ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ДА ПРЕБРОДИШ НЕМИЛ НАСТАН
Материјална загуба
Во петок, на 11 март 2011 год., Јапонија ја погоди земјотрес со јачина од 9 степени, во кој животот го изгубија над 15.000 луѓе и беше причинета материјална штета од преку 200 милијарди американски долари. По предупредувањата за цунами, 32-годишниот Кеј избегал на повисоко место. Тој вели: „Следното утро, се вратив да видам што можам да спасам, но водата имаше однесено сѐ во морето, дури и зградата каде што живеев. Беа останати само темелите.
Ми требаше време да сфатам дека целиот живот ми го снема за миг. Изгубив сѐ — автомобилот, компјутерите што ги користев за работа, масите, столчињата и каучот на кои пречекував гости, синтисајзерот, гитарата, укулелето и флејтата, моите сликарски материјали, водените и маслените бои, пастелните боици, сите мои слики и цртежи“.
КАКО ДА ПРЕБРОДИШ
Труди се да се концентрираш на она што го имаш, а не на она што си го изгубил. Библијата вели: „Дури и кога некој има во изобилство, неговиот живот не произлегува од она што го поседува“ (Лука 12:15). Кеј раскажува: „Прво си направив список со работи што сакав да ги имам, но тоа само ме потсеќаше на она што го изгубив. Затоа решив на списокот да ги ставам само оние работи што навистина ми беа потребни и, како ги добивав една по една, така додавав други работи на списокот. Тоа ми помогна повторно да застанам на нозе“.
Наместо да се преокупираш со себе, размислувај што би можел да направиш за другите. Кеј вели: „Добив голема помош и од хуманитарни организации и од пријатели, но колку повеќе се навикнував да добивам, толку повеќе ја губев самопочитта. Тогаш на ум ми дојдоа зборовите запишани во Библијата, во Дела 20:35, каде што се вели дека ‚повеќе усреќува давањето отколку примањето‘. Бидејќи не можев многу да дадам во материјален поглед, одлучив да ги храбрам другите преживеани. Тоа многу ми помогна“.
Моли го Бог да ти дава мудрост да се справиш со ситуацијата. Кеј верувал во зборовите од Библијата дека Бог ‚ќе обрне внимание на молитвата на оние што ќе останат без ништо‘ (Псалм 102:17). И ти можеш да имаш доверба во овие зборови.
Си знаел ли дека... Библијата прорекла време кога никој нема да се плаши дека ќе изгуби нешто во природна катастрофа * (Исаија 65:21-23).
^ пас. 9 Која е Божјата намера со Земјата можеш да прочиташ во поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.