СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Научи да кажеш ,не‘
ПРЕДИЗВИК
Твоето дете едноставно не се разбира од ,не‘. Секој пат кога нема да му дозволиш нешто, ти прави сцена и ти оди по живци. Пробуваш да го смириш, но ништо не ти успева. Единствено решение гледаш во тоа да му попуштиш. И пак истото — почнуваш со одлучно ,не‘, ама завршуваш со безволно и исфрустрирано ,да‘.
Сепак, ти можеш да му ставиш крај на ова. Но најпрво, да видиме зошто треба да се каже ,не‘.
ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ
Не е бездушно да кажеш ‚не‘. Некои родители не се согласуваат со ова и сметаат дека треба да се убедуваш со детето, да му објаснуваш, па дури и да се пазариш со него. Нивниот став е не вели ,не‘ за да не го повредиш детето.
Вистина е дека ако кажеш ,не‘, детето отпрвин можеби ќе се разочара. Но, така учи една важна лекција — во животот има граници што мора да се почитуваат. Од друга страна, кога попушташ, си го рушиш авторитетот и го учиш детето дека може да го користи кенкањето за да манипулира со тебе секогаш кога сака нешто. Со текот на времето, може да го изгуби ценењето кон тебе. А и како би можело едно дете да почитува родител кого лесно може да си го врти како што сака?
Твоето ‚не‘ го подготвува детето за животот. Така го учиш на самосовладување. Детето што ќе ја научи оваа вредна лекција, во тинејџерските години нема толку лесно да подлегне на притисокот да зема дрога или да има предбрачен секс.
Со твоето ,не‘ го подготвуваш детето за она што го чека во животот. „Факт е дека ние [возрасните] не го добиваме секогаш она што го сакаме“, пишува д-р Дејвид Волш. „Не им правиме никаква услуга на децата ако ги учиме дека во животот сѐ ќе им биде сервирано на тацна.“ *
ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ
Концентрирај се на целта. Твојата цел е да му помогнеш на детето да израсне во одговорна, емотивно зрела и продуктивна личност. Но, ако сега му дозволуваш сѐ што ќе посака, само се оддалечуваш од таа цел. Библијата вели дека ако некој ,е разгален од неговата младост, тој подоцна ќе стане неблагодарен‘ (Изреки 29:21). Според тоа, многу важен дел од воспитувањето е да знаеш да му кажеш ,не‘ на детето. Со тоа нема да го повредиш. Напротив, ќе му помогнеш. (Библиско начело: Изреки 19:18.)
Одлучно кажи ‚не‘. Детето не е на исто рамниште со тебе. Затоа, нема потреба да му објаснуваш надолго и нашироко зошто си рекол ,не‘. Не ти треба одобрение од него. Се разбира, како што децата растат, нивната „моќ на согледување преку искуство [треба да] им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евреите 5:14). Значи, не е погрешно да се дискутира за работите со децата. Сепак, ако се мали, не влегувај во бесконечни расправии со нив за тоа зошто си рекол ,не‘. Колку повеќе се расправаш, толку послабо ќе станува твоето ,не‘. (Библиско начело: Ефешаните 6:1.)
Стој си на зборот. За да те предомисли, детето можеби ќе почне да цимоли или да те моли. Што да правиш ако тоа се случи дома? „Не останувај во иста просторија со детето“, препорачува книгата Сакај, не разгалувај (Loving Without Spoiling). „Кажи му: ,Ако ти се плаче, нема проблем, плачи си. Ама јас нема да те слушам. Оди си во собата и таму плачи колку сакаш‘.“ Отпрвин можеби ќе ти биде тешко да заземеш ваков став, а на детето можеби ќе му биде тешко да го прифати тоа. Но, кога ќе види дека си стоиш на зборот, веројатно ќе се помири со твојата одлука. (Библиско начело: Јаков 5:12.)
Не вели автоматски ,не‘ за сѐ и сешто само за да покажеш кој е главен
Биди разумен. Не вели автоматски ,не‘ за сѐ и сешто само за да покажеш кој е главен. Библијата советува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Филипјаните 4:5). Значи, има ситуации кога е во ред да му кажеш ,да‘ на детето — но не само за да ти се тргне од главата, туку затоа што она што го бара е на место. (Библиско начело: Колошаните 3:21.)
^ пас. 10 Од книгата: No: Why Kids—of All Ages—Need to Hear It and Ways Parents Can Say It.