ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
Колку долго можеш да живееш?
ХАРИЕТ умре во 2006 год. на околу 175 години. Секако, Хариет не беше човек, туку желка од островот Галапагос која живееше во една зоолошка градина во Австралија. Во споредба со нашиот животен век, можеме да кажеме дека таа живеела многу долго. Но, во споредба со некои други живи суштества, нејзиниот животен век не е ништо посебно. Да разгледаме неколку примери.
-
Според истражувачи од Финска, слатководната бисерна школка може да живее и до 200 години.
-
Океанската школка обично живее преку 100 години, а во некои случаи и повеќе од 400 години.
-
Некои дрвја, како што се еден вид бор, џиновската секвоја и некои видови чемпрес и смрека живеат илјадници години.
Но, човекот, кој се смета за највисок облик на живот на Земјата, успева да проживее едвај 80 или 90 години — иако е спремен на сѐ за да си го продолжи животот!
Што мислиш, дали животниот век од осум децении е сѐ на што можеме да се надеваме? Или можеме да се надеваме дека еден ден ќе живееме многу подолго? Многумина веруваат дека науката и медицината ќе ја откријат формулата за долговечност.
Може ли науката да направи нешто?
Науката бележи голем напредок на полето на медицината. „Сѐ помалку луѓе [во САД] умираат од заразни болести или од компликации при породување“, пишува во списанието Scientific American. „Смртноста кај доенчињата е намалена за 75 отсто од 1960 год. наваму.“ Сепак, науката не успеала многу да го продолжи нашиот животен век. „Дури и по децении истражувања, процесот на стареење сѐ уште е мистерија“, се вели во друг број на Scientific American. Но, „доказите покажуваат дека стареењето започнува кога генетските информации кои го контролираат развојот на клетката престануваат да фукнционираат како што треба“. „Ако стареењето е главно генетски процес, можеби еден ден ќе може да се спречи“, се вели понатаму во статијата.
„Дури и по децении истражувања, процесот на стареење сѐ уште е мистерија“
Во своите истражувања за причините за стареењето, како и за болестите поврзани со овој процес, некои научници ги испитуваат најновите достигнувања на полето на генетиката наречено епигенетика. Што е епигенетика?
Живите клетки содржат генетски информации кои се потребни за создавање нови клетки. Голем дел од овие информации се наоѓаат во геномот — целата ДНК во една клетка. Но, во последно време научниците подетално истражуваат една друга низа механизми во клетката — епигеномот. Епигенетиката ја проучува оваа група механизми и нивните хемиски реакции.
Молекулите од кои е составен епигеномот изгледаат многу поинаку од ДНК. За разлика од ДНК, која личи на двоверижна спирално извиткана скала, епигеномот е систем од хемиски маркери што се прикачени за ДНК. Која е улогата на епигеномот? Исто како што еден диригент води оркестар, епигеномот управува со начинот на кој ќе се користат генетските информации во ДНК. Молекуларните маркери активираат или деактивираат одредени групи гени во зависност од потребите на клетката и од влијанието на надворешните фактори, како што се исхраната, стресот и токсините. Неодамнешните откритија во врска со епигеномот се вистинска револуција во биохемијата, откритија кои ја поврзуваат епигенетиката со конкретни болести, па дури и со стареењето.
Според проф. Неса Кери, истражувач на полето на епигенетиката, „[надворешните фактори] се поврзани со различни болести — од шизофренија до ревматоиден артритис и од рак до хронична болка“. А „дефинитивно се поврзани со процесот на стареење“. Според тоа, истражувањата на полето на епигенетиката може да помогнат да се пронајдат ефикасни терапии за подобрување на здравјето и за борба против болестите — вклучувајќи го и ракот — и со тоа да го продолжат нашиот животен век. Но, сега-засега нема изгледи за некои позначајни достигнувања. „Во [борбата против стареењето] не ни останува ништо друго освен да продолжиме како досега — да јадеме многу зеленчук и редовно да вежбаме“, вели проф. Кери.
Тогаш, зошто човекот е спремен на сѐ за да си го продолжи животот? Зошто сакаме да живееме вечно? Или, како што пишуваше во британскиот весник The Times: „Зошто човекот со сите сили се труди да најде начин да ѝ избега на смртта, сеедно дали преку идејата за бесмртност, воскресение, задгробен живот или реинкарнација?“ Одговорот, како што ќе видиме сега, ни открива која е вистинската причина зошто старееме.
Зошто сакаме да живееме вечно?
