Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Живот во странство — убав сон, сурова реалност

Живот во странство — убав сон, сурова реалност

Во потрага по подобар живот

ЖОРЖ бил очаен. Не можел да обезбеди доволно храна за семејството. Гледал како соседите околу него се разболуваат, а некои од нив и гладувале. Од друга страна, на само неколку стотици километри јужно се наоѓала побогата земја. ‚Ќе се преселам таму, ќе најдам работа и ќе си го повлечам семејството‘, си размислувал тој.

Патриша исто така сонувала за подобар живот во странство. Немала работа, а немала ни надеж дека ситуацијата ќе се подобри. Таа и нејзиниот дечко решиле да се преселат од Нигерија во Шпанија, патувајќи преку Алжир. Но, не биле свесни колку напорно ќе биде патувањето низ Сахара. „Бев бремена“, вели таа, „и бев решена на моето дете да му обезбедам подобра иднина.“

Рејчел одлучила да си ја бара среќата во Европа. Ја изгубила својата работа на Филипините, а роднините ја убедувале дека во странство лесно ќе најде работа како куќна помошничка. Па така, позајмила пари за авионски билет и се збогувала со мажот и ќерката, ветувајќи им дека наскоро ќе се видат.

Се проценува дека во изминативе неколку децении, над 200 милиони луѓе како Жорж, Патриша и Рејчел се преселиле во друга земја. Иако некои го прават тоа поради војна, природни катастрофи или неправда, најголем број од нив се решаваат на тој чекор од економски причини. Со какви проблеми се соочуваат во новата земја? Дали сите наоѓаат подобар живот? Како им е на децата кога родителите ги оставаат за да заработат повеќе? Овие прашања ќе бидат обработени во наредните статии.

Да стигнеш и да се снајдеш

Првата препрека при иселувањето во странска земја е самото патување. Жорж, спомнат во претходната статија, поминал стотици километри речиси без храна. „Патувањето беше вистински кошмар“, се присетува тој. Многу од емигрантите воопшто не стигнуваат до својата дестинација.

Патриша сакала да оди во Шпанија. Патувала во отворен камион низ Сахара. „Ни требаше цела седмица да стигнеме од Нигерија до Алжир, а во камионот бевме напикани 25 души. По пат видовме многу лешеви и луѓе кои лутаа низ пустината како живи мртовци. Најверојатно некои камионџии бездушно ги оставаат патниците.“

За разлика од Жорж и Патриша, Рејчел стигнала во Европа со авион, каде што веќе ја чекала работа како куќна помошничка. Но, не ни претпоставувала колку ќе ѝ недостига 2-годишната ќеркичка. „Срце ми се кинеше кога ќе видев некоја мајка со своето детенце.“

На Жорж му било тешко да се навикне на животот во новата земја. Успеал да прати пари дома дури по неколку месеци. „Проплакав многу ноќи затоа што бев осамен, а не можев да сменам ништо“, вели тој.

По неколку месеци во Алжир, Патриша успеала да стигне до границата со Мароко. Таа вели: „Таму ја родив мојата ќеркичка. Морав да се кријам од трговците со луѓе кои често киднапираат емигрантки и ги присилуваат на проституција. Најпосле, собрав доволно пари за да тргнам на ризично патување со брод до Шпанија. Бродот беше во лоша состојба и недоволно опремен за толку патници. Моравме да ја црпиме водата од бродот со своите чевли! Кога стигнавме на брегот на Шпанија, немав сила да се симнам“.

Се разбира, оние што размислуваат да се иселат во друга земја треба да земат предвид повеќе работи отколку само ризиците поврзани со патувањето. Добро е да ги имаат на ум и јазичните и културните бариери во новата земја, како и трошоците и законските компликации околу стекнувањето државјанство или постојан престој. Оние што нема да стекнат вакво право обично потешко успеваат да најдат добра работа, сместување, образование или здравствена нега. Може да им биде тешко да добијат возачка дозвола или да отворат банковна сметка. А за жал многу често емигрантите без документи се експлоатирани како евтина работна сила.

