СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?
Бактерии кои се хранат со нафта
ВО 2010 год. во Мексиканскиот Залив се излеаја речиси 800 милиони литри нафта откако една нафтена платформа експлодира и потона. Сепак, неколку месеци по несреќата голем дел од штетните супстанции исчезнаа. Како е можно такво нешто?
Размисли: Истражувањата покажаа дека во морето има бактерии кои можат да го разложат долгиот синџир на молекули на јаглерод што ги содржи нафтата. Професорот Тери Хејзен, кој е микробиолог, ги опишал овие микроорганизми како „ловци на нафта“. Овие бактерии имаа голем удел во прочистувањето на водите во Мексиканскиот Залив.
Во еден извештај на Би-би-си беше кажано следново: „Логично е во морињата да има микроорганизми кои се хранат со нафта бидејќи веќе со еони нафтата по природен пат излегува од океанското дно“.
Човечките напори во чистењето на нафтените дамки даваат добри резултати. Но, понекогаш од нив може да има повеќе штета отколку корист. Хемиските распрскувачи ги нарушуваат природните процеси со кои се разложува нафтата. Освен тоа, хемикалиите се отровни и имаат долготрајни штетни последици врз околината. Од друга страна, кога морето само ја разградува нафтата, при што важна улога имаат микроорганизмите кои се хранат со нафта, се избегнуваат негативните последици од вештачките методи за чистење. *
Што мислиш? Дали бактериите кои можат да ја разградуваат нафтата настанале по пат на еволуција или се дело на мудар Творец?
^ пас. 6 Сѐ уште е рано да се каже какви долгорочни последици ќе има врз живиот свет во морето поради несреќата во Мексиканскиот Залив.