ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА
На крај на силите — има ли помош?
АНИЛ бил на крај на силите. Нашол нова работа која му нудела престиж и поголема заработувачка. Но, на сметка на тоа морал да работи до доцна навечер, како и на викендите, понекогаш дури и до 80 часа седмично. Тој вели: „На работа беше лудница и целиот товар паѓаше на мене. Во еден момент си помислив: ‚Што направив? Ако не сменам нешто, готов сум‘“. Од ден на ден, Анил сѐ повеќе ја губел силата.
Исцрпеноста како последица од работата, или „синдромот на прегорување“ на работното место, не треба да се меша со умор или со секојдневниот стрес на работа. Симптоми на овој синдром се хроничен замор и силно изразени чувства на фрустрација и беспомошност. Оние што се во ваква состојба обично не наоѓаат задоволство во својата работа, губат мотивација и веќе не се толку продуктивни. Истражувањата покажуваат дека ваквата исцрпеност е причина за голем број емоционални и здравствени проблеми.
Што може да доведе до тоа да „прегориш“? Многу честа причина е преоптовареноста со работа. Поради економските притисоци, некои работодавци бараат од вработените да работат прекувремено, а понекогаш тоа не им го плаќаат доволно. Освен тоа, современата технологија овозможи на многу луѓе работата да им навлезе во приватниот живот. Други, пак, доаѓаат до степен на исцрпеност затоа што се плашат да не ја изгубат работата, немаат контрола над неа или се чувствуваат обесправено. Меѓу причините може да бидат и немањето јасни приоритети или недоразбирањата со колегите.
Човек може и сам да се доведе до степен да „прегори“ од работа. Во трката по пари и кариера, некои работат толку многу што работата им станува сѐ и ги исцрпува до крајни граници.
Што можеш да направиш ако и тебе работата ти ја црпи сета сила? Точно, можеби сметаш дека немаш никаква контрола над околностите и затоа мислиш дека не можеш да смениш ништо. Сепак, размисли за следниве четири чекори кои можат да ти помогнат. Можеби ќе видиш дека имаш повеќе опции отколку што си мислел.
1. РАЗМИСЛИ ШТО ТИ Е ВАЖНО ВО ЖИВОТОТ
Што ти е најважно во животот? Мнозина ќе речат семејството и здравјето. Но, овие работи најверојатно први ќе страдаат ако си „прегорел“.
Кога јасно знаеш што ти е важно во животот, полесно ќе донесуваш тешки одлуки и ќе бидеш поспремен да се откажеш од некои работи. На пример, можеби си свесен дека работата те исцрпува. Сепак, можеби си мислиш: ‚Не можам да најдам друга работа, а не можам ни да работам помалку, ми требаат пари!‘ Точно, на секој од нас му требаат пари. Но колку? И што си спремен да жртвуваш за да ги заработиш?
Во поглед на приоритетите, немој да се поведуваш по другите. На пример, ти и твојот работодавец најверојатно немате исти приоритети. Другите околу тебе можеби ќе одлучат да ја стават работата на прво место во животот, но тоа не значи дека и ти треба да го направиш истото.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „ДУРИ И КОГА НЕКОЈ ИМА ВО ИЗОБИЛСТВО, НЕГОВИОТ ЖИВОТ НЕ ПРОИЗЛЕГУВА ОД ОНА ШТО ГО ПОСЕДУВА“ (ЛУКА 12:15)
2. ПОЕДНОСТАВИ СИ ГО ЖИВОТОТ
За да го намалиш стресот и за да имаш повеќе време за она што навистина ти е важно, можеби ќе треба да размислиш да ја намалиш работата, да зборуваш со работодавецот да ти го олесни товарот на работа или да побараш друга работа. Што и да решиш, тоа веројатно ќе значи помалку средства и промена во начинот на живот. Но, ова е изводливо и можеби не е толку тешко како што ти се чини.
