ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Соништа од Бог
Дали Бог комуницирал со луѓето преку соништа?
„[Божјиот пророк] Даниел сони сон на својата постела... Тогаш го запиша сонот и раскажа за сѐ што виде“ (Даниел 7:1)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Бог им пренесувал важни пораки на луѓето на различни начини. Во библиски времиња, понекогаш го правел тоа преку соништа. Но, тие соништа не биле како обичните соништа кои многу често се нејасни и нелогични. Соништата од Бог биле живописни, логични и содржеле конкретна порака. На пример, пророкот Даниел во еден сон видел неколку ѕверови со кои се претставени светските сили од Вавилон до нашево време (Даниел 7:1-3, 17). Во сон, Бог му кажал на Јосиф од Назарет, очувот на Исус, да побегне во Египет заедно со жена му и детето. На тој начин, Исус бил спасен од рацете на злобниот цар Ирод. Кога Ирод умрел, Бог повторно му се јавил во сон на Јосиф и му рекол да се врати со семејството во Израел (Матеј 2:13-15, 19-23).
Дали Бог и денес комуницира со луѓето преку соништа?
„Не одете преку она што е напишано“ (1. Коринќаните 4:6)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Библијата ја содржи пораката која Бог сака да им ја пренесе на сите луѓе. Некои делови од таа порака ги открил преку соништа, кои потоа биле запишани како дел од Библијата. Во врска со Божјата Реч, во 2. Тимотеј 3:16, 17 пишува: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување, за укорување, за поправање, за воспитување во праведноста, за да биде Божјиот човек вистински способен и потполно опремен за секое добро дело“.
Библијата ,потполно нѐ опремува‘ така што ни открива сѐ што треба да знаеме за Бог, за неговите особини, за неговите морални мерила и за тоа како ние сме вклучени во неговата намера со Земјата. Затоа, Бог повеќе не им открива работи на луѓето преку соништа. За да ја дознаеме иднината и што очекува Бог од нас, нема потреба да ,одиме преку она што е напишано‘, односно она што е напишано во Библијата. Освен тоа, речиси сите луѓе можат да ја читаат оваа книга и да ги проучуваат информациите што Бог ни ги открил во неа, вклучувајќи и некои соништа.
Зошто можеш да имаш доверба во соништата и виденијата запишани во Библијата?
„Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Многу соништа и виденија кои се запишани во Библијата, всушност, биле пророштва, односно претскажувале идни настани. Дали овие пророштва се исполниле? Одговорот на ова прашање е многу важен, бидејќи ќе ни помогне да утврдиме дали сето она што го напишале писателите на Библијата навистина е од Бог или не. Да разгледаме еден пример — видението од Даниел 8:1-7, запишано непосредно пред падот на Вавилонското Царство.
Користејќи симболика, пророштвото зборува за еден овен и еден јарец. Даниел видел како јарецот го соборува овенот и го гази под нозете. Но, не морал да нагаѓа кое е значењето на тоа што го видел. Преку ангел, Бог му објаснил: „Овенот што го виде, кој имаше два рога, ги претставува царевите на Медија и Персија. Рунтавиот јарец го претставува царот на Грција“ (Даниел 8:20, 21). Историјата потврдува дека Медо-Персија го наследила Вавилон како светска сила. Околу два века подоцна, Александар Велики, царот на древна Македонија и Грција, ја поразил Медо-Персија. Ваквата неверојатна точност е обележје на библиските пророштва, а со тоа и на соништата запишани во Библијата. Овој факт ја издвојува Библијата од сите други свети книги и затоа таа ја заслужува нашата доверба.