Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Како да живееме во мир и слога?

Како да живееме во мир и слога?

Даниел и Иван биле соседи и многу добро си живееле. * Но, една вечер Иван правел забава до доцна во ноќта. Кога Даниел се пожалил на вревата, Иван се навредил и се скарале. Оттогаш не сакале да се видат.

ОВА се случува многу често. Кога помеѓу двајца ќе дојде до несогласување, обично никој не сака да попушти, мислејќи дека другиот е крив. Ако секој остане на своето, тоа може да значи крај на нивното пријателство.

Можеби и ти си бил во слична ситуација. И сигурно не ти било пријатно. Зашто, кој не сака да биде во добри односи со пријателите и соседите? Но, како? Факт е дека одвреме-навреме доаѓа до несогласувања. Можеме ли да се издигнеме над негативните мисли и да простиме? Можеме ли на мирен начин да ги решаваме несогласувањата?

Размисли за она што им се случило на Даниел и Иван. Во основа, тие си го расипале пријателството поради неколку погрешни чекори: 1) Иван не бил обѕирен, 2) Даниел го повредил Иван со начинот на кој му се обратил, 3) и двајцата избувнале и 4) ниеден од нив не сакал да попушти.

Сепак, на крајот разумот победил. Се смириле и го оставиле несогласувањето зад себе. Што им помогнало? Примениле некои практични начела што на многу пријатели им помогнале не само да ги надминат несогласувањата туку и да станат уште поблиски.

Овие начела се наоѓаат во најраспространетата книга на светот — Библијата. Таа нѐ поттикнува да развиваме особини што ќе ни помогнат да имаме добри односи со другите и да ги залечиме емоционалните рани. Некои од овие особини се проникливост, разбирање, љубезност, љубов и стрпливост (Изреки 14:29; 1. Коринќаните 13:4, 5).

Даниел и Иван не се единствените на кои Библијата им помогнала во животот. Таа им помогнала и на многу други луѓе.  Со нејзина помош, некои од нив успеале да искоренат длабоко вкоренети негативни особини. На пример, Роберт, кој живее во Австралија, се изборил со гневот. Нелсон од Источен Тимор успеал да ја победи омразата и станал близок пријател со еден поранешен непријател. Како Библијата им помогнала на Роберт и на Нелсон? Разбудете се! ги интервјуираше во врска со тоа.

ИНТЕРВЈУ 1

РОБЕРТ, кажи ни нешто за себе.

Пораснав во несреќно семејство. Татко ми беше насилен човек и често ме тепаше. Понекогаш дури и ќе ме оставеше раскрвавен и онесвестен. Поради тоа станував сѐ погневен и сѐ понасилен. Како тинејџер, две години бев во поправен дом. Подоцна завршив во затвор со високо обезбедување поради брутален напад. Кога конечно бев пуштен на слобода, се преселив во Австралија за да почнам нов живот.

Роберт бил гневен и насилен, а бил и во затвор

Дали тоа ти помогна да се смениш?

Она што ми помогна да се сменам не беше преселбата, туку Библијата, која почнав да ја проучувам со Јеховините сведоци. Сепак, сѐ уште ми беше тешко да го контролирам гневот. Затоа, честопати бев разочаран од себеси и се чувствував безвредно. Но, еднаш размислував за стихот од Изреки 19:11, каде што пишува: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“. И јас сакав да имам такво разбирање. Затоа, почнав да размислувам што се крие зад нашите чувства, зборови и постапки. Така, со текот на времето, станав поразумен, пострплив и поспремно простував.

Може ли да ни кажеш некоја конкретна ситуација?

Еднаш, несакајќи навредив еден пријател и тој остро ме прекори пред сите. Најблаго кажано, бев понижен! Но, тогаш се сетив на библискиот совет „никому не враќајте зло за зло“ и веднаш му се извинив (Римјаните 12:17). Кога му помина лутината, зборував со него насамо и сфатив дека има семејни проблеми. Се смиривме и, по некое време, ми подари убаво палто. Не сакам ни да помислам што ќе се случеше некој да ме понижеше така порано.

Како се справуваш со семејните проблеми?

Јас и жена ми имаме 20-годишен син. И ние, како и сите други семејства, имаме несогласувања. Но, од Библијата научив многу. Меѓу другото, научив колку е важно да се извиниме. Неверојатно е што може да направи едно ‚извини‘ — може да ги спречи или да ги расчисти несогласувањата.

 ИНТЕРВЈУ 2

НЕЛСОН, ти си ведар и срдечен човек. Но, порано си бил исполнет со омраза.

Да. Како млад, бев член на една политичка група која беше во опозиција на владата. Исто така, мразев една политичка партија што се бореше да дојде на власт во областа каде што живеев. За да бидам подобар војник, научив боречки вештини и се тепав со секој што ќе ме изнервираше.

Како млад, Нелсон бил член на една опозициска политичка група

Што те поттикна да се смениш?

Почнав да ја проучувам Библијата и да ги применувам библиските учења. Посебно две од нив ме допреа до срце. Првото е: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). А второто е: „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:39). Забележав дека Сведоците, кои ме поучуваа за Библијата, покажуваа таква љубов, без оглед на нивната расна или етничка припадност. Сакав да бидам како нив. Очигледно успеав во тоа. Луѓето што ме познаваа отпорано не можеа да се изначудат колку се сменив и повеќе не се плашеа од мене.

Ти се случило ли некогаш пак да избувнеш?

Пред другите не. Но, дома имаше моменти кога ми беше тешко да се контролирам. Еднаш бев толку лут што ја удрив жена ми и многу се каам поради тоа. Но, таа ми прости и тогаш уште поцврсто решив да си ги контролирам чувствата.

Спомна дека другите повеќе не се плашат од тебе. Кажи ни некој конкретен пример.

Еден ден се сретнав со Аугусту, истакнат член на политичката партија што ја мразев. Отпрвин, тој беше многу резервиран. Но, јас срдечно го поздравив, му реков да заборавиме на нашите несогласувања и го поканив кај мене дома. Тој се согласи и беше одушевен од тоа колку сум се сменил. Беше толку одушевен што и тој почна да ја проучува Библијата. Сега не само што сме блиски пријатели туку сме и духовни браќа.

 „Бидете во мир со сите луѓе“

Причините за конфликтите се сложени и најразлични. Освен тоа, колку и да се трудиш да се смириш со некого, можеби тој нема да сака. Затоа, Библијата го дава следниов реалистичен совет: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).

Луѓето што ги спомнавме во оваа статија се жив доказ дека мудроста од Библијата навистина е практична — таа има моќ да руши ‚цврсто утврдени‘ негативни ставови, доколку ѝ дозволиме (2. Коринќаните 10:4). Во врска со таа мудрост, во Изреки 3:17, 18 пишува: „Нејзините патишта се патишта на задоволството, и сите нејзини патеки се полни со мир. Таа е дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“.

Нелсон и Аугусту сега се блиски пријатели

Сакаш ли да бидеш посреќен и помирољубив? Сакаш ли да имаш пријателства кои нема да попуштат под притисок? Ако ѝ дозволиш на Библијата да те води, сигурно нема да зажалиш.

^ пас. 3 Имињата се сменети.