Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Порнографија

Порнографија

Дали Библијата ја осудува порнографијата?

„Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28)

ЗОШТО Е ВАЖНО

Денес, порнографијата е поприфатена и подостапна од кога и да е порано. Ако сакаш да го радуваш Бог и да водиш поисполнет живот, треба да знаеш каков став има тој кон порнографијата.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Библијата никаде не зборува конкретно за порнографија. Сепак, гледањето порнографија е во директен судир со многу библиски начела.

На пример, Библијата јасно вели дека кога еден оженет човек ‚гледа со страст во жена‘ со која не е во брак и посакува да има односи со неа, тоа може да води до прељуба. Начелото зад оваа библиска изјава важи за секој што гледа порнографски слики со желба да има недозволени сексуални односи, сеедно дали е во брак или не. Јасно е дека таквото однесување му е одвратно на Бог.

Дали е погрешно некој да гледа порнографија дури и ако не изврши неморал?

„Усмртете го она што е... во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство“ (Колошаните 3:5)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО

Некои истражувачи сметаат дека, ако некој гледа порнографија, не значи дека ќе се впушти во неприфатливо сексуално однесување. Сепак, дали гледањето порнографија е само по себе погрешно?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Библијата вели дека ‚безобразните шеги‘ се неприфатливи (Ефешаните 5:3, 4). Тогаш, како може порнографијата да биде прифатлива? Денешната порнографија вклучува снимки од реални сцени на прељуба, хомосексуалност и други облици на блуд. Се разбира, за Бог е многу поодвратно некој да гледа такви сцени со страст отколку да зборува безобразно.

Истражувачите сѐ уште имаат поделени мислења околу тоа колкава е веројатноста некој да ги реализира фантазиите што му ги буди порнографијата. Но, од она што е запишано во Библијата јасно се гледа дека порнографијата ја уништува духовноста и му е одвратна на Бог. Таа го дава следниов совет: „Усмртете го она што е... во вашите делови на телото: блудот [и] сексуалната страст“ (Колошаните 3:5). Оние што гледаат порнографија го прават токму спротивното — наместо да ги усмртат таквите желби, тие ги разгоруваат.

Што ќе ти помогне да не гледаш порнографија?

„Барајте го доброто, а не злото... Мразете го злото, а сакајте го доброто“ (Амос 5:14, 15)

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Во Библијата се зборува за неморални луѓе, за пијаници и за крадци кои успеале да престанат со таквиот начин на живот (1. Коринќаните 6:9-11). Како успеале? Ја применувале мудроста содржана во Божјата Реч и така научиле да го мразат она што е зло.

Можеме да научиме да ја мразиме порнографијата така што добро ќе размислиме за ужасните последици од овој штетен порок. Едно неодамнешно истражување направено на Државниот универзитет во Јута покажа дека некои од оние што редовно гледаат порнографија страдаат од „депресија, се изолираат од другите, имаат нарушени односи“, а сносат и други тешки последици. Но, бидејќи, како што видовме, гледањето порнографија му е одвратно на Бог, има и една уште пострашна последица — ги отуѓува луѓето од нивниот Творец.

Библијата може да ни помогне да го сакаме она што е добро. Колку повеќе ја читаме, толку повеќе ги сакаме моралните мерила содржани во неа. Тоа, пак, ќе ни помогне решително да ја отфрлиме порнографијата и да имаме ист став како псалмистот, кој напишал: „Пред своите очи нема да ставам ништо зло“ (Псалм 101:3).