Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Создавање

Создавање

Дали Бог ја создал Земјата за само шест дена од по 24 часа, како што тврдат некои креационисти?

„Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мојсеева 1:1)

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Бог ја создал вселената, вклучувајќи ја и Земјата, многу одамна, односно „во почетокот“, како што стои во 1. Мојсеева 1:1. Современата наука се согласува дека вселената имала почеток. Неодамна, научниците проценија дека вселената постои речиси 14 милијарди години.

Библијата ги опишува и шесте „дена“ на создавање. Меѓутоа, таа не вели дека овие денови траеле по 24 часа (1. Мојсеева 1:31). Всушност, во Библијата зборот „ден“ се користи за периоди со различно времетраење. На пример, целиот период на создавање е наречен „денот кога Јехова Бог ги направи земјата и небото“ (1. Мојсеева 2:4). Очигледно, овие „денови“ на создавање траеле илјадници години (Псалм 90:4).

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Погрешните идеи на креационистите би можеле да нѐ наведат да го отфрлиме она што го кажува Библијата. Од друга страна, ако Библијата дава точен извештај за создавањето, може да имаме корист од нејзината богата ризница на „мудрост“ (Изреки 3:21).

 Дали Бог се послужил со еволуција за да го создаде животот на Земјата?

„Бог рече: ‚Земјата нека пушти од себе живи души според нивните видови‘“ (1. Мојсеева 1:24)

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Бог не создал прости облици на живот за подоцна да еволуираат во посложени. Тој создал основни „видови“ на сложени растенија и животни кои потоа се размножувале „според својот вид“ (1. Мојсеева 1:11, 21, 24). Овој процес, кој сѐ уште трае, овозможил Земјата да се наполни со истите „видови“ што Бог првобитно ги создал (Псалм 89:11).

Библијата не кажува конкретно до какви сѐ промени може да дојде во рамките на еден вид, што е случај кога животни од ист вид се вкрстуваат и се приспособуваат на животната средина. Иако некои сметаат дека ваквите промени се некој облик на еволуција, со нив не настанува нов вид животно или растение. Современите истражувања ја поткрепуваат идејата дека основните категории растенија и животни не претрпеле значителни промени во текот на долги временски периоди.

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Тоа што Библијата е научно точна кога зборува за ‚видовите‘ потврдува дека можеме да ѝ веруваме и на други подрачја, како што се историјата и пророштвата.

Како настанала материјата од која е составена вселената?

„Со свои раце ги распнав небесата“ (Исаија 45:12)

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Бог е Извор на неисцрпна сила, односно енергија (Јов 37:23). Ова е важен факт затоа што научниците дојдоа до сознание дека енергијата може да се претвори во материја. Библијата вели дека Бог е Извор на „изобилство енергија“ со која ја создал вселената (Исаија 40:26, фуснота). Тој ветува дека ќе ја користи својата енергија во полза на сѐ што создал. Ова го знаеме затоа што во врска со Сонцето, Месечината и ѕвездите во Библијата пишува: „[Бог] ги постави да стојат засекогаш, во сите векови“ (Псалм 148:3-6).

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Во една прилика астрономот Ален Сендиџ рекол: „Науката не може да даде одговор на најважните прашања. На пример, таа останува нема пред прашањето зошто постои вселената“. Библијата не само што објаснува како било создадено сѐ, и тоа во склад со научните факти, туку дава одговор и на прашања што науката не може да ги одговори, како што е прашањето: Каква намера има Бог со Земјата и луѓето? *

^ пас. 16 Нешто повеќе можеш да прочиташ во поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.