Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Прељуба

Прељуба

И покрај тоа што повеќето ја сметаат верноста во бракот за доблест, прељубата и понатаму е причина за раздор во многу семејства.

Што е прељуба?

ШТО ВЕЛАТ ЛУЃЕТО:

Во некои култури сексуалните односи надвор од бракот, особено од страна на мажот, не се сметаат за нешто погрешно. Освен тоа, некои не гледаат на бракот како на доживотна врска.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Кога во Библијата се зборува за прељуба, се мисли на доброволен сексуален однос меѓу лице што е во брак и друго лице кое не е негов сопружник (Јов 24:15; Изреки 30:20). За Бог, прељубата е нешто одвратно. Во древниот Израел, оној што ќе извршел прељуба се казнувал со смрт (3. Мојсеева 18:20, 22, 29). Освен тоа, Исус им заповедал на своите ученици да не вршат прељуба (Матеј 5:27, 28; Лука 18:18-20).

ЗОШТО Е ВАЖНО ОВА:

Оние што прават прељуба го прекршуваат заветот што му го дале на својот сопружник и му грешат на Бог (1. Мојсеева 39:7-9). Прељубата може да им нанесе голема болка на децата и да ги раздвои од родителите. Исто така, во Библијата пишува дека „Бог ќе им суди... на прељубниците“ (Евреите 13:4).

„Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста“ (Евреите 13:4)

Дали со прељубата се прекинува бракот?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Библијата дозволува едно лице да му стави крај на бракот доколку неговиот брачен другар направи прељуба (Матеј 19:9). Тоа значи дека сопружникот кој бил изневерен има право да одлучи дали да остане со својот брачен другар или да се разведе од него. Ова е лична одлука (Галатите 6:5).

Од друга страна, во Божји очи бракот е света врска која треба да трае до крајот на животот (1. Коринќаните 7:39). Бог мрази кога некој ќе се разведе од својот брачен другар од безначајни причини, на пример, само затоа што не е задоволен од него. Затоа, треба сериозно да се размисли пред да се донесе ваква одлука (Малахија 2:16; Матеј 19:3-6).

„А јас ви велам: секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, ја наведува на прељуба“ (Матеј 5:32)

Дали прељубата е непростлив грев?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Не. Од Библијата дознаваме дека Бог покажува милост кон оние што се каат за своите гревови — вклучувајќи ја и прељубата (Дела 3:19; Галатите 5:19-21). Всушност, Библијата зборува за мажи и жени кои порано вршеле прељуба, но се смениле и се зближиле со Бог (1. Коринќаните 6:9-11).

Бог покажал милост и кон Давид, кој бил цар на древниот Израел. Давид извршил прељуба со жената на еден од заповедниците на неговата војска (2. Самоилова 11:2-4). Библијата ни кажува дека ‚она што го направил Давид било зло во очите на Јехова‘ (2. Самоилова 11:27). Откако бил строго прекорен, Давид се покајал и Бог му простил. Сепак, морал да ги пожнее горките последици од своите постапки (2. Самоилова 12:13, 14). Мудриот цар Соломон подоцна рекол: „Кој прави прељуба... безумен е“ (Изреки 6:32).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ:

Ако си направил прељуба, треба да го молиш Бог да ти прости и да побараш прошка од сопружникот (Псалм 51:1-5). Научи да ја мразиш прељубата исто како што ја мрази Бог (Псалм 97:10). Биди решен да не гледаш порнографија, да не фантазираш за неморални работи, да не флертуваш и да не правиш нешто што би можело да те доведе во ситуација да покажеш интерес за некој друг што не ти е сопружник (Матеј 5:27, 28; Јаков 1:14, 15).

Ако си бил изневерен од својот брачен партнер, биди уверен дека Бог многу добро знае како се чувствуваш (Малахија 2:13, 14). Моли го да ти пружи утеха и водство, и „тој ќе те поткрепи“ (Псалм 55:22). Ако одлучиш да простиш и да го зачуваш бракот, и ти и твојот сопружник ќе мора да вложите голем труд за повторно да ја зацврстите вашата врска (Ефешаните 4:32).

Откако Давид се покајал затоа што направил прељуба, пророкот Натан му рекол: „Јехова ти го прости гревот“ (2. Самоилова 12:13)