ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Нашите мисли
Важно ли е за што размислуваме?
„Длабоко ќе размислувам за сите твои дела, ќе се зафатам со твоите постапки“ (Псалм 77:12)
ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:
За да бидеш среќен и задоволен во животот, мнозина препорачуваат медитација. Медитацијата може да биде во различни форми, а голем број од нив влечат корени од древните источни религии. Во врска со оваа тема, еден писател рекол: „За умот да гледа јасно, најпрво мора да се испразни“. Неговите зборови го поддржуваат гледиштето дека, ако си го испразниш умот додека се концентрираш на извесни зборови или слики, ќе постигнеш внатрешен мир и духовно просветлување и ќе имаш јасни мисли.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Библијата не нѐ поттикнува да медитираме за да си го испразниме умот или да повторуваме одреден збор или фраза, што понекогаш се нарекува мантра. Напротив, Библијата нѐ поттикнува длабоко да размислуваме за корисни работи, како што се Божјите особини, мерила и созданија (1. Тимотеј 4:15). Еден верен човек во молитва му рекол на Бог: „Размислувам за сите твои дела, се интересирам за делото на твоите раце“ (Псалм 143:5). Уште рекол: „Кога ќе се сетам на тебе в постела, за време на ноќните стражи, размислувам за тебе“ (Псалм 63:6).
Зошто е корисно да размислуваме за добри работи?
„Срцето на праведникот промислува што ќе одговори“ (Изреки 15:28)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Кога длабоко размислуваме за добри работи, имаме внатрешен мир, поголема морална сила и посталожени сме. Сето ова ни помага да зборуваме и да се однесуваме попромислено и поразумно (Изреки 16:23). Според тоа, ваквото размислување ни помага да имаме посреќен и поисполнет живот. Во врска со човекот кој редовно размислува за Бог, во Псалм 1:3 пишува: „Тој е како дрво посадено крај води што течат, кое својот плод го донесува во свое време и на кое лисјето не му венеат, и во сѐ што прави, ќе биде успешен“.
Длабокото размислување ни помага и да имаме подобро памтење и подобро да ги сфаќаме работите. Да го објасниме ова со еден пример: кога проучуваме некој аспект на Божјите созданија или конкретна библиска тема, дознаваме многу интересни факти. Но, кога длабоко размислуваме за тие факти, гледаме како се поврзани еден со друг и со она што го знаеме од порано. Исто како што еден столар од парчиња дрво изработува убав предмет, така и длабокото размислување ни помага да ги „склопиме“ фактите во една складно поврзана целина.
Зошто треба да внимаваме за што размислуваме?
„Срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ. Кој може да проникне во него?“ (Еремија 17:9)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
„Однатре, од човечкото срце, излегуваат лоши мисли: блудства, кражби, убиства, прељуби, лакомства, злоба, измама, бесрамност, завидливо око... неразумност“ (Марко 7:21, 22). Во склад со овие зборови, исто како што сме внимателни со оган, така мора да сме внимателни и кога станува збор за нашите мисли. Ако не внимаваме, неисправните мисли може да родат погрешни желби кои може да излезат од контрола и да нѐ наведат на грев (Јаков 1:14, 15).
Затоа, Библијата нѐ поттикнува да размислуваме за ‚сѐ што е вистинито, праведно, чисто, допадливо, пофално, доблесно и достојно‘ (Филипјаните 4:8, 9). Кога размислуваме за вакви исправни работи, ќе стекнеме убави особини, ќе зборуваме љубезно и со почит и ќе имаме добри односи со другите (Колошаните 4:6).