Денешното потрошувачко општество ја наметнува идејата дека колку повеќе имаме толку посреќни ќе бидеме. Но, реалноста е поинаква. Поедноставниот начин на живот може да ни донесе поголема слобода и задоволство. За да се подготвиш за таква промена, намали ги трошоците и штеди пари. Труди се да не влегуваш во долгови. Зборувај за ова со другите во семејството и замоли ги за поддршка.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „АКО ИМАМЕ ХРАНА, ОБЛЕКА И ПОКРИВ НАД ГЛАВАТА, СО ТОА ДА БИДЕМЕ ЗАДОВОЛНИ“ (1. ТИМОТЕЈ 6:8)
3. НАУЧИ ДА КАЖЕШ ‚НЕ‘
Ако на работа ти се наметнати нереалистични очекувања или се соочуваш со некој проблем, зборувај за тоа со работодавецот. Кога е можно, понуди решенија што ќе бидат прифатливи и за тебе и за него. Дај му на знаење дека сакаш совесно да си ја вршиш работата и објасни му што си спремен да направиш. Но, јасно и одлучно кажи му што не можеш да направиш.
Пробај однапред да согледаш на каква реакција ќе наидеш и биди реалистичен. Ако бараш од работодавецот да ти ги намали работните задачи, можеби тој ќе очекува да прифатиш помала плата. Очекувај последици, на пример, закана дека ќе ја изгубиш работата, и размисли што би рекол во таква ситуација. Имај на ум дека шансите да најдеш друга работа се поголеми додека сѐ уште си вработен.
Дури и ако се договорите со работодавецот колку ќе работиш, очекувај во иднина пак да се бара од тебе да работиш повеќе. Што може да ти помогне да не попуштиш? Држи се за она што сте се договориле. Така ќе имаш образ да го побараш истото и од работодавецот, односно и тој да се држи за договореното.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „КОГА ЌЕ РЕЧЕТЕ: ‚ДА‘, ТОА НЕКА ЗНАЧИ ‚ДА‘, А КОГА ЌЕ РЕЧЕТЕ: ‚НЕ‘, ТОА НЕКА ЗНАЧИ ‚НЕ‘“ (МАТЕЈ 5:37)
4. НАПОЛНИ СИ ГИ БАТЕРИИТЕ
Дури и кога на работа немаш некои големи проблеми, веројатно сепак имаш стресови, се соочуваш со незгодни луѓе и со непријатни ситуации. Затоа одморај се доволно и рекреирај се во разумна мера. Но, рекреацијата не мора да биде скапа за да уживаш во неа со семејството.
Најди си и некое хоби и дружи се со луѓе со кои не работиш заедно. Исто така, не дозволувај работата да те дефинира како личност. Зошто? Во книгата Парите или животот (Your Money or Your Life) пишува: „Многу поважно е каков човек си отколку каква работа имаш“. Ако работата ти влева чувство на самопочит и сметаш дека таа е мерило за тоа колку вредиш како личност, нема да ти биде лесно да ја ставиш во втор план.
БИБЛИСКО НАЧЕЛО: „ПОДОБАР Е ЕДЕН ГРСТ ОДМОР ОТКОЛКУ ДВА ГРСТА ТРУД И ТРЧАЊЕ ПО ВЕТАР“ (ПРОПОВЕДНИК 4:6)
Реално гледано, можеш ли да ги направиш потребните промени за да не „прегориш“ на работа? Да, можеш. Анил, кого го спомнавме на почетокот на статијата, го направил тоа. Тој вели: „Му се јавив на поранешниот работодавец и го замолив пак да ме прими на работа. Тој ми излезе во пресрет. Не ми беше сеедно да се појавам пред поранешните колеги затоа што кога ја најдов новата работа им велев дека ‚ми падна секирата во медот‘. Кога се вратив, и платата ми беше доста пониска. Но, најдов внатрешен мир, а имав и повеќе време за семејството и за други работи што навистина ми значат“.