ПОГЛЕД ВО СВЕТОТ
Азија во фокус
Азија е најнаселениот континент во светот. Само во Кина и Индија живее повеќе од една третина од светското население. Со какви предизвици се соочуваат луѓето во азиските земји?
Знаењето ги штити децата
Според кинеските експерти по право, децата се изложени на поголем ризик да станат жртви на злоупотреба ако родителите не ги поучуваат за сексуалните односи. Од 2010 до 2013 год., обвинителите во Кина воделе околу 8.000 случаи на сексуална злоупотреба на деца. Еден професор по право на Универзитетот Пекинг Нормал вели дека децата „се ранлива група и лесно стануваат мета на сексуалните напасници“. Тој додава: „Поучувањето на децата има клучна улога во спречување на сексуалното малтретирање“.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Мудрите родители ги поучуваат своите деца како да се заштитат „од човек што кажува изопачени работи“ (Изреки 2:1, 10-12).
Зголемена смртност по ураганите
Според едно истражување на Филипините, просечниот број на женски новороденчиња кои умираат истата година откако удрил ураган е за 15 пати поголем од бројот на лицата кои го губат животот додека трае самиот ураган. Можните причини за тоа се невработеноста по невремето, трошоците за санирање на штетата и начинот на кој се распределуваат средствата наменети за потребите на женските новороденчиња. Во овие потреби се вклучени исхраната и здравствената нега.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Зарем не треба да го поделите својот леб со гладните и да ги примите страдалниците и бездомниците во својата куќа? И ако видите гол човек, зарем не треба да го покриете?“ (Исаија 58:7).
Самоубиства меѓу постарите во Јужна Кореја
Во 2011 год., повеќе од четвртина од самоубиствата во Јужна Кореја беа извршени од луѓе на возраст од 65 години па нагоре. Некои истражувачи велат дека причините за тоа се промената на ставовите во врска со грижата за постарите и економските проблеми — речиси 50 отсто од постарите Јужнокорејци живеат во релативна сиромаштија. Повеќе од половина од луѓето во Јужна Кореја сметаат дека децата не треба да им помагаат во финансиски поглед на остарените родители.
ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: „Почитувај ги татка си и мајка си“ (Ефешаните 6:2).