Ловот на вештерки во Европа
ВО ЕВРОПА, пред неколку векови, стравот од вештерки * бил причина многу луѓе да бидат осудени и погубени за вештерство. Ова главно се случувало во Белгија, Германија, северна Италија, Луксембург, Франција и Холандија. Во книгата Witch Hunts in the Western World (Ловот на вештерки во западниот свет) пишува дека „во Европа и европските колонии умреле десетици илјади луѓе“, а „милиони други биле мачени, апсени, сослушувани, жигосани од околината, биле предмет на омраза или живееле во страв“. * Од каде ваквата параноја? Што ја разгорело?
Инквизицијата и Малеус малефикарум
Главна улога во оваа приказна одиграла инквизицијата. Во 13 век, Католичката црква ја вовела инквизицијата „за да ги преобрати оние што отпаднале од верата и да спречи и други да ја напуштат црквата“, објаснува книгата Der Hexenwahn (Страв од вештерки). Инквизицијата била еден вид црковна полиција.
На 5 декември 1484 год., папата Инокентиј VIII издал папска була, односно документ со кој се осудувало вештерството. Исто така, овластил двајца инквизитори да го решат овој проблем — Јакоб Шпренгер и Хајнрих Крамер (познат и под латинското име Хенрикус Иститорис). Тие ја напишале книгата Малеус малефикарум (Чекан за вештерки). И католиците и протестантите ја прифатиле оваа книга како официјален прирачник за прогонители на вештерки. Во книгата имало приказни за вештерки земени од фолклорот, биле изнесени теолошки и правни аргументи против вештерството и биле дадени упатства како да се препознаат и како да се погубат вештерките. За Малеус малефикарум се вели дека „од сите книги на светот, оваа книга нанела најголеми страдања и... најмногу штета“.
За Малеус малефикарум се вели дека „од сите книги во светот, оваа книга нанела најголеми страдања и... најмногу штета“
За да се осуди некој за вештерство, не биле потребни докази. Во книгата Hexen und Hexenprozesse (Вештерки и судења на вештерки) се вели дека „единствената цел на судењата била да се изнуди признание од обвинетата со убедување, притисок или сила“. Обвинетите често биле и мачени.
Како реакција на Малеус малефикарум и на папската була издадена од папата Инокентиј VIII, низ Европа почнал масовен лов на вештерки. Освен тоа, за овој лов многу помогнал и еден нов изум — печатарската машина — кој придонел опседнатоста со вештерки да го премине Атлантикот и да ја зафати и Америка.
Кој завршувал на обвинителната клупа?
Над 70 отсто од обвинетите биле жени, особено вдовици кои обично немало кој да ги заштити. Меѓу обвинетите имало и сиромашни, постари и жени што правеле билни лекови — особено ако лековите не биле успешни. Всушност, никој не бил сосема безбеден — ни богат ни сиромашен, ни маж ни жена, ни обичен човек ни угледен човек.
„Вештерките“ биле обвинувани за сѐ и сешто. Тие наводно „предизвикувале да падне слана и носеле наезди од полжави и гасеници за да ги уништат посевите и родот“, се вели во германското списание Damals. Ако посевите ги уништел град, ако кравата не давала млеко, ако некој маж бил импотентен или ако некоја жена била неротка, нормално, дежурни виновници биле вештерките!
Какви методи се применувале за да се препознае вештерка? Некои од осомничените биле врзувани и фрлани во студена „света“ вода. Ако потонеле, тоа било знак дека не се виновни и тогаш ги ваделе од водата. Ако не потонеле, се сметало дека се вештерки и биле погубувани на лице место или, пак, им се судело. Други биле мерени на вага затоа што се сметало дека вештерките се со мала тежина или дека воопшто немаат телесна тежина.
Во книгата Ловот на вештерки во западниот свет се опишува еден друг метод — се прегледувало телото на осомничената за да се види дали го има „знакот на Ѓаволот“, односно „видлив знак што го оставил Ѓаволот кога склучил сојуз со вештерката“. Судиите го барале знакот „така што ќе ѝ ја избричеле целата коса на овинетата и ќе ѝ го провереле секое делче од телото — јавно! Потоа ја прободувале со игла во секоја бенка, брадавица и лузна. Ако обвинетата не ја здоболело или ако не потечела крв, се сметало дека се работи за знакот на Сатана.
Владите и во католичките и во протестантските земји го подгревале ловот на вештерки, а во некои региони протестантските владетели дури биле многу посурови од католичките. Но, со текот на времето, преовладал разумот. На пример, во 1631 год., Фридрих Шпе, језуитски свештеник кој придружувал многу од „жените што биле осудени за вештерки“ до кладите на кои биле живи спалувани, напишал дека, според него, ниедна од нив не била виновна. Тој уште предупредил дека, ако ловот на вештерки продолжи со несмалена жестина, нема да останат луѓе! Во исто време, лекарите почнале да согледуваат дека некои работи, како што се епилептичните напади, може да бидат поврзани со болест, а не со опседнатост од демони. Во 17 век, бројот на судења нагло опаднал, а до крајот на векот судењата сосема престанале.
Што учиме од овој мрачен период од човечката историја? Кога луѓето што се изјаснувале како христијани почнале да ги заменуваат чистите учења на Исус Христос со религиозни лаги и суеверија, се случувале грозни ѕверства. Прорекувајќи дека таквите безверни луѓе ќе му донесат голем срам на вистинското христијанство, Библијата предупредила: „Ќе се зборува срамно за патот на вистината“ (2. Петрово 2:1, 2).