Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Raising Considerate Children in a Me-First World

Raising Considerate Children in a Me-First World

СЕКОЈ ден ни нуди безброј прилики да направиме нешто љубезно за другите. Но, изгледа дека многу луѓе мислат само на себе. Докази за тоа гледаме насекаде — од бесрамниот начин на кој луѓето ги мамат другите до агресивниот начин на кој возат, од нивните непристојни зборови до нивниот избувлив карактер.

Себичноста е присутна дури и во рамките на семејството. На пример, некои се разведуваат само затоа што едниот партнер мисли дека „заслужува нешто подобро“. Има родители кои несвесно ги учат своите деца да бидат себични. Како? Така што им одат по ќефот за сѐ, а не ги караат за ништо.

Но, многу родители ги учат своите деца да мислат и на другите, а тоа дава добри резултати. Децата што се обѕирни полесно се спријателуваат и имаат постабилни односи со другите. Тие се и позадоволни во животот. Зошто? Затоа што, како што вели Библијата, „повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).

Како можеш да им помогнеш на своите деца да ги увидат убавите страни на љубезноста? Како да им помогнеш да не потпаднат под влијание на себичноста околу нив? Да разгледаме три работи што може да го направат твоето дете себично и што можеш да сториш ти за да не дојде до тоа.

1. Претерани пофалби

Во што е проблемот: Истражувачите забележале еден вознемирувачки факт. Кога ќе се вработат, голем број млади лица очекуваат сѐ да им се даде на тацна — очекуваат да бидат успешни без да мрднат со прст. Некои едноставно мислат дека брзо ќе бидат унапредени, иако уште не знаат ни како се врши работата. Други се уверени дека се нешто посебно и дека заслужуваат другите така да ги третираат — а потоа се разочаруваат кога ќе сфатат дека не мислат сите како нив.

Причините за проблемот: Понекогаш причината зошто некој мисли дека треба да добие сѐ на готово е начинот на кој бил воспитуван. На пример, некои родители беа под големо влијание на движењето за подигање на самопочитта кое беше многу популарно во изминатите децении. Принципите на ова движење изгледаа разумни: Ако малку пофалби се добри за децата, тогаш многу пофалби се уште подобри. Од друга страна, преовладуваше мислењето дека ако добие макар и мала критика, детето ќе се разочара. А во еден свет во кој е најважно човек да има висока самопочит, тоа се сметаше за крајно неодговорно од страна на родителите. На децата никогаш не треба да им се даде чувство дека не се доволно добри — барем со тоа им се полнеа главите на родителите.

Од таа причина, многу мајки и татковци почнаа да ги опсипуваат децата со пофалби, дури и ако не направиле ништо што заслужува пофалба. Се прославуваше секое достигнување, макар и најмало. Им се прогледуваше низ прсти за секоја грешка, дури и за огромна. Тие родители веруваа дека тајната да ја издигнат самопочитта кај децата е во тоа да замижат пред нивните грешки, а да ги пофалат за сѐ друго. Поважно стана да ги уверат децата дека се најдобри отколку да ги научат да прават работи поради кои навистина ќе можат да имаат подобро мислење за себе.

Што вели Библијата: Библијата вели дека пофалбата е на место кога е заслужена (Матеј 25:19-21). Но, ако ги пофалуваш децата само за да се чувствуваат убаво тие може да стекнат искривена слика за себе. Библијата многу убаво кажува: „Ако некој мисли дека е нешто, а не е ништо, самиот себеси се залажува“ (Галатите 6:3). Со добра причина Библијата им вели на родителите: „Не скратувај му опомени на детето. Ако го удриш со прачка, нема да умре“ a (Изреки 23:13).

Што можеш да направиш: Постави си за цел да го искараш детето секогаш кога е потребно и да го пофалиш секогаш кога заслужува. Не го опсипувај со пофалби само за да се чувствува убаво. Најверојатно тоа нема да има ефект. „Вистинската самодоверба произлегува од усовршување на талентите и од тоа да се учат нови работи“, вели книгата Генерација „јас“ (Generation Me), „а не од тоа постојано да ти се кажува дека си супер само затоа што си се родил.“

„На секој од вас му порачувам дека за себе не треба да има повисоко мислење одошто заслужува. Бидете скромни“ (Римјаните 12:3, Радосна Вест).

2. Претерана заштита

Во што е проблемот: Кога ќе се вработат, многу млади не се спремни да се соочат со проблемите што ги чекаат. Некои се скршени и од најмала критика. Други се премногу пребирливи и прифаќаат само работа што ги задоволува нивните превисоки очекувања. На пример, во книгата Како да не останеш вечен тинејџер (Escaping the Endless Adolescence), д-р Џозеф Ален пишува што му рекол еден млад човек кога го интервјуирал за работа: „Некако ми се чини дека некои аспекти од работата може да бидат досадни, а нејќам да ми е досадно“. Д-р Ален вели: „Изгледа уште не му беше јасно дека во секоја работа има нешто досадно. Зар е можно на 23 години да не го сфатил тоа?“

Причините за проблемот: Во последниве децении, многу родители мислат дека мораат да ги заштитат своите деца од секоја тешкотија. Ќерка ти добила слаба оценка? Веднаш одиш кај професорот и бараш да ѝ ја поправи. Син ти направил сообраќаен прекршок? Му ја плаќаш казната. Раскинал со девојката? Му велиш дека таа е виновна за сѐ.