Илјадници години луѓето се обидуваат да најдат одговор на ова прашање. Постои ли некое логично објаснување за тоа зошто се раѓаме со желба да живееме вечно и зошто нашето тело има потенцијал да живее вечно? Милиони луѓе веднаш би рекле „да“. Зошто? Затоа што во Библијата ги нашле најлогичните одговори во врска со човечката природа.
Уште на самиот почеток, Библијата јасно кажува дека луѓето, иако имаат некои сличности со другите суштества, во основа многу се разликуваат од нив. На пример, во 1. Мојсеева 1:27, пишува дека Бог го создал човекот според својот лик. Во која смисла? Тој нѐ создал со способност да покажуваме љубов, правда и мудрост. Бидејќи Бог живее вечно, и нам ни всадил желба да живееме вечно. Во Проповедник 3:11 пишува дека тој „вечноста им ја ставил на луѓето в срце“.
Способноста на нашиот мозок, особено потенцијалот за учење, е доказ дека луѓето биле создадени да живеат многу подолго отколку што живееме денес. Во една енциклопедија пишува дека долготрајната меморија кај човекот има „практично неограничен“ капацитет (The Encyclopedia of the Brain and Brain Disorders). Зошто би имале ваква способност ако не било предвидено да ја користиме? Да, главните одлики на човечкиот род покажуваат која била намерата на Бог со луѓето. Тогаш, зошто старееме, страдаме и умираме?
Зошто старееме и умираме
Првиот маж и првата жена имале совршени тела и слободна волја. За жал, тие ја злоупотребиле слободната волја така што се побуниле против својот Создател a (1. Мојсеева 2:16, 17; 3:6-11). Со тоа што биле непослушни направиле грев и почувствувале голема вина и срам. Тоа негативно се одразило и врз нивното тело кое почнало полека и неповратно да пропаѓа сѐ до смртта. „Осилото кое предизвикува смрт е гревот“, пишува во 1. Коринќаните 15:56.
Согласно со физичките закони за генетска наследност, сите потомци на Адам и Ева ја наследиле несовршеноста и склоноста кон грев, односно склоност да постапуваат погрешно. Во Римјаните 5:12 стои: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“.
На темел на сѐ што беше изнесено досега можеме да заклучиме: Формулата за долговечност никогаш нема да биде откриена во лабораторија. Само Бог може да ја поправи штетата предизвикана од гревот. Но, ќе го направи ли тоа? Библијата јасно вели „да“!
„Ќе ја уништи смртта засекогаш“
Бог веќе презел еден многу важен чекор да ги отстрани гревот и смртта. Тој го испратил Исус Христос да го даде својот живот за нас. Што значи смртта на Исус за нас? Исус се родил совршен и ‚не направил грев‘ (1. Петрово 2:22). Поради тоа, тој имал право да живее вечно како совршен човек. Што направил со својот совршен живот? Спремно го дал за да плати за нашите гревови. Да, Исус го дал својот живот „како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Наскоро, ќе извлечеме целосна корист од откупнината. Што може да значи тоа за тебе? Размисли за следниве стихови:
-
„Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).
-
„Ќе ја уништи смртта засекогаш и Севишниот Господар Јехова ќе ги избрише солзите од секое лице“ (Исаија 25:8).
-
„Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26).
-
„Еве го Божјиот шатор меѓу луѓето... Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе“ (Откровение 21:3, 4).
Значи, колку долго можеш да живееш? Библијата дава јасен одговор: Луѓето можат да се надеваат дека ќе живеат вечно — надеж која ќе се оствари откако Бог ќе ја исчисти Земјата од сета злоба (Псалм 37:28, 29). Исус мислел на оваа надеж кога на човекот прикован до него му рекол: „Ќе бидеш со мене во Рајот“ (Лука 23:43).
Да, желбата на човекот да живее вечно е природна и може да се исполни. Бог нѐ создал така! Тој и ќе ни ја исполни таа желба (Псалм 145:16). Но, и ние треба да направиме нешто. На пример, треба да стекнеме вера во Бог. Во Евреите 11:6 пишува: „Без вера не е можно да му се угоди на Бог, зашто оној што му пристапува мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние што ревносно го бараат“. Таквата вера не е лековерност, туку увереност која се темели на факти и на вистината од Библијата (Евреите 11:1). Ако сакаш да стекнеш таква вера, можеш да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или да отидеш на нашата интернет-страница www.pr418.com/mk.
a Побуната на Адам и Ева покренала некои спорни прашања во врска со Бог. Овие прашања, кои покажуваат зошто Бог привремено го допушта злото, се разгледани во книгата Што навистина учи Библијата? Можеш да ја читаш онлајн на www.pr418.com/mk.