СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Неверојатниот слух на еден штурец
УШИТЕ на јужноамериканскиот штурец-грмушкар (Copiphora gorgonensis) се пократки од милиметар, но функционираат многу слично како човечките уши. Овој инсект разликува голем број фреквенции на голема оддалеченост. На пример, може да направи разлика меѓу звук на друг штурец и ултразвукот на лилјак во лов.
Размисли: Ушите на штурецот се сместени во неговите две предни нозе. Исто како и човечкото уво, увото на овој инсект ги прима звучните дразби, ги обработува и ја анализира нивната фреквенција. Но, во увото на штурецот научниците откриле еден необичен орган — шуплина што личи на издолжен балон исполнета со течност под притисок. Овој орган, наречен акустично меурче, има улога како коскениот полжав (кохлеата) кај цицачите, само што е многу помал. Својот неверојатен слух, штурецот-грмушкар му го должи токму на акустичното меурче.
Професор Даниел Робертс од Универзитетот во Бристол (Велика Британија) вели дека ова откритие ќе им помогне на инженерите „копирајќи ја природата да направат слушни апарати што ќе бидат помали и подобри од сегашните“. Истражувачите веруваат дека откритието ќе придонесе за следната генерација на ултрасонична технологија, вклучувајќи ја и технологијата за разни медицински снимања.
Што мислиш? Дали неверојатниот слух на штурецот-грмушкар настанал случајно или е дело на мудар Творец?