СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Летот на албатросот скитник
ИМА птици што можат да лебдат во воздух со минимален напор. Еден пример за тоа е албатросот скитник. Оваа птица со распон на крилјата од околу 3,5 метри и тежина од речиси 8,5 килограми може да прелета илјадници километри трошејќи многу малку енергија! Ова се должи на нејзината анатомија и на нејзината техника на летање.
Размисли: Кога лета, албатросот користи посебни тетиви кои ги држат крилјата потполно раширени, поради што не мора да ги користи мускулите. Тој може да лета со часови користејќи ги и океанските ветрови.
Кога лета над морето, албатросот се извишува, се врти и се спушта правејќи последователни полукружни движења. Така добива забрзување со кое ја надоместува енергијата потрошена за да го совлада отпорот на воздухот. Со уреди за следење со висока резолуција и со посебна компјутерска програма научниците дури неодамна сфатиле како албатросот го прави тоа — ја добива потребната енергија во горниот дел од полукружната траекторија на летање кога почнува да лета во правецот на ветрот. Научниците велат дека овој процес при кој птицата „добива енергија“ тече „непречено и постојано“. Затоа, албатросот може со часови да лебди во воздухот без да мрдне со крилјата!
Овие сознанија може да им помогнат на инженерите да конструираат летала што ќе трошат помалку гориво, па можеби дури и ќе летаат без мотор.
Што мислиш? Дали способноста на албатросот скитник да штеди енергија при лет, како и неговата специфична анатомија, настанале со еволуција или се дело на мудар Творец?