Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПАТОТ ДО СРЕЌАТА

Простување

Простување

„ДОДЕКА РАСТЕВ, ДОМА СЕ СЛУШАА САМО НАВРЕДИ И ВИКОТНИЦИ“, вели Патриција. „Не научив да простувам. Дури и како возрасна, со денови се измачував поради некоја навреда и не спиев како што треба.“ Се разбира, ако животот ни е исполнет со лутина и огорченост, нема да бидеме ни среќни ни здрави. Истражувањата покажуваат дека луѓето што не простуваат...

  • дозволуваат лутината и огорченоста да им ги нарушат односите со другите, што води до осаменост

  • лесно се навредуваат, вознемируваат, па дури и паѓаат во депресија

  • толку се концентрираат на некоја навреда што не можат да уживаат во животот

  • чувствуваат немир бидејќи постапуваат спротивно на она што знаат дека е исправно

  • се под поголем стрес и имаат поголем ризик од заболувања, вклучувајќи висок крвен притисок, срцеви заболувања, артритис, главоболки и слично *

ШТО ЗНАЧИ ДА ПРОСТИШ? Да простиш значи повеќе да не чувствуваш лутина, огорченост или желба за одмазда кон оној што ти згрешил. Но, тоа не значи дека го одобруваш она што се случило, дека ја намалуваш сериозноста на грешката ниту, пак, дека се правиш како ништо да не било. Наместо тоа, простувањето е личен избор, добро промислена одлука поттикната од љубов и желба да градиш мир и да бидеш во добри односи со другиот.

Исто така, кога простуваш, покажуваш разбирање. Оној што простува сфаќа дека секој човек греши и со зборови и со постапки (Римјаните 3:23). Затоа, во Библијата пишува: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Колошаните 3:13).

Простувањето е важен аспект на љубовта, која совршено поврзува (Колошаните 3:14). Според интернет-страницата на клиниката Мајо, простувањето придонесува да имаме...

  • подобри односи со другите и сочувство и разбирање кон оној што ни згрешил

  • подобро ментално здравје и чиста совест пред Бог

  • помалку стрес, грижи и чувства на омраза

  • помалку симптоми на депресија

ПРОСТУВАЈ СИ СЕБЕСИ. Според едно списание, иако е најтешко да си простиме сами на себе, тоа е најважно за нашето ментално и физичко здравје (Disability & Rehabilitation). Што може да ти помогне да си простиш?

  • Не очекувај совршенство од себе, туку прифати го фактот дека ќе правиш грешки, како и сите други (Проповедник 7:20).

  • Учи од своите грешки за да не ги правиш одново и одново.

  • Биди стрплив со себе — некои карактерни црти и лоши навики нема да се сменат преку ноќ (Ефешаните 4:23, 24).

  • Дружи се со пријатели кои се позитивни и љубезни, но кои ќе бидат искрени со тебе (Изреки 13:20).

  • Ако повредиш некого, признај го тоа и брзо извини се. Кога градиш мир со другите, ќе бидеш во мир и со себеси (Матеј 5:23, 24).

БИБЛИСКИТЕ НАЧЕЛА ДАВААТ РЕЗУЛТАТИ

Откако почнала да ја проучува Библијата, Патриција, која ја цитиравме на почетокот, научила да простува. „Се ослободив од лутината која многу ми го отежнуваше животот“, напишала таа. „Повеќе не се измачувам, а не им го загорчувам животот ни на другите. Библиските начела се доказ дека Бог нѐ сака и ни го мисли најдоброто.“

И еден човек по име Рон почувствувал внатрешен мир кога почнал да ги применува библиските начела. Тој вели: „Не можам да ги контролирам мислите и постапките на другите, ама можам да ги контролирам моите. Сфатив дека, за да имам мир, не треба да држам лутина. Почнав да гледам на мирот и на огорченоста како на север и југ — не можам во исто време да бидам и таму и таму“.

^ пас. 8 Извори: Интернет-страниците на Џонс Хопкинс и клиниката Мајо, како и списанието Social Psychiatry and Psychiatric Epidemiology.