Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што знаеш за Јеховините сведоци?

Што знаеш за Јеховините сведоци?

Можеби нѐ имаш видено додека зборуваме со луѓето за Библијата. Можеби си читал за нас во весниците или си слушнал нешто од другите. Но, дали точно знаеш кои се Јеховините сведоци?

ПРОВЕРИ КОЛКУ ЗНАЕШ

Пред секоја изјава обележи точно или неточно.

ТОЧНО НЕТОЧНО

  1. Јеховините сведоци се христијани.

  2. Јеховините сведоци се креационисти.

  3. Јеховините сведоци не прифаќаат медицинска нега.

  4. Јеховините сведоци ја прифаќаат целата Библија.

  5. Јеховините сведоци го користат само нивниот превод на Библијата.

  6. Јеховините сведоци ја измениле Библијата за да одговара на нивните верувања.

  7. Јеховините сведоци се изолираат од општеството.

  8. Јеховините сведоци ги потценуваат луѓето од другите религии.

Одговорите можеш да ги најдеш на следните страници.

  1. 1 ТОЧНО. Се трудиме во сѐ да ги следиме учењата и постапките на Исус Христос (1. Петрово 2:21). Меѓутоа, во некои работи се разликуваме од другите религии што се нарекуваат христијански. На пример, од Библијата сме дознале дека Исус е Божји Син, а не дел од тројство (Марко 12:29). Не веруваме дека душата е бесмртна, дека Библијата дава основа да се верува дека Бог вечно ги мачи луѓето во пекол или дека оние што предводат во верските активности треба да имаат некакви титули што ги издигнуваат над другите (Проповедник 9:5; Езекиел 18:4; Матеј 23:8-10).

  2. 2 НЕТОЧНО. Веруваме дека Бог создал сѐ, но не се согласуваме со оние кои веруваат во креационизам. Зошто? Бидејќи многу од идеите на креационизмот не се во согласност со Библијата. На пример, некои тврдат дека шесте дена на создавање траеле буквално по 24 часа. Но, зборот „ден“ во Библијата може да се однесува на долг временски период (1. Мојсеева 2:4; Псалм 90:4). Освен тоа, некои креационисти велат дека Земјата постои само неколку илјади години. Но, Библијата покажува дека Земјата и универзумот постоеле долго пред да започнат шесте дена на создавање 1 (1. Мојсеева 1:1).

  3. 3 НЕТОЧНО. Ние прифаќаме медицинска нега. Всушност, некои од Јеховините сведоци се лекари, како што бил и Лука, христијанин од првиот век (Колошаните 4:14). Но, не прифаќаме лекување што се коси со начелата од Библијата. На пример, не прифаќаме трансфузија на крв затоа што во Библијата е забрането да се прима крв (Дела 15:20, 28, 29).

    Сепак, се трудиме да го добиеме најдоброто можно лекување и за нас и за нашето семејство. Всушност, тоа што медицината разви бескрвно лекување со цел да им се помогне на пациентите Јеховини сведоци сега е од корист за сите во општеството. На пример, во многу земји секој пациент може да одлучи да ги избегне ризиците од трансфузија на крв, како што се болестите што се пренесуваат преку крв, реакциите на имунолошкиот систем и човечките грешки.

  4. 4 ТОЧНО. Веруваме дека целата Библија е ‚вдахновена од Бог и корисна‘ (2. Тимотеј 3:16). Тоа ги вклучува и Стариот и Новиот завет, како што обично се нарекуваат. За овие делови од Библијата ние обично ги користиме термините Хебрејски списи и Христијански грчки списи. На тој начин, не оставаме впечаток дека некои делови од Библијата се застарени или небитни.

  5. 5 НЕТОЧНО. Во нашето проучување на Библијата користиме многу преводи. Сепак, на јазиците на кои е достапен, најмногу го цениме Преводот Нов свет, бидејќи во него се користи Божјето име и бидејќи е точен и јасен. Да ја земеме за пример употребата на Божјето име, Јехова. Во воведот на еден библиски превод, наведени се имињата на 79 луѓе кои на некој начин придонеле за неговото излегување. Сепак, испуштено е името на самиот Автор — Јехова Бог. За разлика од тоа, Преводот Нов свет го врати Божјето име на илјадници места, каде што стоело и во оригиналниот текст. 2

  6. 6 НЕТОЧНО. Секогаш кога сме сфатиле дека некое наше верување не е во целосен склад со Библијата, сме го смениле нашето гледиште. Пред да почнеме да го печатиме Преводот Нов свет во 1950 год., долго време користевме други достапни преводи на чиј темел ги изградивме нашите верувања.

  7. 7 НЕТОЧНО. Нашата служба им користи на многу луѓе во општеството. Досега сме им помогнале на многумина да се откажат од некои штетни навики како, на пример, од зависност од дрога и алкохол. Часовите за описменување што ги организираме низ целиот свет им помагаат на илјадници луѓе да научат да читаат и да пишуваат. Исто така, помагаме кога ќе се случи некоја природна катастрофа, така што им пружаме практична помош и на оние што се Јеховини сведоци и на оние што не се. Се трудиме да дадеме и емоционална и духовна поддршка која е потребна во такви тешки времиња. 3

  8. 8 НЕТОЧНО. Ние се придржуваме за библискиот совет да ‚го почитуваме секого‘, без оглед на неговите верски убедувања (1. Петрово 2:17). На пример, во некои земји има стотици илјади Јеховини сведоци. Сепак, не се обидуваме да им извршиме притисок на политичарите или на законодавците со цел да ги ограничат или да ги забранат активностите на другите религии. Исто така, не спроведуваме кампањи за да воведеме закони со кои ќе им ги наметнеме нашите морални и верски убедувања на другите. Наместо тоа, покажуваме толеранција каква што би сакале и другите да покажуваат кон нас (Матеј 7:12).

Оваа статија содржи информации земени од нашата интернет-страница, jw.org/mk. За да дознаеш нешто повеќе, кликни на ЗА НАС > НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА.

^ 1. Од таа причина, за разлика од некои креационисти, ние не ги оспоруваме веродостојните научни истражувања што покажуваат дека Земјата можеби постои милијарди години.

^ 2. Преводот Нов свет се разликува по уште една карактеристика: не се наплаќа. Како резултат на тоа, милиони луѓе можат да ја читаат Библијата на својот мајчин јазик. Преводот Нов свет моментално е достапен на околу 130 јазици. Може да се чита и онлајн на www.pr418.com/mk.

^ 3. Еден начин на кој ги користиме доброволните прилози е за помош на оние што се погодени од природни катастрофи (Дела 11:27-30). Бидејќи тоа дело го извршуваат неплатени доброволци, издвоените пари се користат исклучиво за да им се помогне на настраданите, а не за административни трошоци.