ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Брак
Дали бракот е само законски уредена заедница?
„Бог што составил, човек да не разделува!“ (Матеј 19:6)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
За Бог, бракот е многу повеќе отколку само една законски уредена институција. Тоа е света заедница помеѓу еден маж и една жена. Библијата вели: „Од почетокот на создавањето ‚[Бог] ги создаде машко и женско. Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си, и двајцата ќе бидат едно тело‘... Затоа, Бог што составил, човек да не разделува!“ a (Марко 10:6-9; 1. Мојсеева 2:24).
Зборовите „Бог што составил, човек да не разделува“ не укажуваат на тоа дека браковите се склопуваат на небото, односно дека Бог одредува кој со кого ќе се земе. Наместо тоа, кога Библијата вели дека нашиот Творец го основал бракот, истакнува колку сериозно треба да се гледа на оваа врска. За брачните парови кои така гледаат на својот брак тој е света и трајна врска, а тоа ја зајакнува нивната решеност да прават сѐ за да имаат добар брак. Бракот може да им биде уште поцврст доколку бараат совети од Библијата за да ја исполнат својата улога како маж и жена.
Каква улога има мажот?
„Мажот е глава на жената“ (Ефешаните 5:23)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
За едно семејство добро да функционира, некој треба да го има последниот збор. Библијата вели дека тоа треба да е мажот. Но, ова не му дава за право да се однесува како тиранин или како насилник. А не значи ни дека може да си ги запостави одговорностите, со што би си ја поткопал почитта што жена му ја има кон него и би ѝ наметнал непотребен товар. Напротив, Бог очекува мажот напорно да работи за да се грижи за својата сопруга и да ја почитува како свој најблизок и најдоверлив пријател (1. Тимотеј 5:8; 1. Петрово 3:7). Во Ефешаните 5:28 пишува: „Мажите треба да ги сакаат своите жени како своите тела“.
Еден сопруг кој вистински ја сака својата жена ги цени нејзините способности и таленти и со почит го зема предвид нејзиното мислење, посебно кога станува збор за работи што го засегаат целото семејство. Не треба да инсистира да биде по негово само затоа што тој е глава на семејството. Кога во врска со еден семеен проблем Божјиот слуга Авраам го отфрлил разумниот совет на жена му, Јехова Бог му рекол: „Послушај го нејзиниот глас“ (1. Мојсеева 21:9-12). Авраам понизно го прифатил тоа и затоа семејството ги зачувало мирот и слогата, а имало и благослов од Бог.
Каква улога има жената?
„Жени бидете им подложни на своите мажи“ (1. Петрово 3:1)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Пред да создаде жена за првиот човек, Бог рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мојсеева 2:18). Дополнение е нешто што комплетира или прави целина. Значи, Бог ја создал жената, не за да биде еднаква со мажот или за да му биде ривал, туку за да го дополнува. Заедно, тие можеле да ја исполнат задачата што им ја дал Бог — да имаат деца и да ја наполнат Земјата со свое потомство (1. Мојсеева 1:28).
За да може жената да ја исполни таа улога, Бог ја обдарил со идеални физички, умствени и емоционални карактеристики. Кога ги користи овие дарови мудро и со љубов, таа многу придонесува за среќата во бракот и му помага на сопругот да се чувствува исполнет и сакан. Во Божји очи, една таква извонредна жена заслужува пофалба b (Изреки 31:28, 31).
a Библијата дозволува развод поради сексуален неморал (Матеј 19:9).
b Брачните двојки можат да најдат многу корисни предлози за бракот и за семејството во рубриката „Совети за семејствата“ која редовно излегува во Разбудете се!