СВЕТ ВО ХАОС
2 | Мудро ракувај со парите
ЗОШТО Е ВАЖНО
Многу луѓе секој ден мака мачат да врзат крај со крај. За жал, поради хаосот во светот, таа секојдневна борба станува сѐ потешка. Зошто?
-
Кога некои подрачја се погодени од разни проблеми, животните трошоци знаат да рипнат — вклучувајќи ги и цените на храната и домувањето.
-
Кризните ситуации може да доведат до поголема невработеност или намалување на платите.
-
Во природните несреќи може да бидат оштетени или уништени деловни објекти, домови или друг имот, поради што мнозина запаѓаат во сиромаштија.
Што треба да знаеш
-
Ако мудро ракуваш со парите, ќе може полесно да опстанеш кога ќе дојде до некоја криза.
-
Имај на ум дека работите може да се сменат преку ноќ, и приходите, заштедата и другите поседи може да ја изгубат вредноста.
-
Некои работи не се купуваат со пари, како, на пример, среќа и сложно семејство.
Што можеш да преземеш уште сега
Во Библијата пишува: „Ако имаме храна, облека и покрив над главата, со тоа да бидеме задоволни“ (1. Тимотеј 6:8).
Да бидеме задоволни значи да правиме разлика помеѓу она што би сакале да го имаме и она што навистина ни е потребно. Ова е особено важно ако имаме ограничени средства.
За да бидеш задоволен со она што го имаш, можеби ќе треба да направиш некои промени во стилот на живеење. Ако сакаш да живееш над своите можности, ќе западнеш во финансиски проблеми.