Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | РАКЕЛ ХОЛ

Еврејка објаснува зошто решила да ги преиспита своите верувања

Еврејка објаснува зошто решила да ги преиспита своите верувања

Ракел Хол е ќерка на Еврејка од Израел и Австриец кој го прифатил јудаизмот. Родителите на мајка ѝ биле ционисти кои се доселиле во Израел во 1948 год., кога Израел стана независна држава. Разбудете се! зборуваше со Ракел за тоа што ја поттикнало да ги преиспита своите верувања.

Кажи ни нешто за тебе.

Родена сум во 1979 год., во САД. Кога имав три години, моите родители се разведоа. Мајка ми ме воспитуваше според еврејските традиции и учев во еврејски училишта, наречени јешива. Кога имав седум години, се преселивме во Израел, каде што останавме една година. Таму живеевме во кибуц, работна заедница, каде што одев и во училиште. Потоа, јас и мајка ми се преселивме во Мексико.

Иако блиску до нас немаше синагога, и понатаму ги држев еврејските обичаи. Палев свеќи на Сабат, ја читав Тората и се молев со помош на молитвеник, наречен сидур. Во училиште, честопати им кажував на другите дека мојата религија е вистинската. Никогаш го немав читано Новиот завет во кој се зборува за службата и учењата на Исус Христос. Всушност, мајка ми ме предупреди да не го читам зашто се плашеше дека учењата содржани во него ќе ме расипат.

Зошто реши да го читаш Новиот завет?

Кога наполнив 17 години, се вратив во САД за да го довршам школувањето. Таму, еден познајник кој беше христијанин ми рече дека без Исус, во мојот живот секогаш ќе има некаква празнина.

„Луѓето кои веруваат во Исус се во заблуда“, му одговорив.

„Си го прочитала ли некогаш Новиот завет?“, ме праша.

„Не.“

„Значи, тврдиш нешто за тема за која воопшто не си информирана?“, ми рече тој.

Неговите зборови ме пресекоа бидејќи отсекогаш сум сметала дека е неразумно да изнесуваш мислење за нешто во што не си упатен. Ова ме спушти на земја. Ја позајмив неговата Библија и почнав да го читам Новиот завет.

Како влијаеше врз тебе она што го прочита?

Се изненадив кога дознав дека Новиот завет го напишале Евреи. Исто така, колку повеќе читав толку повеќе сфаќав дека Исус бил љубезен и понизен Евреин кој сакал да им помага на луѓето, а не да ги искористува. Дури отидов во библиотека и позајмив книги за него. Но, ништо не ме увери дека тој бил Месијата. Во некои од тие книги дури се зборуваше дека Исус е Бог — нешто што за мене немаше никаква логика. Зашто, кому му се молел Исус — себеси? Освен тоа, Исус умрел. Но, Библијата за Бог вели: „Ти не умираш“. a

Каде најде одговор на овие прашања?

Вистината не си противречи, и јас бев решена да ја пронајдам. Затоа, искрено и со солзи му се помолив на Бог, и тоа за првпат без мојот молитвеник. Само што завршив, некој чукна на вратата. Кога отворив, пред мене стоеја две жени кои беа Јеховини сведоци. Ми дадоа една од нивните публикации за проучување на Библијата. Таа публикација, како и разговорите што редовно ги водевме, ме уверија дека нивните учења се темелат на Библијата. На пример, Сведоците не веруваат дека Исус е дел од тројство, туку дека е ‚Божји Син‘ b и „почетокот на Божјите дела на создавање“. c

Кратко потоа, се вратив во Мексико, каде што продолжив да ги проучувам пророштвата за Месијата со Сведоците. Не ми се веруваше колку многу пророштва има за него! Сепак, сѐ уште бев некако скептична. Се прашував: ‚Дали Исус бил единствениот на кого се исполниле сите тие пророштва?‘ и ‚Што ако тој едноставно бил итар измамник кој вешто си ја одиграл улогата?‘

Што беше пресвртница за тебе?

Сведоците ми покажаа пророштва над кои ниеден измамник не можел да има влијание. На пример, повеќе од 700 години однапред, пророкот Михеј прорекол дека Месијата ќе се роди во Витлеем, во Јудеја. d Зарем може некој сам да влијае врз тоа каде ќе се роди? Исаија напишал дека Месијата ќе биде убиен како презрен криминалец, но погребан меѓу богатите. e Сите овие пророштва се исполниле на Исус.

Последното нешто што ме увери е потеклото на Исус. Библијата прорекла дека Месијата ќе биде потомок на цар Давид. f Бидејќи древните Евреи воделе уредни записи за семејните лози, ако Исус не бил од лозата на Давид, неговите непријатели на сет глас ќе трубеле за тоа! Но, не можеле, зашто било неоспорно дека Исус потекнува од Давид. Мноштвото дури му се обраќало со ‚Син Давидов‘. g

Во 70 год. од н.е. — 37 години по смртта на Исус — римската војска го уништила Ерусалим и родословијата биле изгубени или уништени. Според тоа, за да се одреди лозата на Месијата, тој мора да дошол пред 70 год. од н.е.

Како влијаеше врз тебе ова сознание?

Во 5. Мојсеева 18:18, 19 било проречено дека Бог ќе подигне во Израел пророк сличен на Мојсеј. Секој „што нема да ги послуша моите зборови, кои тој ќе ги кажува во мое име, ќе одговара пред мене за тоа“, рекол Бог. Тоа што длабоко ја проучував целата Библија ме увери дека Исус од Назарет бил тој пророк.