ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА
Чистота
Дали на Бог му е важна нашата лична хигиена?
„Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“ (2. Коринќаните 7:1)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Нашиот Творец чувствува голема љубов кон нас. Тој сака да бидеме здрави и да живееме долг и исполнет живот. Бог вели: „Твоето срце нека ги држи моите заповеди, зашто ќе ти се намножат деновите и годините на живот и мир“ (Изреки 3:1, 2). Колку многу Бог ги сака луѓето се гледа од заповедите што им ги дал на Израелците, меѓу кои имало и конкретни санитарни мерки и упатства за хигиена (5. Мојсеева 23:12-14). Кога Израелците се придржувале за тие разумни барања, имале добро здравје и биле заштитени од болестите што ги погодувале другите народи кои немале такви возвишени закони, на пример, Египќаните (5. Мојсеева 7:12, 15).
Слично и денес, луѓето што ќе ‚се исчистат од секоја валканост на телото‘, во што спаѓаат и валканите навики како пушење, претерано пиење и користење дрога, го намалуваат ризикот од болести — и физички и ментални — како и ризикот од предвремена смрт. А со оглед на тоа дека обично не живееме изолирано од другите, кога се придржуваме за Божјите мерила за чистота, покажуваме обѕир и кон нив (Марко 12:30, 31).
Дали на Бог му се важни моралната и духовната чистота?
„Усмртете го она што е... во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст, лошата желба и лакомоста, која е идолопоклонство. Поради тоа доаѓа Божјиот гнев“ (Колошаните 3:5, 6)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Како што веќе беше кажано, Библијата нѐ поттикнува „да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“. Во времето на Исус Христос, многу луѓе, вклучувајќи ги и еврејските верски водачи, оделе во крајности во поглед на физичката чистота, но ги занемарувале моралните и духовните мерила (Марко 7:1-5). Нагласувајќи што е поважно, Исус рекол: „Не знаете ли дека човекот не може да го извалка ништо што однадвор влегува во него? Зашто, не му влегува во срцето, туку во стомакот, и излегува во нужникот“. Потоа додал: „Она што излегува од човекот, тоа го прави нечист. Зашто, однатре, од човечкото срце, излегуваат лоши мисли: блудства, кражби, убиства, прељуби, лакомства, злоба, измама, бесрамност, завидливо око... неразумност. Сите тие зла... го валкаат човекот“ (Марко 7:18-23).
Според зборовите на Исус, луѓето што одат во крајности во поглед на хигиената, а ги занемаруваат Божјите морални и духовни мерила се како чаша што однадвор е чиста, а однатре е валкана (Матеј 23:25, 26).
Дали библиските мерила се разумни?
„Љубовта кон Бог значи да се држат неговите заповеди, а неговите заповеди не се тешки“ (1. Јованово 5:3)
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:
Во Михеј 6:8 читаме: „Бара ли Јехова, твојот Бог, од тебе нешто друго, освен да постапуваш праведно, да ја сакаш добротата и скромно да одиш со него?“ Зарем ова не е разумно барање? Освен тоа, нашиот Творец сака да му бидеме послушни од љубов. Кога го правиме тоа, чувствуваме голема радост (Псалм 40:8). А кога ќе згрешиме, утеха ни е мислата дека нашиот Бог е милосрден. „Како што е таткото милосрден кон своите синови така Јехова е милосрден кон оние што се бојат од него. Зашто, тој добро ја познава нашата градба, си спомнува дека сме прав“, односно знае дека сме несовршени и имаме слабости (Псалм 103:13, 14).
Како заклучок можеме да кажеме дека од Божјите мерила за физичка, морална и духовна чистота се гледа неговата добрина и неговата љубов кон нас. Кога се држиме за тие мерила, ја покажуваме нашата мудрост и нашата љубов кон него.