Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПАТОТ ДО СРЕЌАТА

Здравје и приспособливост

Здравје и приспособливост

НЕКОЈ ХРОНИЧЕН ЗДРАВСТВЕН ПРОБЛЕМ ИЛИ ИНВАЛИДИТЕТ МОЖЕ ПОТПОЛНО ДА СМЕНИ НЕЧИЈ ЖИВОТ. Откако останал парализиран, Улф, кој дотогаш бил физички активен и здрав човек, рекол: „Станав многу депримиран. Ги изгубив и силата и храброста... Се чувствував здробено“.

Тоа што му се случило на Улф нѐ потсетува дека никој нема целосна контрола над здравјето. Сепак, можеме да преземеме одредени мерки за да си го зачуваме. Но, што ако здравјето сѐ повеќе ни се влошува? Дали со тоа сме осудени на несреќен живот? Апсолутно не. Но нешто повеќе за тоа ќе видиме подоцна. Најпрво да разгледаме неколку совети и начела за подобро здравје.

БИДИ „УМЕРЕН ВО СЀ“ (1. Тимотеј 3:2, 11). Ако имаме навика да се прејадуваме и да се препиваме, тоа лошо ќе ни се одрази врз здравјето, а и врз џебот! „Не биди меѓу оние што се опиваат со вино, ниту меѓу оние што лакомо јадат месо. Зашто, пијаницата и изедникот осиромашуваат“ (Изреки 23:20, 21).

НЕМОЈ ДА СИ ГО ТРУЕШ ТЕЛОТО. „Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот“ (2. Коринќаните 7:1). Луѓето си го валкаат телото со тутун, со дрога и со злоупотреба на алкохол. Според Американскиот центар за контрола и превенција на болести, пушењето „предизвикува болести и хендикеп и го оштетува речиси секој орган во телото“.

ГЛЕДАЈ НА ЖИВОТОТ И НА ТЕЛОТО КАКО НА СКАПОЦЕНИ ДАРОВИ. „Преку [Бог] имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела 17:28). Ако го цениме животот како дар од Бог, нема да се изложуваме на непотребни ризици, сеедно дали на работа, кога возиме или се рекреираме. За малку адреналин не вреди цел живот да останеш во количка!

КОНТРОЛИРАЈ ГИ НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА. Нашиот ум и нашето тело се тесно поврзани. Затоа, немој да бидеш претерано загрижен, труди се да не избувнуваш, немој да завидуваш и избегнувај други негативни емоции. Во Псалм 37:8 пишува: „Отфрли го гневот и остави ја лутината“. Во Библијата исто така стои: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи“ (Матеј 6:34).

ТРУДИ СЕ ДА МИСЛИШ НА ПОЗИТИВНИ РАБОТИ. „Мирното срце е живот за телото“, пишува во Изреки 14:30. Исто така, Библијата вели дека „веселото срце дејствува добро како лек“ (Изреки 17:22). И медицината потврдува дека тоа е вистина. Еден доктор од Шкотска вели: „Ако си среќен, поверојатно е дека во иднина ќе имаш помалку здравствени проблеми од оние што не се среќни“.

БИДИ ПРИСПОСОБЛИВ. Исто како Улф, кого го спомнавме на почетокот, понекогаш се соочуваме со долготраен здравствен проблем, и немаме друг избор освен да истраеме. Сепак, многу е важно на кој начин истрајуваме. Некои сосема се разочарале, а тоа само може да ги влоши работите. Во Изреки 24:10 пишува: „Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила“.

Од друга страна, некои успеваат да застанат на нозе иако отпрвин биле во очај. Тие се приспособуваат на новите околности и наоѓаат начин да се носат со проблемот. Тоа било случај со Улф. Откако многу се молел и размислувал за надежта од Библијата, почнал да гледа „прилики наместо препреки“. Освен тоа, како и многу други кои имаат тешки проблеми, Улф сфатил колку е важно да се биде сочувствителен. Тоа го поттикнало да им ја пренесува на другите утешната порака од Библијата.

Ни Стив немал лесен живот. На 15 години паднал од дрво и останал парализиран од вратот надолу. Кога имал 18 години, можел повторно да ги користи рацете. Тогаш се запишал на факултет, и за кратко време почнал да пие, да се дрогира и да живее неморално. Немал никаква надеж. Но, тоа се сменило кога почнал да ја проучува Библијата. Таа му помогнала да гледа поинаку на животот и да престане со лошите навики. „Повеќе не чувствував празнина како порано“, вели тој. „Сега животот ми е исполнет со мир, среќа и задоволство.“

Изјавите на Стив и на Улф нѐ потсетуваат на Псалм 19:7, 8, каде што пишува: „Јеховиниот закон е совршен, ја крепи душата... Јеховините наредби се исправни, го веселат срцето, Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите“.