Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА

Роберт Бојл

Роберт Бојл

Оние што ја познаваат историјата веднаш го поврзуваат Роберт Бојл со Бојловиот закон — природен закон за врската меѓу притисокот и волуменот на гасовите. Неговото значајно откритие придонело за огромен развој на полето на науката. Но, Роберт Бојл бил многу повеќе отколку само добар научник. Познат е и како човек кој имал голема вера во Бог и во Божјата вдахновена Реч, Библијата.

БОЈЛ е роден 1627 год. во богато семејство во замокот Лисмор (Ирска). Тоа било кратко пред почетокот на периодот што историчарите го нарекуваат доба на разумот — период во кој учените луѓе се труделе да го ослободат човештвото од фанатизмот кој со векови го држел во своите пранги. И Бојл се залагал за истото. Во една автобиографија во која се опфатени почетоците на неговата кариера се нарекол себеси Филаретус што значи „оној што ја сака доблеста“.

Бојл имал голема желба да ја дознае вистината. Но, имал исто толку голема желба да им го пренесе и на другите она што го учел. Тој станал плоден писател чии дела извршиле силно влијание врз многу негови современици, меѓу кои е и познатиот научник Исак Њутн. Во 1660 год., Бојл станал еден од основоположниците на Британското кралско друштво, кое и ден-денес постои во Лондон.

НАУЧНИК

Бојл е наречен татко на хемијата. Тој имал сосема поинаков пристап од алхемичарите во негово време. Тие ги чувале своите откритија во тајност или пишувале за нив користејќи нејасни термини кои биле непознати за повеќето надвор од нивните кругови. За разлика од нив, Бојл ги објавувал сите детали од својата работа. Освен тоа, наместо едноставно да ги прифати веќе познатите хипотези, се залагал да се користи експериментот како метода за утврдување на фактите.

Експериментите на Бојл дале поткрепа за идејата дека материјата е составена од некој вид честички што тој ги нарекол корпускули и кои, комбинирани на разни начини, создаваат различни супстанции.

Пристапот на Бојл кон научните истражувања е опишан во неговата позната книга Скептичниот хемичар. Во неа тој препорачува научниците да не бидат арогантни или догматични и да бидат спремни да си ги признаат грешките. Бојл барал од оние со цврсто вкоренети ставови да прават разлика меѓу работите што знаат дека се точни и работите што мислат дека се точни.

Бојл барал од оние со цврсто вкоренети ставови да прават разлика меѓу работите што знаат дека се точни и работите што мислат дека се точни

ЧОВЕК КОЈ ИМАЛ ВЕРА

Бојл го користел истиот пристап и за духовните работи. Сознанијата до кои дошол во врска со универзумот и чудесната градба на живите суштества го увериле дека мора да постои некој што го создал сето тоа — Творец. Затоа Бојл го отфрлил атеизмот кој сѐ повеќе се ширел меѓу интелектуалците во негово време. Тој заклучил дека секој што искрено дозволува да го води разумот не може да не верува во Бог.

Сепак, Бојл мислел дека за да се дојде до вистинско просветлување, не е доволен само разумот. Сфатил дека на човекот му е потребна помош од Бог. Според него, таа помош се наоѓала во Божјата Реч, Библијата.

На Бојл му било тешко кога гледал дека многумина воопшто не ги знаат библиските учења и дека немаат цврста основа за своите верувања. Тој се чудел како може некој да ги темели своите верувања само на она во што верувале неговите родители или на тоа каде се родил. Бојл развил силна желба да им помага на луѓето подобро да ја запознаат Библијата.

Од таа причина, Бојл парично го потпомогнал издавањето на Библијата на многу јазици, вклучувајќи и некои од јазиците на северноамериканските староседелци, како и на арапски, ирски, малајски и турски. Роберт Бојл бил надарен, но понизен човек со незаситна желба да ја најде вистината по секоја цена и да им помогне и на другите во тоа.