Иако е нормално да сакаш да го заштитиш своето дете, ако претерано го штитиш, ти всушност го учиш дека не треба да прифати одговорност за своите постапки. „Наместо да научат дека можат да ги пребродат болката и разочарувањето, па дури и да извлечат поука од нив“, вели книгата Позитивно воспитување на тинејџери (Positive Discipline for Teenagers), „[таквите] деца стануваат крајно себични и убедени дека светот и нивните родители им должат нешто.“

Што вели Библијата: Проблемите се составен дел од животот. Всушност, Библијата вели: „Непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11). Тука спаѓаат и добрите луѓе. На пример, апостол Павле поминал низ разни тешкотии во текот на својата служба. Но, овие тешкотии на крај биле за негово добро затоа што извлекол поука од нив! Тој напишал: „Научив како да бидам задоволен во сѐ, во секакви околности — и кога е човек сит и кога е гладен, и кога има изобилство и кога е во немаштија“ (Филипјаните 4:11, 12).

Што можеш да направиш: Во склад со зрелоста на твоите деца, труди се да се држиш за библиското начело: „Секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5). Ако син ти направи сообраќаен прекршок, можеби е најдобро да го оставиш тој да си ја плати казната од џепарлакот или од платата. Ако ќерка ти добие слаба оценка, можеби тоа треба да ја освести дека следниот пат треба повеќе да учи. Ако син ти раскине со девојката, утеши го — но во погоден момент помогни му да размисли за прашања како: ‚Дали оваа ситуација откри некои мои слабости на кои треба да работам?‘ Кога децата се трудат да ги решаваат своите проблеми, стануваат поцврсти и стекнуваат самодоверба — нешто што нема да се случи ако некој постојано ги вади од проблемите.

„Секој нека го испита своето дело, па ќе има причина за задоволство во самиот себе“ (Галатите 6:4).

3. Претерано купување

Во што е проблемот: Во една анкета спроведена меѓу млади луѓе, 81 отсто од нив рекле дека најважна цел на нивната генерација е ‚да се збогатат‘ — многу поважно отколку да им се помага на другите. Но трката по богатство не го исполнува човек. Всушност, истражувањата покажуваат дека луѓето на кои им се најважни материјалните работи се понесреќни и подепресивни. Исто така, почесто имаат физички и ментални проблеми.

Причините за проблемот: Некои деца растат во семејства во кои се става акцент на материјалните работи. Во книгата Епидемија на нарцизам (The Narcissism Epidemic) пишува: „Родителите сакаат нивните деца да бидат среќни, а децата сакаат да добиваат работи. Затоа родителите им купуваат работи. И децата се среќни, но за кратко. Потоа, сакаат уште работи“.

Се разбира, рекламната индустрија со душа чека да ја искористи ваквата жед за купување. Таа ја наметнува идејата ‚Ти го заслужуваш најдоброто‘. Голем број млади се фатија на оваа мамка и сега се во долгови до гуша — не можат да ги отплатат работите што „ги заслужуваат“.

Што вели Библијата: Библијата признава дека парите се потребни (Проповедник 7:12). Но, во исто време предупредува дека „љубовта кон парите е корен на секакви зла“. Понатаму вели: „Поради неа, некои... си нанесоа многу маки“ (1. Тимотеј 6:10). Библијата нѐ поттикнува да не трчаме по материјални работи, туку да бидеме задоволни со основното (1. Тимотеј 6:7, 8).

„Оние што решиле да се збогатат, паѓаат во искушение и во замка и во многу неразумни и штетни желби“ (1. Тимотеј 6:9).

Што можеш да направиш: Како родител, преиспитај го својот став кон парите и кон работите што можеш да ги купиш со нив. Не заборавај кои се поважните работи, а помогни им и на децата да го сфатат тоа. Книгата Епидемија на нарцизам, спомната претходно, предлага: „Родителите и децата можат да зборуваат за теми како: ‚Кога е добро, а кога не да се купува на распродажба?‘ ‚Што е камата?‘ ‚Имаш ли купено нешто само затоа што некој друг сметал дека треба да го купиш?‘“

Пази да не ги користиш материјалните работи како средство да побегнеш од семејните проблеми што треба да се решат. Книгата Цената на повластицата (The Price of Privilege) вели: „Проблемите не се решаваат со купување — проблемите треба да се решаваат со промисленост, разбирање и сочувство, а не со чевли и чанти“.

a Библијата не одобрува физичко и емоционално малтретирање на деца (Ефешаните 4:29, 31; 6:4). Целта на исправката е да се даде поука, а не родителот да си го истури гневот.