Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

 ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Земја

Земја

Каква намера има Бог со Земјата?

„Вака вели Јехова... оној што ја обликува и ја направи земјата... и не ја создаде залудно, туку ја обликува за да биде населена“ (Исаија 45:18)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Мнозина тврдат дека Земјата настанала случајно. Некои религии учат дека Земјата е само привремено живеалиште каде што Бог ги испитува луѓето за да види дали заслужуваат да бидат наградени со живот на небото или да бидат осудени на вечно мачење во пекол.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата вели дека ‚Бог ги создал небото и земјата‘ (1. Мојсеева 1:1). На првиот брачен пар тој му рекол: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над... сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:28). Смртта се спомнува само во поврзаност со непослушноста (1. Мојсеева 2:17). Значи, Бог имал намера Земјата секогаш да биде населена со луѓе. Таа требало да се наполни со послушни луѓе кои ќе се грижат за неа и ќе живеат на неа засекогаш.

 Дали Земјата ќе биде уништена?

„Ја утврди земјата на нејзините темели; нема да се разниша довека, за сета вечност“ (Псалм 104:5)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Научниците имаат разни сценарија според кои Земјата ќе биде уништена или ќе стане непогодна за живот. Како можни ризици наведуваат природни катастрофи — на пример, удар на астероид или комета, супервулкани, умирање на Сонцето, глобално затоплување и слично — или катастрофи предизвикани од човек, како нуклеарна војна или биотероризам.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Божјата намера со Земјата не се сменила. Неговата Реч јасно вели: „Земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4). Освен тоа, таа секогаш ќе биде населена: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Поради верувањето дека Земјата ќе биде уништена, некои неконтролирано ги исцрпуваат нејзините природни богатства. Други, пак, изгубиле надеж за подобра иднина и живеат од денес за утре, а со тоа губат и смисла и цел во животот. Од друга страна, ако веруваме дека можеме вечно да живееме на Земјата, поголема е веројатноста да донесуваме одлуки кои ќе бидат за наше добро и за доброто на нашето семејство, и тоа засекогаш.

Дали небото е нашата крајна цел?

„Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16)

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Мнозина веруваат дека сите добри луѓе одат на небото.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Небото му припаѓа на Бог, а Земјата на човекот. Библијата зборува за „идната населена земја“ (Евреите 2:5, фуснота). Исус бил првиот човек кој отишол на небото, а Библијата кажува дека на небото ќе одат и одреден број луѓе со посебна цел. Тие, заедно со Исус, „ќе царуваат над земјата“ (Откровение 5:9, 10; Лука 12:32; Јован 3:13).

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Верувањето дека сите добри луѓе ќе одат на небото не е во склад со она што го кажува Библијата. Кога Бог би ги зел сите добри луѓе на небото, тоа би значело дека не успеал да ја оствари својата првобитна намера со Земјата и дека неговите ветувања во врска со вечниот живот на Земјата не се вистинити. Меѓутоа, Божјата Реч ветува: „Надевај се на Јехова и држи се за неговиот пат. Тој ќе те возвиши, и ти ќе ја поседуваш земјата“ (Псалм 37:34).