ПОГЛЕД ВО СВЕТОТ
Религијата во фокус
Религијата би требало да ги обединува луѓето. Меѓутоа, премногу често таа е извор на судири и недоверба.
Свет
Повеќе од три четвртини од светското население живее во земји во кои има значителни религиозни ограничувања — наметнати од државата или, пак, од општеството. Пред скоро време, само за период од пет години, бројот на земјите во кои дошло до насилни инциденти врз религиозни малцинства речиси двојно се зголемил.
РАЗМИСЛИ: Од кои различни причини некои луѓе не ја сакаат религијата? (Матеј 23:27, 28; Јован 15:19).
Англија
Поранешниот премиер Тони Блер за весникот Observer пишува дека „злоупотребата на религијата“ е најчестиот мотив за терористичките напади во последниве години. Тој додава: „За разлика од 20 век, воените конфликти денес не се резултат главно на екстремна политичка идеологија. Во овој век, војните се водат поради културни и верски разлики“.
РАЗМИСЛИ: Зошто религијата толку често е причина за поделби? (Марко 7:6-8).
Австралија
Според бирото за статистика на Австралија, секој петти Австралиец тврди дека не е припадник на ниту една религија. Според извештајот, „дури и да припаѓаш на некоја религија не значи дека и активно учествуваш во неа“. Само 15 отсто од мажите и 22 отсто од жените кои припаѓаат на некоја религија велат дека активно учествуваат во нејзините активности.
РАЗМИСЛИ: Кои негативни карактеристики се очигледни кај голем број религии денес? (Матеј 7:15-20).