Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВ СВЕТ

Лос — необичниот шумски џин

Лос — необичниот шумски џин

„ЛОСОТ баш и не е некој убавец. Зошто има толку високи раменици? Зошто има толку долга глава?“ Хенри Дејвид Торо, писател од 19 век, не е единствениот што вака го опишал лосот. Бидејќи изгледа смешно и многу ретко може да се види во дивината, некои мислат дека лосот е несмасно и не многу паметно животно. Но, дали е така? Истражувачите од Северна Америка и Евроазија откриле многу факти за ова необично животно.

Нема збор дека лосот е џин. Иако овој „цар на шумата“ има долги нозе поради што изгледа по малку несмасно, со истите тие нозе може да се одбрани од цела глутница волци. Лосот учи да плива само неколку дена откако ќе се роди, а може да преплива километри и да се нурне и до 6 метри под вода за да дојде до водни растенија!

Лосот може да ги движи очите и да забележи движење речиси директно зад себе без да ја сврти главата. Носот му е уште една јака страна. Според истражувачите, можно е големата раздалеченост на ноздрите кај лосот да е причина за уште една негова необична способност — тој може многу прецизно да ги лоцира предметите. Друго извонредно сетило на лосот е неговиот слух. Ушите може да ги движи во сите правци и да регистрира звуци од други лосови на оддалеченост и до 3 километри!

Младенчињата на лосовите, кои еден писател ги опишал како „смешно слатки“ по природа се љубопитни и безгрижни. Нивните мајки ги штитат и со голема љубов се грижат за нив. Женките би нападнале сѐ што претставува опасност за нивните младенчиња, вклучувајќи волци, мечки, па дури и луѓе. Но, кога младото ќе наполни година и мајката повторно чека принова, таа грубо го отфрла за да научи да се грижи само за себе.

ЖИВОТ НА СЕВЕР

Бидејќи лосовите се хранат исклучиво со растенија, како ги преживуваат ладните зими? Делумно, така што обилно јадат во потоплите месеци. Лосот може да изеде и до 23 килограми храна дневно, сеедно дали вегетацијата расте 3 метри над земјата или под водата. Храната ја преработува во четириделниот желудник при што ги искористува хранливите состојки и собира сало. Но, зиме лосот се соочува и со други опасности.

Големиот студ и длабокиот снег се испит за издржливоста на лосот. Ова животно не е многу активно во зима и се движи што е можно помалку за да ја задржи топлината под својата убава крзнена наметка. Освен тоа, во снегот е особено тешко да побегне од волците, но уште поголема опасност за лосот е човекот, особено ловџиите и возачите.

Лосот многу ги сака хранливите состојки содржани во солта што се фрла по патиштата за да се растопи снегот. Меѓутоа, бидејќи лосовите имаат темно крзно и обично ги преминуваат патиштата откако ќе се стемни, на возачите им е тешко да ги забележат навреме и затоа често доаѓа до судир. Во вакви несреќи животот го изгубиле и луѓе и лосови.

ВЕСЕЛО ЖИВОТНО

Видени се лосови како весело си играат на океанските бранови и со уживање се шлапкаат во топлите извори. Во периодот на парење мажјакот и женката си изразуваат нежност, а навистина е прекрасно да се види колку е приврзана мајката за своето младенче. Младенчињата се приврзуваат дури и со луѓето што ќе ги одгледаат. Д-р Валериус Гајст вели: „Ова чудно животно со необичен изглед може да биде многу итро, мило и верно до смрт“.

Младенчињата се љубопитни и безгрижни

Но, еве и едно предупредување: Лосот е многу силно животно. Ако наидеш на лос во неговата природна средина, не го задевај и држи се на растојание. Тоа е особено важно ако видиш младенчиња во близина. Меѓутоа, знај дека дури и на безбедна оддалеченост, овој необичен шумски џин ќе те воодушеви.