ИНТЕРВЈУ | ЕЛДАР НЕБОЛСИН
Класичен пијанист зборува за својата вера
Елдар Неболсин од Узбекистан е светски признат пијанист. Има настапувано како солист со разни оркестри во Виена, Лондон, Москва, Њујорк, Париз, Рим, Санкт Петербург, Сиднеј и Токио. Елдар пораснал во Советскиот Сојуз како атеист. Но, подоцна дошол до заклучок дека луѓето се создадени од еден добар Творец. Разбудете се! зборуваше со него за музиката и за неговата вера.
Како станавте музичар?
Моите родители се пијанисти. Почнаа да ме учат да свирам на пет години. Подоцна се запишав во музичкото училиште за талентирани деца во Ташкент.
Кажете ни кои се предизвиците кога се свири со оркестар.
Нема два исти оркестри. Секој оркестар е како огромен музички инструмент на кој „свири“ диригентот. Можеби главниот предизвик за еден солист е на сцената да оствари добра соработка со диригентот. Тоа е како разговор меѓу пријатели — наместо еден постојано да доминира, секој треба да му даде збор на другиот. Обично има само една или две проби за да се постигне ова.
Колку време посветувате на вежбање?
Најмалку три часа на ден — и тоа не само за да ги вежбам тешките делови. Ја анализирам и структурата на делото што го подготвувам — но без да го свирам. Освен тоа, слушам и други дела од истиот композитор за да имам подобра претстава за композицијата што ја вежбам.
Според Вас, со што се одликува еден добар пијанист?
Со способност да направи пијаното да „пее“. Да ви објаснам што мислам со ова. Пијаното е еден вид удирачки инструмент. Откако ќе отсвириш еден тон, јачината на звукот почнува да се намалува — што не е случај кај дувачките инструменти или кај човечкиот глас, кои можат да ја држат, па дури и да ја зголемат јачината на тонот. За пијанистите е предизвик да не се губи тонот. Тоа го постигнуваат со вешти движења на прстите и рачните зглобови. Освен тоа, мора добро да го
координираат и користењето на десниот педал, кој го продолжува траењето на тонот и ја менува неговата боја. Кога еден пијанист ќе ги совлада овие тешки техники, може да постигне пијаното да зазвучи како флејта, хорна, па дури и како оркестар. Може да постигне да звучи дури и како најубавиот музички инструмент — човечкиот глас.Се гледа дека многу ја сакате музиката.
За мене, музиката е јазикот што буди и најточно пренесува чувства кои е тешко, ако не и невозможно, да се изразат со зборови.
Како се заинтересиравте за духовни работи?
Дома имавме многу книги што татко ми ги носеше од Москва. Во една книга што ми беше особено интересна имаше библиски приказни за почетоците на човекот и за историјата на древните Израелци. Друга книга што ми дојде в раце беше Ти можеш засекогаш да живееш во рајот на Земјата, издадена од Јеховините сведоци. a Ме одушеви колку јасно беа изнесени во неа библиските учења. Кога се преселив во Шпанија во 1991 год. за да студирам музика, си ја понесов и книгата и ја прочитав неколкупати. Открив вера што не се темелеше само на чувства туку и на логични и уверливи докази.
Едно учење за кое особено се заинтересирав беше библиското ветување дека луѓето можат да живеат вечно на Земјата. Тоа ми звучеше толку логично! Инаку, во тоа време сѐ уште немав сретнато Јеховини сведоци. Но, решив дека, кога ќе ги сретнам, ќе ги замолам да ме поучуваат за Библијата.
Како се запознавте со Сведоците?
Неколку дена откако донесов таква одлука, видов две жени со Библија в рака. ‚Тие ми личат како луѓето за кои пишува во мојата книга‘, си помислив. ‚Проповедаат исто како христијаните од библиско време.‘ Набрзо почнав да ја проучувам Библијата со еден Сведок. Денес, најголема радост ми причинува да им помагам на другите да го запознаат нашиот Творец.
Што Ве увери Вас, поранешен атеист, да верувате дека постои Творец?
Музиката ме увери. Речиси нема човек што не ужива во музика, и тоа на начин на кој ниедно животно не може. Музиката може да пренесе радост, чувство на сигурност, нежност и речиси секоја друга емоција. Природно ни доаѓа да се движиме во ритамот на музиката. Но, дали музиката е неопходна за нашиот опстанок? Дали игра улога во „опстанокот на посилниот“, како што велат еволуционистите? Јас не мислам така. Според мене, неразумно е да мислиме дека човечкиот мозок, со неговата способност да создава и да ужива во музика, на пример како музиката на Моцарт и Бетовен, е производ на еволуцијата. Многу поразумно објаснување е дека нашиот мозок е производ на еден мудар и добар Творец.
Библијата е како симфонија со прекрасна структура, како маестрално склопена композиција со порака што допира до срце
Што Ве увери дека Библијата е книга од Бог?
Библијата е составена од 66 помали книги пишувани од 40-ина мажи во период од околу 1.600 години. Еднаш си размислував: ‚Кој би можел да го води пишувањето на ова складно ремек-дело?‘ Единствениот логичен одговор е: само Бог. За мене, Библијата е како симфонија со прекрасна структура, како маестрално склопена композиција со порака што допира до срце.
a Јеховините сведоци сега ги поучуваат луѓето за Библијата со книгата Што навистина учи Библијата? Оваа книга е достапна на www.pr418.com/mk.