СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Кожата на змијата
БИДЕЈЌИ немаат екстремитети, на змиите им е потребна цврста кожа која ќе го издржи постојаното триење со површината по која се движи. Некои видови змии се качуваат по рапави дрвја, а други се закопуваат во остар песок. Зошто кожата на змијата е толку издржлива?
Размисли: Кај различни видови змии кожата може да се разликува според дебелината и структурата. Но, кожата на сите змии има една заедничка карактеристика: однадвор е поцврста, а како оди навнатре станува сѐ помека. Која е предноста на ова? Истражувачот Мари-Кристин Клајн објаснува: „Материјал чиј надворешен слој е покрут и кој, како што оди навнатре, станува сѐ поеластичен има способност да ја распредели силата на ударот на поголема површина“. Поради уникатната структура на змиската кожа се создава доволно голема сила на триење помеѓу телото на змијата и тлото која ѝ е потребна за да може да се движи. Ваквата структура на кожата помага и кога змијата се движи по остри камења, зашто во тој случај притисокот рамномерно се распоредува по телото и кожата помалку се оштетува. За змиите е многу важно кожата да им биде издржлива, бидејќи тие обично ја менуваат кожата само на два-три месеца.
Материјали со својства како кожата на змијата може да бидат од голема корист во медицината — на пример, во производството на постабилни и потрајни вештачки импланти. Освен тоа, за подвижните ленти направени по примерот на кожата на змијата ќе бидат потребни помалку средства за подмачкување што ја загадуваат околината.
Што мислиш? Дали кожата на змијата настанала по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?