Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ИНТЕРВЈУ | ДЕЈВИ ЛУС

Биохемичар зборува за својата вера

Биохемичар зборува за својата вера

Д-р Дејви Лус е биохемичар од Белгија. Во еден период од животот не верувал дека постои Творец, туку верувал во еволуција. Но, подоцна го сменил мислењето. Што го навело овој истражувач да ги преиспита своите ставови во врска со потеклото на животот? Разбудете се! разговараше со него за неговата вера и професија.

Како почнавте да се занимавате со научно истражување?

На факултет студирав хемија. Особено ме интересираа протеините и нуклеинските киселини, кои се најсложените молекули што постојат на нашата планета. Со текот на времето, почна да ме интересира начинот на кој одредени молекули реагираат на сончевата светлина.

Верувавте ли во Бог?

Како дете, верував. Но, подоцна, додека студирав на Католичкиот универзитет во Лувен, учевме дека живите суштества се производ на природните процеси. Професорите што предаваа на таа тематика ме импресионираа со сложените објаснувања. Тие беа искусни научници и затоа верував во она што го кажуваа. Па така, со текот на времето, ми беше сѐ потешко да верувам дека постои Бог.

Зошто почнавте повторно да размислувате за потеклото на животот?

Во 1999 год., сретнав еден школски пријател кој во меѓувреме станал Јеховин сведок и отидов со него на еден состанок. Отприлика во исто време, и кај нас дома дојде еден Јеховин сведок и ни ја остави книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? a

Како Ви се допадна книгата?

Голем впечаток ми остави тоа колку многу истражување било вложено во неа. Почнав да се прашувам дали еволуцијата навистина го објаснува сето она што го гледаме во природата.

Кои творби во природата Ве одушевуваат?

Како биохемичар, ги изучувам составот и процесите во извесни молекули што ги има во цијанобактериите кои живеат во океаните. Тоа се микроорганизми кои во однос на исхраната не зависат од други живи организми. Некои истражувачи сметаат дека цијанобактериите биле првите живи суштества на нашата планета. Со помош на сончевата светлина, овие микроорганизми користат еден крајно сложен хемиски процес, кој сѐ уште не го разбираме потполно, за да ги претворат водата и јаглерод диоксидот во храна. Ме одушевува и начинот на кој цијанобактериите толку ефикасно ја искористуваат светлината.

И лисјата ја користат сончевата светлина за да создаваат храна. Зошто баш овие бактерии толку Ве одушевуваат?

Колку подлабоко одите во морето толку помалку светлина има. Затоа, цијанобактериите што живеат таму мораат да го искористат секое зракче сончева енергија што доаѓа до нив, а тоа го прават преку неверојатно сложени антени. Енергијата што ја собираат се пренесува до центрите одговорни за создавање храна со речиси 100 отсто ефикасност. Дизајнот на овој механизам што ја апсорбира сончевата енергија го привлекува вниманието на производителите на соларни панели. Се разбира, соларните панели не се ни приближно толку ефикасни колку системите во цијанобактериите.

На каков заклучок Ве наведе ова?

Размислував за тоа колку инженерите се трудат да ги копираат неверојатните механизми во живите организми и дојдов до заклучок дека животот мора да е Божје дело

Размислував за тоа колку инженерите се трудат да ги копираат неверојатните механизми во живите организми и дојдов до заклучок дека животот мора да е Божје дело. Но, мојата вера не се темелеше само на научните истражувања. Се темелеше и на длабоко проучување на Библијата.

Што Ве увери дека Библијата е книга од Бог?

Една од многуте работи што ме уверија во тоа беше деталното исполнување на библиските пророштва. На пример, со векови однапред, Исаија дал многу детали за тоа како ќе умре Исус и како ќе биде погребан. Сигурни сме дека тоа пророштво било напишано пред смртта на Исус затоа што свитокот на Исаија пронајден во Кумранските пештери бил препишан околу сто години пред Исус да се роди.

Во тоа пророштво се вели: „Кога ќе умре, гробот ќе му биде меѓу злосторниците и меѓу богатите“ (Исаија 53:9, 12). Значајно е да се забележи дека Исус бил погубен со криминалци, но бил погребан во гробница на богато семејство. Ова е само едно од многуте исполнети пророштва што ме уверија дека Библијата е книга од Бог (2. Тимотеј 3:16). По некое време и јас станав Јеховин сведок.

Зошто се чувствувате убаво како Јеховин сведок?

Нашата вера не е слепа вера што замижува пред научните факти

Нашата вера не е слепа вера што замижува пред научните факти. Освен тоа, начелата што нѐ водат во животот цврсто се темелат на Библијата. Како Јеховин сведок, многу сакам да им ја пренесувам на другите утешната порака од Библијата и да им помагам да најдат одговор на прашањата што ги мачат.

a Издадена од Јеховините сведоци.