем дел ги добиваат од медиумите. Таквите негативни влијанија најмногу доаѓаат до израз кога детето ќе влезе во тинејџерски години. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека, кога станува збор за покрупните одлуки во животот, многу тинејџери повеќе го ценат мислењето на родителите отколку на врсниците.
Што можеш да направиш. Родителите во древниот Израел биле поттикнати често да разговараат со своите деца за да им всадат исправни морални вредности (5. Мојсеева 6:6, 7). Прави го и ти истото со своите деца. На пример, ако живееш по библиските морални мерила, кажи му на своето дете зошто мислиш дека тоа е најдобриот начин на живот.
2. Помогни му на своето дете да сфати дека постапките носат последици
Библијата вели: „Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее“ (Галатите 6:7). Принципот на причина и последица може да се види во речиси секој аспект од животот. Потсети се на твоето детство. Веројатно, најмногу ти се врежани поуките што си ги добил кога си морал да ги сносиш последиците од твоите постапки.
Што можеш да направиш. Преку реални примери, објасни му на своето дете како оние што избрале да постапуваат погрешно настрадале, а оние што постапиле исправно доживеале благослови (Лука 17:31, 32; Евреите 13:7). Освен тоа, не поштедувај го своето дете од последиците од неговите грешки. На пример, да речеме дека твојот син не внимавал и му ја скршил играчката на друго дете. Би можел да му кажеш да му даде на детето една од своите играчки. На тој начин, син ти нема брзо да заборави дека треба да ги почитува туѓите работи.
3. Помогни му да стекне убави особини
Една библиска изрека гласи: „Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11). Како што растат, децата си стекнуваат некои навики на однесување по кои се гледа во какви личности се оформуваат. За жал, кај некои испливуваат на површина негативни карактеристики (Псалм 58:3). Но, други стануваат познати по своето добро однесување. На пример, во врска со младиот Тимотеј, апостол Павле му го напишал следново на едно собрание: „Немам никој друг како него, кој вистински би се грижел за вашата благосостојба“ (Филипјаните 2:20).
Што можеш да направиш. Освен што јасно ќе му кажеш дека нашите постапки носат последици, како што беше спомнато, помогни му на своето дете да размисли по кои особини би сакало другите да го знаат. Кога наидуваат на тешкотии, младите може да научат да донесуваат добри одлуки така што ќе размислат за следниве прашања:
-
Каква личност би сакал да бидам? (Колошаните 3:10).
-
Како би постапила една таква личност во оваа ситуација? (Изреки 10:1).
Во Библијата можеме да најдеме голем број вистински примери за мажи и жени по чии постапки може да се види дали биле добри или лоши личности (1. Коринќаните 10:11; Јаков 5:10, 11). Користи ги овие примери за да му помогнеш на своето дете да стекне убави особини.
Публикациите на Јеховините сведоци може да ти помогнат да ги примениш библиските начела и во твоето семејство, а и да им помогнеш и на децата да го прават тоа.