Друг фактор што треба да се земе предвид се парите. Реално гледано, колкава сигурност нудат тие? Во Библијата ги читаме следниве мудри зборови: „Зарем ќе ги насочиш очите кон богатството, иако исчезнува за миг? Зашто, тоа си прави крилја како на орел и летнува кон небото“ (Изреки 23:4, 5). Не заборавај дека она што најмногу ни е потребно — љубов, емоционална сигурност и обединето семејство — не се купува со пари. Колку е жално кога родителите дозволуваат жедта за пари да им биде поважна од ‚љубовта кон членовите на семејството‘! (2. Тимотеј 3:1-3, фуснота).

Ние луѓето имаме и духовни потреби (Матеј 5:3). Затоа, одговорните родители прават сѐ што е во нивна моќ за да ја исполнат одговорноста што им ја дал Бог да ги поучат своите деца за него, за неговата намера и за неговите мерила (Ефешаните 6:4).

Обединето семејство — многу поважно од парите

Секој емигрант си има своја приказна, но, како што може да се види од примерот на Жорж, Рејчел и Патриша спомнати во претходните статии, на многу од нив една работа им е заедничка. Сите во семејството страдаат кога едниот сопружник ќе си замине и ќе поминат години пред повторно да бидат заедно. Во случајот на Жорж, поминале повеќе од четири години.

По речиси пет години одвоеност, Рејчел се вратила на Филипините за да си ја земе ќерката. Патриша успеала да стигне до Шпанија со ќеркичката во својата прегратка. „Таа ми е сѐ што имам. Ќе направам сѐ за неа“, вели Патриша.

Многу емигранти решаваат да останат во новата земја и покрај осаменоста, финансиските проблеми и долгата одвоеност од семејството. Вложиле толку многу за да стигнат таму што, кога работите нема да одат како што мислеле, малкумина се осмелуваат да го признаат неуспехот и да се вратат дома, каде што можеби ќе бидат покажувани со прст или понижувани.

Алан од Филипините е еден од оние што биле доволно храбри да го направат тоа. Тој нашол добра работа во Шпанија, но по 18 месеци се вратил дома. „Многу ми недостигаа жена ми и ќерка ми“, вели тој. „Си реков дека повторно би отишол да работам во странство само ако можеме да отидеме таму како семејство. На крај, успеавме во тоа. Семејството е многу поважно од парите.“

Има уште една работа која е многу поважна од парите. Тоа го сфатила и Патриша. Таа стигнала во Шпанија со примерок од „Новиот завет“, односно Христијанските грчки списи. „Ја сметав оваа книга за амајлија“, вели таа. „Некаде во тоа време запознав една жена која беше Јеховин сведок. Дотогаш, немав никаква желба да зборувам со Јеховините сведоци. Ѝ поставив на жената многу прашања за да ѝ докажам дека нејзините верувања се погрешни. Но, таа ги одбрани своите верувања и ми одговори на сите прашања со помош на Библијата.“

На темел на она што го научила, Патриша дошла до заклучок дека трајната среќа и вистинската надеж за иднината не зависат од тоа каде живее некој или колку пари има, туку од тоа дали го познава Бог и неговите намери (Јован 17:3). Меѓу другото, Патриша дознала дека вистинскиот Бог има име — Јехова (Псалм 83:18). Исто така, во Библијата прочитала дека наскоро Бог ќе ѝ стави крај на сиромаштијата преку своето Царство, чиј Цар е Исус Христос (Даниел 7:13, 14). Во Псалм 72:12, 14 пишува: „[Исус] ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Од угнетување и од насилство ќе ја откупи нивната душа“.

Зошто не одвоиш малку време за да ја испиташ Библијата? Оваа книга во која е содржана Божјата мудрост може да ти помогне да сфатиш што е најважно во животот, да донесуваш мудри одлуки и да ги пребродиш сегашните проблеми со радост и надеж (Изреки 2:6-9, 20, 21).