Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Три прашања што луѓето сакаат да му ги постават на Бог

Три прашања што луѓето сакаат да му ги постават на Бог

СУЗАН сакала да му постави прашања на Бог уште кога имала седум години. Нејзиното другарче Ал, кое имало девет години, било примено во болница поради детска парализа и морало да лежи во воздушна комора. Животната приказна на Сузан излезе во весникот Њујорк Тајмс од 6 јануари 2013 год.

Откако го посетила Ал во болницата, Сузан ја прашала мајка си: „Зошто Бог би му направил такво нешто на едно мало дете?“

Мајка ѝ ѝ одговорила: „Свештеникот веројатно би кажал дека Бог си има свои причини, ама јас не знам кои би можеле да бидат тие“.

Две години подоцна, во 1954 год., станала достапна вакцината за детска парализа која ја открил Џонас Салк. Мајка ѝ на Сузан ѝ кажала дека можеби Бог му помогнал да дојде до ова откритие.

Сузан ѝ одговорила: „Бог требало многу порано да им помогне на докторите да најдат лек за да не мора Ал да биде во воздушна комора“.

Сузан го завршила своето искуство со следниве зборови: „[Ал] почина по осум години, а јас дотогаш веќе бев тврдокорен атеист“.

Слично на Сузан, многу луѓе кои доживуваат или се сведоци на некоја трагедија не успеваат да најдат задоволувачки одговори на своите прашања за Бог. Некои од нив станале атеисти, а други не тврдат категорично дека не постои Бог, но имаат многу сомнежи.

Атеистите и скептиците можеби порано биле дел од некоја религија. Но, токму поради нивното лошо искуство со религијата, најчесто престануваат да веруваат во Бог. Тие сметаат дека религиите не можат да им дадат одговор на најважните животни прашања. Кои се тие прашања? Интересно е дека тоа се обично истите прашања што ги имаат луѓето кои тврдат дека веруваат во Бог. Да разгледаме три прашања што многумина би сакале да му ги постават на Бог и да видиме каков одговор ни дава Библијата.

1. „ЗОШТО ГИ ДОЗВОЛУВАШ СТРАДАЊАТА?“

Зошто луѓето сакаат да го дознаат одговорот на ова прашање?

Многумина мислат: ‚Ако Бог нѐ сака, не би дозволил да страдаме‘.

РАЗМИСЛИ: Можеби сме зачудени, па дури и шокирани, од обичаите и навиките на луѓето од некој друг народ. Затоа, лесно би можеле погрешно да ги протолкуваме нивните постапки. На пример, луѓето во некои култури го сметаат гледањето во очи за знак на искреност, а во други култури го сметаат за непочитување. Не би било во ред да ги осудуваме ниту едните ниту другите. Наместо тоа, би било убаво подобро да ги запознаеме за да разбереме зошто постапуваат на одреден начин.

Слично на тоа, треба подобро да го запознаеме Бог за да ги разбереме неговите постапки. Поради тоа што не ја знаат причината за страдањата, многумина заклучиле дека Бог не постои. Но, други се уверени дека тој постои затоа што подобро го запознале и дознале зошто ги дозволува страдањата.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Божјите мисли и патишта се разликуваат од нашите (Исаија 55:8, 9). Поради тоа, можеби не ни е јасно зошто Бог постапува на одреден начин или зошто чека толку време за да му стави крај на страдањето.

Сепак, Библијата не ни дава бесмислени одговори на нашите прашања во врска со Бог, како на пример „Чудни се Божјите патишта“. Наместо тоа, таа нѐ поттикнува да дознаеме повеќе за Бог и ни помага да разбереме зошто и кога постапува на одреден начин. * Исто така, ни кажува и дека можеме да се зближиме со него (Јаков 4:8).

2. „ЗОШТО ВО РЕЛИГИИТЕ ИМА ТОЛКУ МНОГУ ЛИЦЕМЕРИЕ?“

Зошто луѓето сакаат да го дознаат одговорот на ова прашање?

Некои луѓе мислат: ‚Ако Бог ја сака искреноста, не би имало толку многу лицемерие меѓу оние што тврдат дека му служат‘.

РАЗМИСЛИ: Замисли си дека еден син не го следи добриот пример на својот татко и си заминува од дома за да живее распуштено. Иако таткото не го одобрува неговото однесување, му дозволува сам да избере како ќе си го живее животот. Дали некој што ќе го сретне синот со право може да заклучи дека има лош татко или дека воопшто нема татко? Секако дека не. Слично на тоа, лицемерието во религиите покажува дека Бог им дозволува на луѓето сами да одлучат како ќе живеат.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Бог го мрази лицемерството во религиите (Еремија 7:29-31; 32:35). Сепак, тој им дал на луѓето слободна волја. Многумина кои тврдат дека веруваат во Бог живеат според моралните мерила што самите си ги поставиле и според верските учења што ги измислиле луѓето (Матеј 15:7-9).

Од друга страна, во религијата што Бог ја одобрува нема лицемерие. * Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). Љубовта меѓу христијаните ‚не треба да биде лицемерна‘ (Римјаните 12:9). Но, во многу религии нема таква љубов. На пример, за време на геноцидот што се случи во Руанда во 1994 год., илјадници луѓе кои припаѓаа на истата религија се убиваа меѓу себе само затоа што потекнуваа од различни племиња. Спротивно на тоа, Јеховините сведоци не учествуваа во овој судир и многу од нив си го ризикуваа животот за да ги заштитат своите соверници, но и некои луѓе кои не беа дел од нивната религија. Ваквата самопожртвуваност е доказ дека е можно да постои религија во која нема лицемерие.

3. „ЗОШТО СМЕ ТУКА?“

Зошто луѓето сакаат да го дознаат одговорот на ова прашање?

Некои мислат: ‚Зошто луѓето живеат само 80 или 90 години и потоа умираат? Која е смислата на еден толку краток живот?‘

РАЗМИСЛИ: Дури и многу луѓе што не веруваат во Бог признаваат дека мора да има причина за сложеноста и редот што постојат во вселената. Тие сфаќаат дека нашата планета, месечината и другите планети се поставени на точно одредено место за да може да постои живот на Земјата. Освен тоа, сметаат дека природните закони кои владеат во вселената се во совршен склад и дека, дури и ако малку се наруши тој склад, на Земјата нема да постојат услови за живот.

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА: Иако голем број луѓе мислат дека нашиот релативно краток животен век е доказ дека Бог не постои, природата ни дава безброј докази дека тој постои (Римјаните 1:20). Сите свои творби Бог ги создал со конкретна намера. Тоа важи и за луѓето. За да знаеме зошто сме тука, мора да ја разбереме неговата намера. Тој ги создал луѓето за да живеат засекогаш на Земјата, и ветува дека ќе ја исполни таа намера (Псалм 37:11, 29; Исаија 55:11).

Точно е дека природата ни открива дека Бог постои. Таа ни открива и некои од неговите особини. Сепак, Бог сака да дознаеме која е неговата намера на еден друг начин. Тој самиот сака да ни ја каже својата намера и смислата на нашето постоење. Тоа го прави преку Библијата, на многу едноставен и јасен начин. * Јеховините сведоци те поттикнуваат да ги побараш одговорите што се запишани во неа.

^ пас. 17 За да дознаеш зошто Бог ги допушта страдањата, види го поглавје 11 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com/mk.

^ пас. 23 Нешто повеќе можеш да дознаеш од поглавје 15 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com/mk.

^ пас. 29 За повеќе информации, види го поглавје 3 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.pr418.com/mk.