СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | БРАК
Како да бидеш добар слушач
ПРЕДИЗВИК
„Ти воопшто не ме слушаш!“, ти вели жена ти. a А ти си велиш: „Ама слушам“. Очигледно, она што ти си го чул не е тоа што ти го кажала жена ти. Ова води само до нова кавга.
Но, можеш да направиш нешто за да не доаѓа до такви кавги. Најпрво, откриј зошто испушташ некои важни детали од она што ти го кажува жена ти — дури и тогаш кога си мислиш дека ја слушаш.
ЗОШТО СЕ СЛУЧУВА ТОА
Нешто ти го одзема вниманието или си уморен. Децата прават галама, телевизорот трешти, а ти размислуваш за некој проблем што го имаш на работа. Одеднаш, жена ти почнува да ти зборува — нешто околу тоа дека вечер ќе имате гости. Ти климаш со главата во знак на одобрување, но всушност немаш поим што ти кажала.
Си правиш филмови. Си претпоставуваш дека во зборовите на жена ти има скриена порака, но всушност си отишол предалеку. На пример, да речеме дека жена ти ти вели: „Оваа седмица често работеше прекувремено“. Ти го доживуваш тоа како критика и ѝ возвраќаш: „Не сум јас крив! Морам да работам прекувремено затоа што ти трошиш без мерка“. Таа изнервирано ти вели: „Не сакав да те обвинам!“ Всушност, сѐ што сакала да ти каже е дека би било убаво да се одморите и викендот да го поминете заедно.
Бараш решение пред да сослушаш. Марси b вели: „Понекогаш само сакам да кажам како се чувствувам, а Мајк веднаш ми кажува како да го решам проблемот. Јас не сакам решение. Само сакам да знае како се чувствувам“. Каде лежи проблемот? Уште додека зборува жена му, Мајк веќе бара решение. Поради тоа, веројатно нема да слушне сѐ што му кажува жена му.
Како можеш да станеш подобар слушач?
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Слушај со целосно внимание. Жена ти има да ти каже нешто важно, но дали си спремен да ја сослушаш? Можеби не си. Можеби баш во тој момент мислите ти се на друго место. Тогаш, немој да се преправаш дека ја слушаш. Ако е можно, остави го тоа што го правиш и обрни ѝ целосно внимание или замоли ја да разговарате подоцна. (Библиско начело: Јаков 1:19.)
Не ја прекинувај додека зборува. Кога жена ти зборува, немој да ја прекинуваш дури и ако не се согласуваш со неа. И ти ќе имаш можност да го кажеш своето мислење. (Библиско начело: Изреки 18:13.)
Поставувај прашања. Така подобро ќе разбереш што ти зборува брачниот другар. Марси вели: „Убаво ми е кога Мајк ми поставува прашања. Тоа ми покажува дека му е важно она што му го кажувам“.
Сфати ги чувствата што стојат зад зборовите. Земи ги предвид гестовите, изразот на лицето, држењето на телото и тонот на гласот. Кога жена ти ќе ти рече: „Добро“, тоа може да значи: „Не е добро“ — зависи од начинот на кој е кажано. „Ти никогаш не прашуваш дали ми треба помош“ може да значи „Имам чувство дека не сум ти важна“. Труди се да сфатиш какви чувства стојат зад зборовите. Инаку, би можеле да потрошите многу време расправајќи се за зборови, наместо за вистинските причини за проблемот.
Ислушај до крај. Продолжи да слушаш и не си заминувај дури и ако она што ти го кажува жена ти не ти се допаѓа. На пример, што ако те критикува? Грегори, кој е во брак повеќе од 60 години, вели: „Ислушај до крај и добро размисли за она што ти го кажува другиот. Ова не е лесно и потребна е зрелост, но вреди да се вложи труд“. (Библиско начело: Изреки 18:15.)
Биди искрено заинтересиран за својот брачен другар. Вистинското слушање е повеќе од вештина. Тоа е и израз на љубов. Кога си искрено заинтересиран за она што го кажува твојот брачен другар, многу полесно ќе ти биде да го сослушаш. Така ќе покажеш дека го следиш библискиот совет: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).